Околу 41 милион жители на САД зборуваат шпански јазик, а нивниот број постојано се зголемува. Сепак, во земјата има мало но гласно движење што
постојано бара ограничување на ширењето на шпанскиот јазик

Ова е земја во која се зборува на англиски јазик. Затоа, мора да зборувате англиски јазик. Вака честопати зборуваше Доналд Трамп за време на својата претседателска кампања во САД во 2016 година. Тогашниот претседателски кандидат таквиот став го искористи за да им угоди на некои од приврзаниците, но и како стратегија против некои свои политички противници во трката за номинација на Републиканската партија. Негова посебна цел беше ривалот и поранешен гувернер на Флорида, Џеб Буш, кој понекогаш се изразуваше на шпански јазик. Цврстиот став на Трамп кон имиграцијата се исплатеше меѓу припадниците на гласачкото тело што го делат неговото мислење дека во САД мора да зборувате англиски јазик. Сепак, барањето на Трамп нема правна основа, бидејќи САД немаат службен јазик.

Разни видеа на социјалните мрежи покажуваат луѓе како критикуваат други луѓе затоа што зборуваат шпански јазик на јавни места. Пораката на овие видеа е јасна. Ако сте во една земја, мора да го зборувате „нејзиниот“ јазик.
Ваквите напади обично не се насочени против туристите, кои, на пример, зборуваат холандски, француски или италијански. Тие обично се насочени против луѓето што зборуваат шпански и кои поради својата работа или едноставно поради физичкиот изглед се класифицирани како имигранти.
– Овие реакции против луѓето што зборуваат шпански веројатно не се нови. Но Трамп ги разгоре чувствата што порано не се изразуваа толку често јавно – вели Хајди Бејрих од Јужниот центар за истражување сиромаштија (СПЛК).

СПЛК ги следи групите што шират омраза во САД, кои ги дефинира како секоја организација што, врз основа на нејзините официјални изјави и принципи, изјавите на нејзините лидери или активности, има верувања или практики преку кои напаѓа или малтретира цела група луѓе, обично поради нивните непроменливи карактеристики. Во таа смисла, СПЛК ги квалификува како групи што шират омраза неколку организации за кои смета дека се насочени против имигрантите, како што е, на пример, Федерацијата за американска реформа на имиграцијата или Центарот за студии за имиграција со седиште во Вашингтон. Исто така, на нивната листа е и „Проинглиш“, која се залага англискиот јазик да биде прогласен за официјален јазик на САД.

Сите тие беа создадени во изминатите децении од Џон Тантон, бел американски ултрадесничарски националист, кој почина во јули годинава. Тантон основа најмалку 12 антиимигрански организации, од кои шест се посочени како групи што шират омраза од СПЛК. „Проинглиш“ е една од главните организации што го туркаат движењето „Само англиски“, познато и како движење „Англиски на прво место“ или „Службен англиски“. Дел од официјалната платформа на „Проинглиш“ наведува: „Во плуралистичка нација како нашата, функцијата на владата треба да биде да ги негува и поддржува сличностите што нѐ обединуваат, наместо да ги институционализира разликите што нѐ делат“. Организацијата ги фокусира своите напори на лобирање за да ги убеди законодавците и јавноста од потребата англискиот да се прогласи за службен јазик на сите нивоа во државата.

Покрај тоа, групата повикува на прекин на двојазичното образование во корист на програмите за ширење на англискиот јазик во американските јавни училишта. „Проинглиш“ на својата веб-страница тврди дека „мора да се почитува правото на употреба на други јазици“, но групата е критикувана од многумина, кои сметаат дека нејзината агенда е дискриминаторска.
– Тие се внимателни да бидат „проанглиски“, а не „антишпански“. Но јасно е дека нивната идеологија е расистичка, посочувајќи го англискиот како симбол на културното наследство на САД, кога оваа земја никогаш не била проект само на англиски јазик – вели Бејрих од СПЛК.
Членовите на таквите организации тврдат дека немаат ништо против луѓето што зборуваат други јазици освен англискиот, но сметаат дека имигрантите што знаат англиски јазик се поуспешни и можат да имаат подобра иднина во САД. Тие исто така сметаат дека трошоците за превод во државните служби би можеле да бидат инвестирани во други работи.

Дискусијата за англискиот како службен јазик во САД не е нова. Во 1753 година, основачот на САД, Бенџамин Френклин, стравуваше дека сѐ побројните имигранти со германско потекло ќе го направат англискиот јазик – јазик на малцинствата. Во почетокот на 20 век, американскиот претседател Теодор Рузвелт изјави дека во САД има простор само за еден јазик само, а тоа е англискиот. За време на движењето за граѓански права во 1960-тите, Конгресот на САД донесе неколку закони со кои на граѓаните им се гарантира пристап до основните јавни документи и на други јазици, освен на англиски. Но, во исто време, движењата за англискиот јазик се интнензивираа.

Во моментот, англискиот јазик е официјален во 32 американски сојузни држави. Во суштина, тоа значи дека владите на тие држави треба да ги нудат сите свои информации и документации на англиски јазик. Но истовремено, сојузните државни се должни да дадат информации на други јазици кога станува збор за проблеми поврзани со здравјето или со јавната безбедност.
Што се однесува до федералната влада, сите обиди да се прогласи англискиот јазик за официјален јазик со закон не успеаја. Од 2005 година, републиканскиот конгресмен Стив Кинг на секои две години поднесува нацрт-закон за прогласување на англискиот јазик за службен јазик. Предлог-законот никогаш не ја доби потребната поддршка, но тоа не ги спречи приврзаниците и понатаму да бараат официјализирање на англискиот јазик.