Добри вести од СММ
Комисијата за школи и кампови при Сојузот на математичари на Македонија (СММ) одлучи да го зголеми својот опсег на работа со уште една активност – Школа за млади математичари.
Оваа школа ќе биде продолжение на Есенската математичка школа, со што на учениците ќе им се понуди континуирана работа во текот на целата учебна година. Школата е наменета за учениците од четврто до деветто одделение во основните училишта и за учениците од I до IV година од средните училишта во Македонија. Наставата ќе се одвива онлајн.
Инаку, Школата за млади математичари се реализира во соработка со математичкиот клуб „Диофант“ од Ваљево, Србија, кој е организатор на школата за млади математичари „Диофант“.
Главна карактеристика на програмата „Диофант“ за дополнителна настава се темите што ја следат редовната настава во училиштата, ја прошируваат со нови содржини и ги продлабочуваат знаењата со решавање посложени задачи. Раководството на Школата за млади математичари на Сојузот на математичари на Македонија има направено адаптација на програмата „Диофант“ за да ја следи, проширува и збогатува редовната настава по математика во училиштата во Македонија.
Раководител на Школата за млади математичари е проф. д-р Ирена Стојковска од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Предавачи на школата се универзитетски професори по математика и истакнати наставници по математика од основните и средните училишта во Македонија, со искуство во поттикнување и развивање на математичкото размислување кај учениците.
Повеќе информации за Школата за млади математичари 2023/2024, за начинот на реализирање на наставата, термините, висината на котизацијата и начинот на пријавување, ќе најдете на страницата на школата: https://smm.org.mk/skoli/skola-za-mladi-matematicari
Раководството на Школата ве повикува да се приклучите кон работата на Школата за млади математичари!
Ф.Д.