Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (10)
- Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме десеттото продолжение
Во приоритетната област Образование за возрасни во нацртот (НСО 2026-2032) Стратегијата за образование се надградува на Стратегијата за образование на возрасните, фокусирајќи се на зголемување на пристапот до образование за возрасни во сите делови на земјата и за сите граѓани, одговор на дигиталниот јаз и потребата од адаптација на човечкиот капитал кон технолошките и еколошките промени, како и валоризација на неформалното учење, интегрирано во европската рамка за квалификации.
Кои се моите согледувања за потсистемот образование на возрасните
Образованието на возрасните е дел од единствениот систем на образованието, кој обезбедува образование, усовршување, оспособување и учење за возрасните лица. Понудувачи на услуги за образование на возрасни се: училиштата, високообразовните установи и специјални установи за образование на возрасните. Институција за образование на возрасните е правно или физичко лице што има регистрирано дејност за образование на возрасните, работодавци, трговски друштва, установа или занаетчија кај кои се изведува практична обука за образование на возрасните. Социјални партнери се здруженија (мнозинскиот синдикат и коморите) што ги претставуваат интересите на работниците и на работодавците, кои во соработка со органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа го реализираат системот на возрасните и слично. Цел на образованието на возрасните во согласност со Законот за образование на возрасните е да обезбеди можност за стекнување соодветно образовно ниво за секого и за сите возрасни групи и да се овозможи сите да стекнат знаења, вештини и ставови што ќе бидат во согласност со барањата на општеството и пазарот на трудот.
Задачи на образованието на возрасните се:
• Завршување најмалку задолжително образование;
• Оспособување за вработување на возрасните што не завршиле образование за прво ниво на стручни квалификации;
• Преквалификација и доквалификација, оспособување и обука на вработени и невработени возрасни лица;
• Овозможување образование и стекнување знаења и вештини што одговараат на личните способности и возраста на поединците;
• Стекнување со основни вештини и компетенции со кои се обезбедуваат основи за доживотно учење.
Надлежни за образование на возрасните се: министерството надлежно за образование, министерство надлежно за труд и социјална политика, Советот за образование на возрасните, единиците за локална самоуправа и социјалните партнери.
Образованието на возрасните ги опфаќа формалното и неформалното учење: Формалното образование на возрасните означува дејност што се изведува во согласност со законите што ја регулираат дејноста основно, средно и високо образование. Формалното образование на возрасните е институционализирано образование што се спроведува во државни и приватни установи и институции како редовно и вонредно образование, според соодветните наставни планови и програми.
Што постави Стратегијата за образование 2018-2025
Образованието на возрасните е стратешки приоритет за личен и професионален развој во Република Македонија. Стратегијата за образование 2018-2025 постави основа за системско развивање на образованието на возрасните. Со неа беше постиганата зголемена вклученост на возрасни лица во формалното и неформалното образование, особено преку обуки на работното место и кратки курсеви. Беа развиени програми за претквалификација и обука во согласност со потребите на пазарот на трудот и беше воведен концепт за валидирање неформално образование и информално учење, како дел од националната рамка на квалификации. Република Македонија го дефинира учењето на возрасните како национален приоритет што бара јасно рефлектирање во европските политички документи. Новата декларација од Херминг отвора можност за вклучување конкретни обврски поврзани со образованието на возрасните.
Со цел модернизација и унапредување на системот за образование на возрасните, во декември 2024 година беше усвоен нов Закон за образование на возрасните, кој воведува два клучни инструменти: акредитација и валидација. Со акредитацијата се обезбедуваат квалитет и релевантност на програмите, додека преку валидацијата се овозможува официјално признавање на знаењата и вештините стекнати преку неформално образование и информално учење. Овие новини ќе придонесат за поголема доверба во системот и ќе ја зголемат мобилноста на пазарот на трудот.
Иако системот предвидува акредитација и верификација на програми, моментално критериумите не ја мерат усогласеноста со пазарот на трудот. Тоа може да доведе до програми што не одговараат на реалните потреби и до ниска мотивација кај учесниците и работодавците. Тоа ја наметнува и потребата програмите за неформално образование на возрасни да имаат модуларна структура, што ќе овозможи постепено завршување модули до стекнување целосна квалификација, како и добивање опис на евалуација што го отсликува степенот на самостојност во извршување задачи (со постојан повремен или континуиран надзор), по примерот на формалното образование. Како предуслов за модуларноста, потребно е да се изготват и модуларни стандарди на квалификации што ќе овозможуваат флексибилност и приспособливост кон потребите на различни целни групи. Овие стандарди е потребно да бидат усогласени со Националната рамка на квалификации и Европската рамка за квалификации.
Во насока на Европската агенда за учење на возрасните е донесена Стратегија за образование на возрасните за периодот 2025-2030, која посветува особено внимание на обуката на наставниците и обучувачите, кои се клучен фактор за квалитетна реализација на верификуваните програми. Континуираното професионално усовршување, користењето современи методи и дигитални алатки и развојот на инклузивни пристапи се предуслов за успешна работа со различни целни групи. За возрасните, неопходна е оптимизација на системот, која ќе гарантира доволно и компетентен кадар за реализација на програмите за образование на возрасните. Тоа подразбира развој на механизми за планирање и предвидување на потребите за обучувачи, наставници и експерти во согласност со динамиката на пазарот на трудот и технолошките промени. Ќе се воведат програми за преквалификација и доквалификација на наставниците, со цел тие да стекнат современи дигитални и андрагошки компетенции, како и знаења за инклузивни пристапи и работа со возрасни лица од различни целни групи.
Во рамките на подготовката на Националната стратегија за образование 2026-2032, на 19 август 2025 година беше отворен онлајн прашалник за консултации, достапен за сите засегнати страни – работодавци, бизнис-здруженија, невладини организации, спроведувачи на обука и институции, со цел обезбедување транспарентност и инклузивност во процесот. Пристигнаа вкупно 124 сугестии, кои укажаа на неколку приоритети: најважни потреби на возрасната популација се пристап до флексибилни и кратки програми (18 отсто), развој на дигитални вештини и писменост (19 отсто) и признавање на претходно стекнати знаења (12 отсто). Забележлив е нискиот интерес (3 отсто) за зелени и одржливи вештини, што укажува на потреба од поголема информираност за трендовите поврзани со зелената агенда и правилната транзиција. За подобар пристап до образовни програми за маргинализирани групи, најчесто предложени решенија се развој на онлајн платформи и обуки што се поддржани од мобилни технологии (17 отсто) и финансиска подршка преку стипендии и субвенции (17 отсто). Во однос на квалитетот и релевантноста на програмите се издвојуваат редовна евалуација и повратни информации (18 отсто), приспособување на содржината според потребите на пазарот на трудот (19 отсто) и обука и сертификација на обучувачи (15 отсто)…
Преку партнерствата со индустријата, синдикатите и локалните заедници треба да се развијат програми за преквалификација што ќе овозможат работниците да се адаптираат на новите услови и да останат конкурентни на пазарот на трудот. Во согласност со новиот закон за образование на возрасните и нацрт-законот за професионална рехабилитација, активностите за работно оспособување и професионална рехабилитација се интегрираат како дел од понудата на образовни програми. Ова е особено важно за лицата со попреченост и другите ранливи категории, со цел нивна полесна интеграција на пазарот на трудот.
Подршката за доживотно учење е поставена како национален и европски приоритет, со цел да се овозможи секој возрасен да има пристап до образование и да ги надградува своите вештини во текот на целиот живот. Според Државниот завод за статистика, во 2022 година, 346.155 лица на возраст од 18 до 69 години учествувале во образование и доживотно учење (од кои 48,5 отсто мажи, а 51,5 отсто жени). Најголемо учество имаат лицата од 18 до 24 години (28,1 отсто), најмало од 65 до 69 години (0,3 отсто). Стапката на учество во образование и обука е 27,7 отсто, а кај лицата од 25 до 34 години е 37,2 отсто. Од нив, 35,8 отсто од лицата посетувале формално образование, а 71,8 отсто неформално образование, додека 41,2 отсто од вработените посетувале формално образование, 93,6 отсто неформално образование. А 48,7 отсто од неформалното образование е обука на работното место, додека 37,8 отсто се курсеви, а 29,1 отсто работилници и семинари.
Образованието на возрасните во Република Македонија се соочува со повеќе структурни и системски предизвици, почнувајќи од достапноста. Најголем дел од програмите за образование на возрасни се достапни во урбаните центри, додека во руралните и помалку развиени региони понудата е ограничена или целосно недостапна. Во руралните средини ограничената достапност до програми за образование на возрасни значително ја намалува можноста за преквалификација, личен развој и активно учество на пазарот на трудот. Во 2022 година, само 27,7 отсто од лицата на возраст од 18 до 69 години во Македонија учествувале во образовни активности, при што најмалку застапени биле лицата од руралните и помалку развиените региони. Недостигот од локални образовни институции и мобилни обучувачки тимови дополнително ја продлабочува територијалната нееднаквост.
Во овие области евидентен е недостатокот од инфраструктура – недоволно опремени училишта и центри за обука, како и ограничен пристап до интернет и дигитални алатки, што дополнително ја отежнува реализацијата на програми во руралните средини. Тоа ја намалува можноста за преквалификација и личен развој на жителите во тие средини и бара системски пристап за подобрување на инфраструктурата и дигиталната инклузија. Според студија за руралниот развој и податоци од 2021 година, 13,8 отсто од населението во руралните средини има комплетно основно образование, а 4,2 отсто нема никакво образование.
Дигиталниот јаз е уште еден предизвик. Иако се воведуваат онлајн платформи, дел од населението нема соодветни дигитални вештини или пристап до интернет, што ја ограничува новата вклученост. Според Евростат, само 35 отсто од населението во Македонија во 2021 година поседувало основни или над основни дигитални вештини, наспроти 54 отсто во ЕУ-27. Дополнително, ниската мотивација и недоволната информираност кај возрасните лица се јавуваат како сериозни пречки.
Недоволната валоризација на неформалното учење е уште еден значаен проблем. Иако сѐ повеќе се препознава важноста на вештините стекнати надвор од формалното образование, системот за нивно препознавање и валидирање е сѐ уште во развој и не е целосно функционален. Што поконкретно значи валидирањето? Тоа е потврдување со проверка и давање објективни докази, кое, за жал, во неформалното учење го нема. Ова е многу важен момент, кој не функционира (моја констатација). Националниот систем (на почеток или, како што велат, во „развој“?) признавање вештини стекнати преку работа, волонтерство или неформални обуки треба да биде во согласност со Европската рамка за квалификации. Кај нас се спроведуваат пилот-проекти за валидирање во неколку сектори (градежништво, ИКТ, угостителство), но потребни се поширока примена и поедноставување на процедурите. Што е карактеристично во практиката? Работодавците сѐ уште повеќе ги вреднуваат формалните квалификации, што ја намалува мотивацијата за учество во неформални програми. Процесите за признавање неформално стекнати вештини се сложени, долготрајни и често не се доволно транспарентни. Недоволна е информираноста кај граѓаните и работодавците за можностите и придобивките од валидирањето на неформалното стекнатите вештини.
Кога кон ова кога ќе се додаде и слабата координација меѓу институциите (МОН, Центар за образование на возрасни, Агенцијата за вработување, локалните самоуправи), тоа резултира со преклопување или празнини во понудата на активности, недостиг од заедничка база на податоци и неефикасно користење на ресурсите, нема централизирана база за следење на учесници, програми и резултати, што ги отежнува мониторингот и евалуацијата (следењето и вреднувањето). Згора на тоа, кога ќе се додаде и ниското ниво на соработка со работодавците и невладиниот сектор, со тоа го ограничува развојот на релевантни програми. Тоа, само по себе, ја наметнува потребата не само подобрување на комуникациите туку и за засилена соработка меѓу централните институции (МОН, Министерство за економија и труд, АВРМ), како и со приватниот сектор.
Значајна пречка за многу возрасни лица се финансиските бариери, трошоците за учество во програми (школарини, материјали, патни трошоци) и ограничената државна поддршка, кои го намалуваат нивниот пристап до преквалификација и обука. Државната и локалната подршка за финансирање преквалификација и обука е ограничена, а постојните фондови не ги покриваат сите категории на лица. Системот на стипендии, ваучери или индивидуални сметки за учење е во почетна фаза и не е достапен за сите заинтересирани.
Еден од најголемите предизвици е усогласувањето на образованието на возрасните со реалните потреби на пазарот на трудот. Имено, брзите промени во економијата и технологијата бараат програми што се флексибилни и ориентирани кон практични, применливи вештини. Но, како што истакнав во горенаведеното, недостигаат механизми за редовна анализа на потребите на пазарот на трудот и за вклучување на работодавците во креирањето на обуките, што доведува до несоодветна понуда на обуки и преквалификации. Клучен фактор за развој на релевантни програми за преквалификација и доквалификација се компаниите, бидејќи директно ги познаваат потребите на пазарот на трудот. Вклучувањето на приватниот сектор преку јавно-приватни партнерства ќе овозможи флексибилност и практичност на програмите, со содржини што одговараат на реалните работни позиции, а споделувањето ресурси (опрема, експерти, практична обука) ја намалува финансиската тежина на државата. Компаниите ќе можат да понудат гаранции за вработување по завршување на обуката, што ќе ја зголеми мотивација на возрасните за учество во образованието на возрасните. Затоа треба да се размислува и во насока на воспоставување механизми за кодизајн на програми со индустријата.
Вклучувањето на маргинализираните групи, како што се лицата со ниско образование, невработените, Ромите и лицата со попреченост, како и жените од руралните средини, останува предизвик поради социјални, економски и културни бариери. Потребни се специјализирани програми и поддршка за овие категории, како и соработка со локалните заедници и граѓанскиот сектор.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
продолжува































