Од творештвото на писателот Киро Донев

Одвреме-навреме Филипа знае многу чудни прашања да поставува.
Сакал-нејќел, тогаш дедо ѝ во небрано „заглавува“.
Тоа вам сигурно неверојатно ќе ви звучи. Ама токму такво нешто и денес се случи!
Од постела штом стана палавката наша, се стрча кај дедо ѝ и пред сите го праша:
– Животните и птиците во шумата, дедо, и тие ли Велигден го празнуваат? И дали и нивните дечиња на празникот, како нас исто му се радуваат?
Добриот дедо својата внука никогаш не ја растажува. Прашањето го збуни, ама сепак почна да ѝ раскажува:
– Да, денес, уште рано, само што пукна зората, шумскиот поштар, зајакот – ваква вест разнесе низ гората:
„Велигден е на прагот! Ајде, шумски свете, велигденски јајца да вапсате и да наберете здравец цвете“!
Ранобудната верверичка прва веста ја слушна. Ги разбуди своите дечиња, ги погали и ги гушна… Потоа ја зеде кошничката и скокајќи од гранка на гранка, појде да побара јајца од сосетката фазанка… А зајачицата, сноп здравец дома довлече и своите три палави дечиња празнично ги облече…
Дури тогаш зајакот гласник на врвот од ридот појде.
Сѐ е подготвено – викна гласно – Велигден може да дојде!


Што се случува во мај

И денес од Филипа се наслушав сешто.
Дедо – рече гласно – ќе те прашам нешто. Ама, те молам, не лути се, прости… што се случува, знаеш ли, кога мај ни е на гости?
Дедото се најде како риба в тава. Се подзамисли молкум, чешкајќи се по глава.
Леле, внучке – призна – ќе пукнам од срам… Одговорот на прашањето, навистина не го знам. Чинам, умов веќе не ме служи, чедо… Што се случува, ај кажи му, ти на дедо!
Внуката на тоа му одговори вака:
– Ќе ти кажам – му рече – зашто многу те сакам! За сево ова во мај што се случува, да знаеш дедо дека пролетта одлучува!
Таа им наредува на цвеќињата да цветаат.
Пчелките и пеперутките насекаде да летаат. Сите билки и тревки наесен што се свенати, ене види веќе – пак се раззеленети!
И птиците преселнички, пак назад ни се вратија. Баба Марта и Априлко со песни ги испратија. А сега на луѓето весело им пеат, додека во градините копаат, плеват, сеат…
Уште многу нешта се случуваат во мај. Затоа е толку убав секој наш крај!
Внуката му објаснува, а дедото слуша и трае.
Да одиш во градинка, дедо – му рече – и ти сѐ ќе знаеш!

(Од книгата „Дарко во ЗОО-паркот“)