Литературно катче

Градот убав пак ќе никне,
среде песни в дружен фат,
пак ко сонце цел ќе бликне,
како топол нежен кат.

Скопје младост ти ќе бидеш,
Скопје ти ќе бидеш цвет,
и ќе бидеш израз свиден,
на сè братско в овој свет.

Покрај Вардар ќе се крене,
ќе го буди детски вик,
и ќе брои ново време, радост ќе му краси лик.

Скопје младост ти ќе бидеш,
Скопје ти ќе бидеш цвет,
и ќе бидеш израз свиден
на сè братско в овој свет.

Текст: Бошко Смаќоски
Музика: Александар Џамбазов

Песна за Скопје

На нашата татковина тој е главен град
во него сака да живее и стар и млад.
Срцето на Балканот тука го наоѓам
мирољубив народ во него пронаоѓам.

Низ бурните векови тој преживеал
војни, земјотреси и поплави тој доживеал.
Сите тие оставиле свои траги
тоа го знаат неговите куќни прагови.

Камениот мост раце пружа кон два дела
така неговата територија е цела.
Сводовите негови Вардар го скротуваат
граѓани по кејот се разонодуваат.

На музејот застанат часовник стои
тој не може веќе време да брои.
Времето на кобниот час го покажува
на луѓето за ужасот им раскажува.

Старата скопска чаршија сите ги дружи
многу нешта на секого може да пружи.
По калдрма на сокаци тесни се излегува
тука култура и минато се негува.

Калето историјата негова ја чува
во ѕидовите стари кога ветерот дува.
Каде и да погледнам убавина милна
тој ми подарува топлина и љубов силна.

Симона Ивановска, 9-2 одделение
ООУ „Ѓорче Петров“ – Скопје
(Од книгата „Јас и мојот град“ на фондацијата „Никола Кљусев“)

Градот Скопје

Вардар ја краси
Твојата лика
А Водно е наша
најубава слика.
Камен до каменa
Убав мост рамен.
Тврдината Кале
Ѕидовите се збрале.
Чаршијата стара
Златни занаети собрала.
Природата на Матка
воздишка е слатка,
Пештери и тајни
За цел свет се знајни.
Камбаните ѕвонат
Златни звуци ронат.
Кули, анови, амами
Народи од многу страни
На едно место збрани.

Јана Домовска, 4-1 одделение
ОУ „Живко Брајковски“ – Скопје
(Од книгата „Јас и мојот град“ на фондацијата „Никола Кљусев“)

Скопје

Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче – чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е – зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто – молчам)
но видовит и јасен.
И знај:
јас сетив дека овој повик мој
е најсмел заграб во иднината,
со твојот дух е преграб, јас би рекол,
и како остра секавица сече
век по век тој,
и вика, клика, рика:
Мисли на мене!

Блаже Конески
(Од збирката „Лирски записи“)


Александар Џамбазов

(Стапар, 3 февруари 1936 – Скопје, 25 јануари 2022) е познат македонски
диригент и композитор, великан на
современата македонска музика. Тој е еден од основоположниците и на
фестивалот на детската песна
„Златно славејче“, каде што првпат беше изведена неговата „Песна за Скопје“, на текст на Бошко Смаќоски, а подоцна и неговата песна
„Дојди во Скопје“.
– Јас сум дел од „Златно славејче“ веќе 30 години и химна на фестивалот беше и ќе биде „Песна за Скопје“ или „Градот убав“, како што е попозната на маестро Александар Џамбазов, која за многумина е и симбол на нашиот убав град. Прекрасно е да се види како на отворањето на секој фестивал плескаат детските рачиња во салата додека славејчињата пеат „Градот убав пак ќе никне…“. На фестивалот имавме и други песни за нашата метропола. Така, „Скопје е мојот град“ на композиторот Томислав Таневски на текст на Орце Зафировски ја испеа Вејчеслав Поповски, а во 2017 година Александар Митевски, кој е и автор, и Бени Шакири со славејчињата ја
испеаја „Скопје граду мој“ – вели Бобан
Јосифовски, првиот човек на фестивалот „Златно славејче“.
Освен песната што стана симбол на Скопје, во пресрет на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, објавуваме и две песни од книгата „Јас и мојот град“ што ја објави фондацијата „Никола Кљусев“ и песна за нашата метропола што ја напишал Блаже Конески.