Еден од натрапниците фатен на камера

Идентификувани безобѕирните разбојници во Струшко

Локалните жители недвосмислено сакаа да ги истакнат заложбите и храброста на неколку припадници на приватната агенција за обезбедување „Питон“, кои им се спротивставиле на наездите на бандите и одвратиле неколку отворени атаки на загрозен имот и лица. Уште повеќе, многу интересен е фактот што повеќе соговорници меѓу локалното албанско население ја истакнуваа националната припадност на обезбедувачите на агенцијата „Питон“, кои се Македонци и кои, без разлика на степенот на опасноста во која биле ставени во одбрана на имотот и самите селани, најпрофесионално си ги извршиле своите задачи. Неколку постари Албанци го истакнаа овој пример на соживот и меѓусебна заштита, токму онаков за каков што им раскажувале нивните татковци и дедовци во некои далечни времиња

Неколку села во струшкиот регион Франгово, Радолишта, Шум, Заграчани и Теферич изминативе месеци беа изложени на постојани напади од разбојнички качачки банди. Честа цел на разбојниците беа домовите на постари лица и оние на иселениците.
„Нова Македонија“ ги следеше случувањата на терен и од прва рака известуваше за актуелните состојби и загрозувањата на личната и имотната сигурност на граѓаните од Струшко. Жителите на споменатите села, претежно со албанско етничко население, во немоќ од криминалните атаки на бандите, покрај помош од надлежните органи, ангажираа и професионални агенции за обезбедување, за да се заштитат од суровите и безмилосни атаки од качачките банди.

Од извори во локалното население, добиени се информации дека повеќе групи илегално доаѓале од Република Албанија, ги напаѓале струшките села и потоа се враќале назад во Албанија. Истите извори ни ја посочија и маршрутата по која најчесто се движеле бандите. Посебно беше акцентирано дека тие се вооружени групи и дека, според нивното мислење, воопшто немало да се двоумат за употреба на огнено оружје кон жителите на селата што би им дале отпор, односно кон полицијата.

Локалните жители недвосмислено сакаа да ги истакнат заложбите и храброста на неколку припадници на приватната агенција за обезбедување „Питон“, кои им се спротивставиле на наездите на бандите и одвратиле неколку отворени атаки на загрозен имот и лица. Уште повеќе, многу интересен е фактот што локалното албанско население ја истакнува националната припадност на обезбедувачите на агенцијата „Питон“, кои се Македонци и кои, без разлика на степенот на опасноста во која биле ставени во одбрана на имотот и самите селани, најпрофесионално си ги извршиле своите задачи. Неколку постари Албанци го истакнаа овој пример на соживот и меѓусебна заштита, токму онаков за каков што им раскажувале нивните татковци и дедовци во некои далечни времиња.

Најновите информации од теренот сега укажуваат дека некои од разбојниците се идентификувани и најдени им се престојувалиштата. Полицијата веќе им е влезена во трага, па наскоро е можно да бидат и лишени од слобода. Информациите што ги доби нашата редакција, од луѓе што се вклучени во акцијата, потврдуваат дека некои од разбојниците се прецизно идентификувани. Индиции укажуваат дека разбојниците ја смениле тактиката на дејствување. По неколкуте успешно одбиени атаки од страна на бандите, тие организирано и во помали групи легално ја поминуваат границата и како туристи престојуваат во градот Струга. Изнајмуваат соби кај месното население на ден-два бидејќи знаат дека за таков краток период нема да бидат пријавени, од страна на домаќинот (изнајмувачот) на станот, во полиција. Тие се должни да го направат тоа ако гостинот, странски државјанин, повеќе од 48 часа престојува во изнајмената соба.

Во согласност со одредбите од Законот за странци, правните и физичките лица што им даваат услуги за сместување на странците со наплата се должни да го пријават престојот на странецот во Министерството за внатрешни работи во рок од 12 часа од часот на давањето на услугата. Други лица кај кои странците престојуваат се должни да го пријават престојот на странецот во рок од 48 часа од часот на доаѓањето на странецот во полициската станица под чија надлежност е адресата на престој.

Инаку, во изминатиов период качачките банди имаа извршено стотина напади, кражби, разбојништва и други кривични дела. Но сега, како што милуваат соговорниците стружани да истакнат, во новото „јавно-приватно партнерство“ меѓу надлежните органи, полицијата, месното население и на агенцијата „Питон“, се надеваат дека разбојништвата и кражбите не само што ќе бидат спречени, туку и сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата и во рамките на законот санкционирани за да се види дека функционира правната држава.

Пронајдени се скривалишта на бандите со украдена стока

[email protected]