Некои од најдобрите автомобили што се отпорни на куршуми а удобни

Сите што се загрижени за својата безбедност при возењето избираат блиндирани автомобили. Има автомобилски компании што произведуваат посебни серии од нивните типични линии на автомобили што се блиндирани. Има и такви автомобилски компании што произведуваат специјализирани оклопни или блиндирани возила за персонализирана употреба. Има и автосервисни компании што од обичен автомобил можат да создадат блиндиран автомобил со различно ниво на заштита. Креирањето вакво возило претставува голем инженерски подвиг. Подебелото блиндирано стакло значи поголема заштита од огнено оружје, но се појавува потреба од ставање специјални електрични мотори за подигање на дебелите и тешки стакла. Користењето на најдебелата варијанта блиндирано стакло најчесто ја оневозможува опцијата за спуштање на прозорците. Стаклото и блиндираниот метал што се користи за зголемување на заштитата на телото на возилото ја зголемуваат и целокупната тежина на возилото. Најчесто се поставува посебна суспензија, која ќе може да ја издржи големата тежина создадена од дополнителната заштита на возилото.

Затоа ваквите безбедносни возила се многу скапи, но за вистинска цена може да се овозможи речиси секаква опција. Луксузните линии што се дискретни и удобни, а се отпорни на куршуми и разни експлозивни направи или високобезбедносни возила, на кои не им е толку важен изгледот, можат преживеат и напад од бомба. Ви набројуваме неколку од најдобрите возила за лична безбедност што постојат на пазарот.

„Мерцедес“ модел „С600 гард“ – цена 350.000 евра
Легендарниот модел што ја разбранува македонската јавност „С600 гард“ претставува луксузен модел на автомобил што овозможува голема безбедност. Неговата типична цена изнесува околу 350.000 евра, а македонскиот „мерцедес“ беше купен за околу 600.000 евра. Овој седан, кој е базиран на класата С, доаѓа со балистичка заштита „ВР9“, што значи дека може да се справи со калибар од митралези и експлозивни направи без да се помести. Затемнети ролетни, аларм за паника, полициски светла и 525 коњски сили се вклучени во овој модел за да може брзо и безбедно да се излезе од некоја област ако е потребно. Прозорците се толку густи што бараат хидрауличен лифт за да се отворат и затворат.

„Конквест кнајт XV“ – цена од 377.000 до 770.300 евра
„Конквест кнајт XV“ претставува спортски автомобили со високи перформанси и погон на четири тркала. Тој е инспириран од воените модели на возила и има речиси највисока безбедност на денешниот пазар. „Конквест кнајт XV“ се базира на шасија на „форд Ф550“ и има оклоп што може да заштити не само од гранати туку и од разни експлозивни напади, како бомби. Во возилото при итни случаи има циркуларен систем со кислород, кој се вклучува при хемиски напад. Под хаубата ќе најдете моќен 6,8-литарски В10 мотор, кој ќе ја извлече тежината на „кнајт XV“ од 5,5 тони. Не ви треба тенк за да се чувствувате безбедно, но оваа опција е речиси исто како да поседувате тенк.

„ИНКАС хурон АПЦ“ – цена 560.822 евра
„Хурон“ е ѕверска машина, напојувана со мотор со 8,3 литри, од камионите „рацар“, кои се дизајнирани првенствено за поголем број вртежи, а не за моќ. „Хурон“ може да превезува комотно до 16 патници и може да издржи детонација на противпешадиски мини. Оклопот на возилото може да издржи напад од АК-47 и гранати. Моторот е заштитен со истиот материјал со кој е заштитено телото на возилото. Исто така, ако се разнесат гумите, возилото може да патува со изненадувачки 140 километри на час. „Хурон“ навидум изгледа како лимузина „хамер“, но всушност е изграден околу шасијата на „кенворт“. Направен во Торонто, „ИНКАС хурон“ е оклопно возило што има револуционерен лесен оклоп, кој му дава поголема брзина и маневрирање на возилото од другите оклопни возила со слична големина. Постои опционално монтирање на покривот за автоматска пушка со голем калибар за приспособување на потребите на клиентот.

„Дарц промброн блек шарк“ – околу 817.000 евра
„Дарц“ е летонска компанија со ексцентричен вкус, во своите возила има ентериер изработен од кожи и од коски. Сепак, нејзиното најново откривање на „блек шарк“ навестува дека производителот ги презема работите малку посериозно. „Блек шарк“ се базира на „мерцедес-бенц ГЛ“ и има два турбо 5,5-литарски В8-мотор. Заштитата на возилото е навистина импресивна, со тоа што дава отпорност на оружје со висока пенетрација како снајперски напади. Целото тело на автомобилот е направено од материјалот кевлар и титаниум за заштита од магнетни мини. Возилото исто така поседува детектори за експлозивни направи, електрохромни прозорци и електрифицирани рачки на вратите.

[email protected]