Домување
Одредени избори при уредувањето на вашиот дом можат да станат „проблеми“ во текот на летото и високите температури и да придонесат за загревање на внатрешноста, вклучувајќи ги изборот на бои, употребата на одредени апарати и несоодветната изолација.
Со високите дневни температури и силното сонце, лекарите ги советуваат луѓето да го ограничат своето време надвор. Сепак, што да правите ако во вашиот дом е потопло од надвор – експертите велат дека може да има одредени проблеми што го спречуваат „ладењето“ на внатрешноста.
Избирате погрешни бои: кога станува збор за надворешноста, Гудел Дејвид, експерт за домови и основач на „Пејнтс акрилик“, за „Бестлајф.ком“ ги советува сопствениците на куќи да избегнуваат избор на каква било темна боја.
– Тие апсорбираат повеќе топлина отколку светлите бои, така што ако ја обоите надворешноста на вашата куќа во темна боја може да се чувствувате потопло внатре – објаснува тој.
Наместо тоа, се препорачува да користите посветла или рефлектирачка боја за надворешноста на вашиот дом – како бела, беж или сива.
Користите уреди што произведуваат топлина: многу од нашите секојдневни активности во домаќинството создаваат топлина, вклучувајќи активности како готвење, сушење алишта, па дури и пуштање на машината за миење садови. Се разбира, никој не очекува да престанете да ги правите овие работи само за да ја одржите температурата во домот. Наместо тоа, експертите едноставно предлагаат да не користите апарати што произведуваат топлина во најжешките делови од денот. Оваа промена може да направи забележителна разлика во вкупната температура на вашиот дом.
Пропуштате премногу сончева светлина: повеќето од нас сакаат да пуштаат природна светлина во својот простор, особено во долгите летни денови, но внимавајте да не претерате. Прекумерната сончева светлина може да создаде топла средина за домот и се препорачува да користите завеси и ролетни за заштита од сонце.
Имате несоодветна изолација: друга честа грешка што може да придонесе за дополнително загревање во просторот е лошата изолација, вели Том Алан, експерт за греење, водовод и апарати.
– Кога изолацијата е несоодветна во ѕидовите, покривот или прозорците, тоа овозможува топлината да се пренесе во вашиот дом за време на топло време – вели тој.