Фото: Зоран Антоски

Не денот кога центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево го одбележуваше својот патрон 13 јуни, беа соопштени имињата на учениците чии творби беа прогласени за најуспешни на конкурсот објавен по тој повод. На конкурсот се пријавија повеќе од 60 ученици, од трето до деветто одделение, од пет основни училишта во општината, ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, ОУ „К.Ј. Питу“, ОУ „Санде Штерјоски“, ОУ „Јунуз Емре“ и ОУ „Христо Узунов“ од селото Другово.
– На конкурсот објавен по повод 13-ти јуни, денот кога се одбележува патрониот празник на Центарот за култура, се пријавија над 60 ученици од трето до деветто одделение. За најуспешни беа прогласени творби во три категории. Во првата категорија за ученици од трето, четврто и петто одделение, за најуспешна творба беше прогласена песната од Јована Ангелеска, ученичка од петто одделение од ОУ „К.Ј. Питу“-Кичево. Во втората категорија за ученици од шесто и седмо одделение, за најуспешна беше прогласена песната на Илина Ѓорески, ученичка од шесто одделение во ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“. Во третата категорија за ученици од осмо и деветто одделение, за најуспешна беше прогласена песната на Леонтина Станоеска, ученичка од осмо одделение од ОУ „Христо Узунов“ од селото Другово – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура.
Преостанатите ученици учесници на овој конкурс добија книги, а трите првонаградени творби добија и пофалници.
Леонтина Станоеска, победничка во третата категорија, потсети дека ова ѝ е второ учество на овој литературен конкурс и освојувањето на првата награда е стимул и понатаму да продолжи да пишува.

З.А.

Модерно време

Јас пораснав во свет
Со машини и слики,
Нереални желби
Замислени слики.
А сонував детство
со игра и песна
Во суштина добив,
Ограничен видик
И улица тесна.
Тука тесно е за разговор,
Нема време ни за дружба
Секој брза некаде,
Роб во своја служба.
Сѐ е на дофат,
А никогаш попразна душа
Од модерни сцени
Нема кој да слуша.
Со телефон другар,
Во самотија празна
Во модерно време
Живот под казна.
Леонтина Станоеска,
осмо одделение во ОУ „Христо Узунов“ во селото Другово