Фото: м-р Кузман Клековски

Со проектот ќе бидат опфатени голем број деца во Македонија, а планирано е, освен во Скопје, промоции да се организираат и во училиштата во Охрид, Битола, Тетово и во Штип

Во ОУ „Рајко Жинзифов“ во скопската населба Драчево, изградено како подарок од Кина, во вторникот, во присуство на неговата екселенција Џанг Ѕуо, амбасадор на НР Кина во Македонија, директорот Горанчо Јакимов и учениците и наставниците на ова големо и современо училиште, во кое учат над 400 деца, почна со реализација проектот „Запознајте ги кинеските приказни и бајки“. Оваа иницијатива ќе опфати голем број деца во Македонија, во организација на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) од Скопје, а во соработка со Амбасадата на НР Кина во нашата земја.
По претставувањето на проектот од страна на Лидија Размоска Тримовска, уредничка во Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) од Скопје, и по обраќањето на писателот Христо Петревски, првиот човек на институтот, почнаа со работа две работилници, литературна и ликовна. Креативните ученици добија весници „Нова Македонија“ со неделниот додаток „Колибри“ и се договоривме за идна соработка.


– Oвој проект ќе трае во текот на целата 2024 година, а планирано е, покрај во Скопје, да биде организиран и во училиштата во Охрид, Битола, Тетово и во Штип. Притоа, ќе бидат претставени најубавите кинески бајки, а нивното претставување ќе се врши преку: избор на најубави кинески бајки, преведување на бајките и потоа објавување во електронска и печатена книга, презентирање на бајките (ќе се организираат групи работилници во училиштата, во кои бајката ќе се претстави со читање, раскажување, илустрирање, драматизација и слично), разговор за бајките, интерактивни работилници и средби, на кои преку бајките на непосреден начин децата и учениците би ги надградиле своите когнитивни способности и знаења за Кина, обид и самите деца да напишат продолжение на конкретната бајка или за поуката од неа, да ја илустрираат, но и да подготват заедничка драматизација. Целта на овие работилници со децата и учениците е потребата од запознавање, поврзување и обединување на културите, цивилизациите, традициите, обичаите, спецификите и позитивните искуства. Децата и учениците на овој начин ќе ги засакаат бајките од различните култури и земји, бидејќи сите ние се залагаме за свет без граници – вели м-р Лидија Размоска Тримовска, уредничка во Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) од Скопје.
Најубавите цртежи и творби напишани од учениците ќе бидат наградени на посебна церемонија и заедно со кинеските бајки ќе бидат публикувани во посебни изданија – илустрирани книги во вид на големи сликовници.
Во денешниот број објавуваме неколку цртежи и раскази што во текот на работилницата во ОУ „Рајко Жинзифов“ ги создадоа учениците. М.Т.

И „Колибри“ беше дел од промоцијата на проектот
„Запознајте ги кинеските приказни и бајки“

Господин Донг Гуо и волкот од местото Џонгшан

Откако се разделил со селанецот, Донг Гуо го продолжил патот кон местото Џонгшан. Одејќи по патот повторно го сретнал стрелецот и му ја раскажал случката со волкот. Кога слушнал стрелецот дека за влакно му избегал волкот, му се налутил на Донг Гуо.
Во тој момент слушнале вресок и молба за помош. Стрелецот и Донг Гуо се погледнале меѓу себе. Се прашувале од каде доаѓа звукот. Тргнале длабоко во шумата и го виделе волкот како во устата држи мало зајаче. Кога видел Донг Гуо не можел да поверува. Малото зајаче со натажени очи, полни со страв, во стрелецот гледало спас. Тогаш Донг Гуо сфатил дека згрешил што му помогнал на волкот да избега од стрелецот. Затоа му рекол на стрелецот да го убие волкот, за да го спаси малото зајаче. Стрелецот ја вперил стрелата кон волкот и во тој момент се случило чудо. Волкот го спуштил малото зајаче на земјата и погледнал кон стрелецот и кон Донг Гуо. Тој сфатил дека тоа што го прави не е во ред. Повторно почнал да ги моли да му го поштедат животот. Но овој пат и самиот Донг Гуо се замислил како да го казни волкот. Го фатиле и го обесиле на дрвото. Волкот ги молел да го ослободат, но сепак решиле да го остават, за да ја сфати грешката.
Утрото отишле да го видат волкот во шумата и го прашале дали ја научил лекцијата. Тој почнал да плаче и ги молел да му простат за грешката што ја направил, но тие сепак ја загубиле довербата. Се погледнале в очи и одлучиле дека секој во животот треба да си ги плати грешките.
Поука: Во животот никому не треба да му се верува докрај.

Напишала : Андреа Патникоска, 4-б одделение, ОУ „Рајко Жинзифов“-Драчево, инспирирана од една кинеска бајка