Фото: ЕПА

ПОГЛЕД ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ЛА МАНШ

Соседите велат дека нема да ги примат одбиените мигранти и го прогласуваат планот на Берлин за запирање на бранот баратели на азил и на исламистичкиот тероризам за закана за слободното движење

Воведувањето строги контроли од страна на Германија на сите нејзини копнени граници за сузбивање на миграцијата и „исламистичкиот тероризам“ предизвика гнев кај нејзините европски соседи, кои не сакаат да прифатат мигранти што Берлин ќе ги одврати.
Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, од борбената Социјалдемократска партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц, во понеделникот објави дека од 16 септември ќе бидат спроведени построги ограничувања низ копнената граница на Германија долга 3.700 километри. Планот што ќе трае шест месеци пред да биде оценет и што ќе им овозможи на властите да одбијат повеќе мигранти директно на германските граници, претставува значително проширување на контролите воведени минатата година на границите на Германија со Полска, Чешка и со Швајцарија. Сега, границите со Данска, Холандија, Белгија, Луксембург, Франција и со Австрија исто така ќе бидат предмет на ограничувања. Драстичниот потег на германската влада е првпат да се воспостават контроли на сите граници на земјата од создавањето на шенген-зоната во 1990-тите години.

Многу европски земји поддржуваат построги ограничувања на границите низ ЕУ за да се спречи миграцијата во блокот. Но тие се помалку воодушевени од објавата на Германија дека ќе почне да ги враќа мигрантите во соседните нации. Австриските власти веќе објавија дека нема да примат мигранти што Берлин се обидува да ги врати преку граница без официјален договор.
– Таму нема простор за маневрирање. Му наредив на шефот на федералната полиција да не дозволи никакво враќање. Австрија нема да прифати никакви лица одбиени од Германија – изјави министерот за надворешни работи на Австрија, Герхард Карнер за „Билд“.

ГЕРТ ВИЛДЕРС ГИ ПОЗДРАВИ МЕРКИТЕ НА БЕРЛИН

Полскиот премиер Доналд Туск ги критикуваше мерките како „неприфатливи“,
велејќи дека неговата земја ќе се консултира со другите засегнати нации.
– Овој вид акции се неприфатливи од гледна точка на Полска. Наместо поголема контрола на нашата граница, на Полска ѝ треба поголемо учество на земјите, вклучувајќи и на Германија, во чувањето и обезбедувањето на надворешните граници на Европската Унија – рече Туск во Варшава.

Чешкиот печат во меѓувреме објави дека новите гранични политики претставуваат закана за Шенгенскиот договор и принципите на слободно движење во Европа.
Сепак, не сите сојузници на Германија во ЕУ реагираа гневно на објавата, при што холандскиот политичар од цврстата десница Герт Вилдерс го пофали потегот на Берлин и им рече на новинарите „колку побрзо ќе биде спроведен, толку подобро“, кога беше прашан за граничната контрола.

Поранешната канцеларка Ангела Меркел, која во 2017 година изјави дека исламот „не е извор на тероризам“, ги отвори границите на земјата за над милион баратели на азил во 2015 година. Овој потег, кој внесе многу раздор, беше пофален од многумина либерални коментатори како морално праведна и хуманитарна политика и беше критикуван како опасен и кусоглед од поконзервативните гласноговорници.
Но растечките тензии околу бројот на мигрантите што влегуваат во земјата со 84 милиони луѓе секоја година достигнаа преломна точка откако владата на канцеларот Олаф Шолц автоматски им даде азил на околу милион Украинци што бегаат од војната што изби во 2022 година – дури и кога Германија се бореше низ енергетска и економска криза.

Неволјите продолжија во 2023 година, кога нето-бројките за миграција изнесуваа околу 250.000, а оваа година СПД беше принудена да се соочи со ова прашање по серијата насилни напади извршени од исламисти. Берлин минатата година договори построги правила за депортација и најави построга контрола на копнените граници со Полска, Чешка и со Швајцарија. Шолц потоа во јуни објави дека властите ќе продолжат да протеруваат осудени криминалци од авганистанска националност во нивната матична земја, за првпат откако талибанците се вратија на власт во 2021 година.

Приливот на мигранти третиран како хибриден напад

Овие ограничувања доведоа до 30.000 вратени мигранти од октомври 2023 година и се чинеше дека имаа забележително влијание врз голем број барања за азил во Германија, при што владините статистики истакнаа пад од 21,7 отсто од јануари до август оваа година.

Но построгите контроли што треба да се воведат следната недела веќе ги налутија Австрија и Полска, при што повеќе европски земји веројатно ќе заземат сличен став доколку германските власти почнат да поднесуваат формални барања за тие да вратат значителен број баратели на азил и мигранти. Мигрантите што бегаат од Сирија, Авганистан и од Ирак обично преминуваат во Турција и ja преплавуваат Европа преку Балканот, придвижувајќи се кон Источна и Централна Европа преку она што е познато како источен медитерански коридор.

Австрија, Чешка и Полска се меѓу најчестите „транзитни“ земји за мигрантите и барателите на азил што патуваат во Германија. Полска е една од земјите на источното крило на ЕУ, која се справува со миграцискиот прилив што го опиша како „хибриден“ напад.
Од летото 2021 година, илјадници мигранти и бегалци, главно од Блискиот Исток, ја преминале или се обиделе да ја преминат границата меѓу Белорусија и Полска. Варшава ја обвини Москва дека шверцува луѓе од Африка во Европа, испраќајќи ги на полската граница преку Белорусија. Потегот на Германија може да се соочи и со правни предизвици доколку издржи повеќе од шест месеци.

Според правилата на ЕУ, на земјите во шенген-зоната им е дозволено да воведат гранични проверки само како последно средство за да се спречат заканите за внатрешната безбедност или јавната политика. Берлин ѝ кажа на Европската комисија дека привремените мерки се оправдани поради „постојаното високо оптоварување на Германија“ и „заштитата на внатрешната безбедност од актуелните закани од исламистички тероризам и прекуграничен криминал“.

На крајот на минатиот месец, германскиот полициски синдикат објави дека учеството во Шенгенскиот договор уште повеќе ја влошува безбедносната криза во Германија и мора веднаш да се напушти, натрупувајќи притисок врз борбената СПД. Мануел Остерман, заменик-федерален претседател на сојузната полиција, во интервју за магазинот „Фокус“ поттикна жестока осуда на шенген, без влакна на јазикот.
– Кризата во безбедноста на Германија е директна последица на неефикасните политики на шенген. Неспособноста на шенген ефикасно да управува со миграцијата ја доведе безбедноста на Германија во прашање. Германија мора да го сфати сегашниот неуспех на шенген или да направи заеднички напори да се врати на сегашната правна ситуација или да го прекине шенгенот – заклучи Остерман, посочувајќи на зголемената стапка на криминал во Германија, за која тврди дека е влошена со миграциската криза.