Во организација на институтот за наука, алтернатива, култура и уметност „Инаку“ од Скопје, денеска почнува со реализација проектот „Запознајте ги кинеските приказни и бајки“. Оваа иницијатива, поддржана од Амбасадата на Кина во нашата земја, ќе се реализира во текот на целата година.
Преку Конкурс за најдобри литературни и ликовни творби, како и преку литературни и ликовни работилници – учениците од основните училишта творечки и креативно ќе се запознаваат со кинеските народни приказни и бајки, а за најдобрите литературни и ликовни творби младите и талентирани автори ќе добијат признанија и ќе бидат наградени со книги и ликовен прибор.
Покрај кинеските приказни и бајки, во текот на оваа година, институтот „Инаку“ ќе го продолжи и оствари проектот „Запознајте ги светските приказни и бајки“ и со приказните и бајките од другите земји од Балканот, Европа и од светот.
Почетната свеченост и првите литературни и ликовни работилници ќе се одржат во ОУ „Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево во Скопје, а на свеченоста ќе присуствува и кинескиот амбасадор Џан Ѕуо.