Дел од спектарот барања на албанскиот фактор во Македонија, неодамна во едно интервју, рефрешираше Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците. Тој во интервјуто излезе со тезата дека „Пандорината кутија со албанските барања ќе се отвори доколку не се промени Уставот и Македонија се одвои од Албанија на патот кон ЕУ“. Таравари посочува дека тоа можеби нема да значи „нова војна или нови граници“, туку на сцената ќе се јави албанска радикална десница, како пандан на македонската радикална левица. На тој начин „ќе се отворат легитимни теми за внатрешна реорганизација на државата“!
Каков пакет со барања ќе испорача албанскиот политички кампус доколку не се промени Уставот
Актуелната политичка турлитава во Македонија, готвена доминантно под притисокот за спроведување на уставните измени по барање на Бугарија, добива уште еден горчливо-лут зачин од внатрешните политички фактори.
Имено, на јавноста ѝ е познат ставот на партијата Беса, која му припаѓа на албанскиот политички блок, дека нема да гласаат за уставните измени со кои Бугарите би влегле во македонскиот устав како „дел од народ“ доколку во пакетот уставни измени не влезе измената на синтагмата „јазик што го говорат 20 отсто…“ и таа биде заменета со зборовите „…албански јазик“.
Но многу е провидно дека под површината на таквата политичка еквилибристика се крие еден друг спектар на барања за уставноправно редефинирање на Македонија, само испорачан од друг центар.
Не по врат, туку по шија
На дел од тој спектар на барања на албанскиот фактор во Македонија неодамна во едно интервју повторно му даде гласност Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците. Тој во интервјуто настапува со тезата дека Пандорината кутија со албанските барања ќе се отвори доколку не се промени Уставот и Македонија се одвои од Албанија на патот кон ЕУ. Таравари посочува дека тоа не значи нова војна или нови граници, туку на сцената ќе се јави албанска радикална десница, како пандан на македонската радикална левица. На тој начин, според него, ќе се отворат легитимни теми за внатрешна реорганизација на државата.
– Не е добро за Македонија да не поминат уставните промени, затоа што ако се одвои Албанија, ќе останеме со Косово, каде што реално постојат проблеми, и БиХ, која е недефинирана држава. Ќе останеме држава каде што надежта умира. Кога имате екстремна левица, реципрочно ќе се роди радикална десница, или кај некоја од партиите што постојат или во нова партија. Ќе се отвори Пандорината кутија – вели лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Потоа Таравари вели дека на Македонија ѝ треба нов устав, но не под притисок и во брзање.
– Нека седнат експертите, партиите, нека се отвори дебата кај граѓаните. Ајде да ги отвориме темите, како може да се организираме подобро. Еден предлог може да биде 20 развиени општини. Можеби парламент со 50 пратеници. Можеби еден парламент со 20 градоначалници, а еден парламент со пратеници, како Конгресот и Сенатот во САД. Треба да размислиме за неколку опции со кои државата подобро би функционирала – предлага Таравари како да се редефинираат Уставот и парламентарниот систем во Македонија.
Во време кога Македонија практично е под уцени од соседна Бугарија, ваквите идеи за рекомпонирање на државата според „визиите“ на албанскиот фактор се преципираат како дополнително подигање на притисокот, па дури и подместувања и ултиматуми на внатрешнополитички план.
Албанскиот фактор го урива Охридскиот рамковен договор, затоа што сега и тој му стана „тесна кожа“
– Со своите јавно искажани предлози за дводомен парламент и менување на уставноправниот поредок на Македонија, Таравари стана пример за трансформација од надежен и разумен политичар до некоректен опортунист. Неговите идеи/барања за уставноправно редефинирање на политичкиот систем во Македонија се крајно неприфатливи, со кои практично се урива Охридскиот рамковен договор, со тенденција да се претвори во „сапунска серија“ од Охрид 2, 3, до недоглед, според апетитите на албанскиот фактор. Со идеите за дерогирање на Охридскиот договор, кој е завршена работа, односно со 16-17 амандмани е вграден во Уставот и имплементиран во законите, Таравари практично ги активира прашањата од 2001 година. Сето тоа укажува на една хронична состојба, дека нема крај на дегутантните барања на некои од албанските политичари во Македонија. Таравари не е осамен во идејата за редефинирање на уставноправниот поредок на Македонија и може да се каже дека се надоврзува на барањата на Беса, за замена на формулацијата „јазик што го говорат 20 отсто“ со „албански јазик“ во Уставот (што е наведено и во статутот на партијата). Тоа е истата Пандорина кутија на барањата на албанскиот фактор, иако навидум од спротивставени позиции. Во секој случај, идејата на Таравари за дводомен парламент е неприфатлива и некомпатибилна со унитарниот карактер на Македонија – вели политичкиот аналитичар Сотир Костов.
Сѐ повеќе се потиснува државотворната димензија на мнозинскиот македонски народ
Според академик Катица Ќулавкова, бугарските барања за менување на македонскиот устав и оние од албанскиот политички фактор се практично на иста линија, што води до своевидно потиснување на државотворниот статус на македонскиот народ во својата матична држава Македонија.
– Не смеат да се случат измени на македонскиот устав само заради бугарските барања и албанските амбиции за федерализација на Македонија. Самото отворање на Уставот за внесување на Бугарите во преамбулата, значи отворена можност за сите идеи и барања кои сѐ погласно се артикулираат во јавниот простор од претставниците на албанскиот политички блок. Тоа се покажа со сите досегашни отворања на Уставот, па со воведувањето балансер и Бадентерово мнозинство како критериум за некаква правична етничка застапеност, стигнавме до еден неприроден дисбаланс, што практично води до апартхејд. Потисната е државотворната димензија на мнозинскиот македонски народ, како во Уставот, така и во секојдневниот живот. Сите овие идеи за менување на македонскиот устав и редефинирање на уставноправниот систем се дел од една хибридна војна на штета на Македонците – вели академик Катица Ќулавкова.
Универзитетскиот професор по уставно право и поранешен претседател на Собранието, Саво Климовски, смета дека предлогот на Таравари за дводомен парламент е неиздржан и неприфатлив, но за потребата од нов текст на Уставот треба да се размислува, и тоа во насока на зацврстување на државотворниот статус на македонскиот народ.
– Дводомниот парламент, како идеја што ја исфрли Таравари, всушност е прв чекор до федерализација и е неприфатлива според многу елементи од македонската реалност, но и според Охридскиот договор, на кој кога им одговара се повикуваат албанските политичари. Значи, и според тој договор Македонија е унитарна држава и нема територијални решенија за етничките прашања. Што се однесува на Уставот, лично сметам дека навистина треба да се пристапи кон процес на подготовка на нов текст на највисокиот правен акт, во еден нов четиригодишен мандат на Собранието, но без временски ограничувања. Сегашниот текст на Уставот, со толку амандмани, е речиси нечитлив, и тоа не само од номотехнички аспект туку и суштински. Но и за почеток на таква процедура за нов текст на Уставот би ни бил потребен најширок консензус, кој би се легитимирал на референдум врз основа на поставени базични принципи на карактерот на системот. Секако, доколку биде референдумски изгласана потребата од нов текст на Уставот, потоа би се продолжило со изработка на сите негови аспекти. Предизвиците што се поставуваат со актуелниот устав укажуваат на потребата за нагласување на државотворниот статус на мнозинскиот македонски народ – вели професорот Саво Климовски.