Чувството на солидарност со Украина почнува да се губи и не само во Германија

Украинскиот конфликт ја промени Европа. Земјите се здружија – некои побавно или поневолно од другите, но сепак покажаа единство со воведувањето невидени санкции против Русија

Дали ќе издржи европското единство во втората година од конфликтот

Ненадејната посета на Џо Бајден на Украина е впечатливо покажување солидарност и намерно моќна порака до Москва додека Киев се подготвуваше да ја одбележи мрачната и крвава една година од почетокот на конфликтот. Украинската влада беше разбирливо воодушевена што го виде американскиот претседател, но еден коментар особено се истакна. Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Мелник, го прослави, како што рече, „присуството на нивниот важен, главен партнер“.

Нели главниот партнер требаше да биде Европа?

Украинскиот конфликт го врати конвенционалното војување на европскиот континент на размери што не се забележани од Втората светска војна. За првпат по Студената војна, можноста за нуклеарен напад се дискутира како реална можност, колку и да е далечна.
Конфликтот беше јасен потсетник за Европејците, дури и за францускиот претседател Макрон, кој вообичаено е отворен поборник за „стратегиската автономија“ на Европа дека во однос на одбраната, континентот не може сам да се грижи. Тој не ги поседува парите, војската, оружјето и обединетата решителност во споредба со САД. Меѓутоа, Кремљ ги потцени Европејците пред една година. Сметаше дека се слаби и целосно поделени, со тоа што секоја земја-членка гледа само на своите краткорочни придобивки.
Украинскиот конфликт ја промени Европа. Земјите се здружија, некои побавно или поневолно од другите, но сепак покажаа единство со воведувањето невидени санкции против Русија. Првичните црвени линии на западните сојузници постојано се кршеа додека тие се здружуваа за да испратат сè помоќно оружје за да ѝ помогнат на Украина. Како што војната сега постепено влегува во втората година, тоа единство, колку и да е несовршено, сè уште постои, иако се појавуваат знаци на јавно несогласување, од повеќе причини.

Германија

Иако најголемата европска економија видно не успеа да одигра водечка улога во кризата во Украина, Германците ја нарекуваат војната нивна „пресвртница“. Тие ги отворија вратите за околу милион бегалци и ја трансформираа повоената одбранбена политика за да му помогнат на Киев. Заедно со другите европски сојузници, лидерите на Германија се согласија да испратат тешко оружје, ракетни фрлачи и неодамна престижните тенкови „леопард 2“ за да ѝ помогнат на Украина да се бори против руските сили.
Но чувството на солидарност почнува да се губи и не само во Германија. За разлика од прогласите на европските политички лидери, 48 отсто од јавноста сака брз крај на непријателствата, дури и ако тоа значи дека Украина треба да ѝ предаде дел од својата територија на Русија. Сепак, ова не значи дека речиси секој втор Европеец се подготвува да ѝ сврти грб на Украина. Меѓутоа, додека војната продолжува, гледиштата остро се разликуваат за тоа колку сакаат нивната земја сè уште да биде вклучена, по која цена за нив, нивното семејство или нивните бизниси или ризикот за кој некои аналитичари шпекулираат дека војната може да „ескалира“ надвор од Украина, па дури и да вклучи нуклеарни напади. Исто така, се разликуваат и ставовите на Европејците до кој степен тие мислат дека Русија треба да биде потисната или казнета.
Исцрпеноста од војна е секако нешто со кое Украинците сè повеќе мора да се борат, без разлика дали се бегалци што бараат сместување или политичари во Киев, кои се обидуваат да добијат поголема воена поддршка. Донациите за бегалците опаднаа за неверојатни 95 отсто од почетокот на конфликтот што, веројатно, кај Германците се должи на тоа што се одвлечени од влијанието на кризата со трошоците за живот, поврзана со конфликтот.

Италија

Италија, како и Германија, порано беше многу зависна од рускиот гас, пред Европската Унија (ЕУ) да воведе санкции за Москва. Енергетската криза силно ја погоди државата. Според анкетите, половина од Италијанците не сакаат да испраќаат повеќе оружје во Украина. Само 26 отсто велат дека поддржуваат повеќе санкции против Русија, доколку тие би го поскапеле животот. Истата студија сугерира дека овој став во Франција е 27 отсто.
Ваквите размислувања се далеку од силната поддршка за НАТО и воената помош за Украина што ја застапуваат италијанската премиерка Џорџа Мелони или францускиот претседател Макрон. Сомнежите кон САД и кон НАТО, како и отвореноста кон рускиот наратив, се нешто што често се среќава во Италија. Иако некои делови од италијанската индустрија се погодени од високите сметки за енергија, сепак многу работници не сакаат да ја обвинат Москва. На италијанските ставови влијаеше и фактот што толку многу бизниси традиционално имаат силни врски со Русија, а Москва добро го знае тоа.

Балтичките земји

Губењето на бизнисите и инвестициите овде на никаков начин не се смета за пречка за цврстата линија против Москва и јавното мислење во огромно мнозинство, кое е во корист на силната поддршка на Украина. Малата Естонија троши повеќе од еден отсто од својот БДП за воена помош за Киев. Балтичките земји се сметаат за едни од најагресивните или најтврдокорни нации во Европа кога станува збор за справување со Русија. Полска и Велика Британија имаат сличен став, а Холандија не заостанува зад нив.
Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур посочи дека руската инвазија на 24 февруари 2022 година особено одекнала во неговата држава, бидејќи се совпаднала со Денот на независноста на Естонија. Естонија, Летонија и Литванија беа по власта на Советскиот Сојуз речиси 50 години пред да се распадне. Како географски соседи на Русија, тие живеат во постојан страв дека повторно ќе бидат нападнати. Како членки на ЕУ и на НАТО, балтичките земји се задоволни што другите западни земји сега ја гледаат Русија како стратегиска закана за цела Европа, наместо да ги отфрлаат како „регионално прашање“ плановите на Кремљ за Украина и потенцијално повторно да го потврди своето влијание врз другите соседи. Перспективата на западноевропските лидери за Русија сега дефинитивно се промени.
Поради оваа причина, ЕУ сега го насочува своето внимание, иако критичарите тврдат недоволно, кон Молдавија и Грузија, па дури и до Ерменија и Азербејџан. И затоа балтичките земји се опишуваат себеси како влезната врата на Европа. Тие долго време го повикуваа Западот да ги зајакне за да го заштити континентот од амбициозната Русија. Затоа, присуството на НАТО во регионот е масовно зголемено.