Кампот е дел на проектот „Хуманко“, а се одржа со помош на Клубот на млади на Црвен крст – Карпош од Скопје и овозможи 28 деца и 17 волонтери да научат што значат хуманост, еднаквост, непристрасност…

Хумана страница: Реализиран летниот камп „Сите сме исти 3“ во Струга

Клубот на млади на Црвениот крст на општинската организација Карпош, Скопје, по третпат, успешно го реализира летниот камп „Сите сме исти 3“, како дел од активностите на проектот „Хуманко“. Неговата цел е подобрување на социјализацијата, поддршка во учењето, превентивна едукација и намалување на социјалната ранливост на 45 деца и млади, меѓу кои деца и млади со попреченост, со тешкотии во учењето, како и од еднородителски семејства, од социјално загрозени семејства и деца со типичен развој.
Кампот се одржа од 27 јули до 5 август, во автокампот „Ливадиште“ во Струга, а опфати вкупно 52 лица, од кои 28 деца и млади од целната група, 17 волонтери од Клубот на млади и седум родители од Клубот на родители. Учесниците беа сместени во камп-населба од 15 шатори. За планирање и организација на летниот камп на волонтерите им беа потребни два месеца, период во кој беа завршени сите потребни подготовки за непречена реализација на кампот. Волонтерите храбро, истрајно, посветено, со многу љубов учествуваа во подготовките и реализацијата. Беа остварени 2.687 волонтерски часови, 20 работни средби, 100 деловни телефонски разговори, подготовка и достава на 60 дописи за поддршка, 500 километри извозени за собирање на потребните ресурси. Во обезбедувањето на потребните услуги и производи се вклучија 70 донатори (државни институции, приватни компании, физички лица).
Тимот за имплементација на летниот камп „Сите сме исти 3“ можеби не го смени животот, ниту пак помогна за решавање на животното прашање на едно дете или семејство, но овозможи 28 деца и 17 волонтери да научат што значат хуманост, еднаквост, непристрасност. Волонтерите научија и осознаа кои се придобивките кога нешто правиш само од љубов и единствена цел ти е нечија насмевка, додека учесниците осознаа дека постои и друга страна освен сивото секојдневие, дека постои средина каде што сите се прифатени, дека постои средина каде што никој не ја врти главата настрана кога не му се допаѓа другарчето, дека за проблемите се разговара, дека хигиената е најважна, дека со три оброци на ден на стомачето му е убаво и, најважно, дека секој може да згреши и секој има право да се смее, да се дружи, да се забавува, да пее и да игра.

Камп-населба со 15 шатори

Кампот „Сите сме исти 2022“ се реализира во периодот од 27 јули до 7 август, при што на 27 и 28 јули се реализира техничката подготовка за кампот, од 19 јули до 5 август се реализира кампот со присуство на целната група, а на 6 и 7 август се собираше и пакуваше камп-населбата.
Беше поставена камп-населба составена од 15 шатори, кои беа организирани како шатори за сместување на целната група и волонтерите, шатор за опрема, магацин за храна и хигиена, шатор-трпезарија и кујна. Учесниците беа групирани во групи со одговорни волонтери и исто така сместени во шатори.

ДНЕВНА РУТИНА

Како секаде, така и камп-населбата имаше свои правила истакнати на инфотаблата, како и дневен план со активности за секој ден од кампот. Дневните активности беа во согласност со програмата за текот на еден ден, чиј редослед се почитуваше од почетокот до крајот на патувањето, утринско будење со музика, утринска хигиена, утринска гимнастика, топол чај, појадок, подготовка за на плажа, активности на плажа и во вода, подготовка за ручек, одмор на учесниците, попладневни активности на плажа и во вода, туширање, вечерна прошетка низ кампот, вечера, забавна активност (кино, забава, роденден итн.).

АКТИВНОСТИ

Еден од најинтересните периоди во текот на денот е времето за активности. Со планирана соодветна програма за реализација на едукативно-забавни и спортско-рекреативни активности, учесниците преку широк спектар од игри градеа чувство за самодоверба, чувство за почит кон другите, чувство за одговорност и, најважно од сѐ, тимски дух и активна комуникација. На овој камп учесниците градеа и чувство на припадност. Без осуда и дискриминација, без наведнати мали глави и вперени туѓи погледи.
Учесниците имаа можност да учествуваат во најразлични активности, како претурање вода со чаши, игри со балони со вода, готвење слатки, не лути се човече, играње со песок, возење со чамец, боење специјално подготвени боенки, цртање по слободен мотив, кршење пињата, логорски оган, спортско-рекреативна игра – полигон и многу други активности.

СЕКОЈ СО СВОИ ОБВРСКИ

На кампот секој учесник, од најмлад до најстар, имаше свои одредени задачи и одговорности што требаше да ги прави за време на кампот, а со тоа да придонесе за непречен тек на кампот. Со ваквиот пристап кон реализирање на обврските, учесниците имаа можност да развијат чувство за одговорност, исполнителност, истрајност, почит, толеранција. Имаа можност да стекнат основни камперски вештини и да практикуваат здрави животни навики, како здрава исхрана, соодветна лична и општа хигиена, правилен тек на дневната рутина, правилно користење на слободното време. Со самото практикување, тие всушност промовираа здраво и активно живеење.
Учесниците се стекнаа со нови вештини потребни за секојдневниот живот, стекнаа нови информации од секојдневниот живот, градеа меѓусебна доверба, ја поттикнаа и зацврстија својата самодоверба, стекнаа и изградија нови пријателства, се забавуваа. Имаа можност да го развиваат тимскиот дух, култура на дијалог, меѓусебно разбирање.

Еднодневна екскурзија Охрид – Свети Наум

Освен активностите, учесниците имаа можност да прошетаат во градот Охрид и да го посетат манастирскиот комплекс Свети Наум. Учесниците имаа можност да ги видат културно-историските знаменитости, да дознаат повеќе информации за нив, да ручаат, да се освежат со пијалак, да се дружат. Превозот од Охрид до Свети Наум беше реализиран со брод, активност што беше интересна за учесниците. Некои од нив првпат имаа можност да пловат со брод.

Јане Неделковски
Стручен соработник за програмско работење


Блазе мајка што го роди

Многу мудри ќе ви речат:
– Направете добри дела,
засадете брези млади,
наберете бели ради,
букет шарен, китки ретки.
Дарувајте росно цвеќе –
убав збор и насмев среќен.

Ќе чуете понекогаш:
-Оставете јасна трага,
тргни камен што те глоцка,
на неправда стави точка,
дарувај ја твојата рака,
на оној што има мака.

Кога времето ќе каже
тој ни дари светла надеж,
ни ублажи силни болки,
би подари ѓердан школки,
-Блазе мајка што го роди! –
тој ќе може да нѐ води!

Стојан Арсиќ


Сонце за сите

Да ги избркаме маглите и облаците
и чадот кренат од оџаците
и насекаде да биде речено:
сонцето има да грее непречено.

Сончевите зраци ги чека
рипчето в езеро, река.
Сонце му треба на ќосето црно
на мравчето,
на житното зрно.

Сонце му треба на славејчето да пее,
сонцето треба и бубалките да ги згрее,
сонцето им треба на нивите,
на сливите,
на смреките,
на реките,
на ливадите,
на зградите,
на прозорците,
на луѓе, на птици, елки и борови,
по шуми, полиња, долови и дворови.

Сонцето и на поетот му треба
во сончева песна да го стави
и убавината на светот да ја слави.

Глигор Поповски