Од творештвото на писателот Јован Стрезовски

(Според законот на синовите и внуците)

Се обвинуваат сите мајки и баби
што често на своите синови и внуци
им судат:
Немој ова, немој она… А забораваат:
дека и тие кога биле мали
правеле исти чуда.

Не еднаш се нишале на нишалките
во дворот
и правеле ѓерданчиња од секакви
цветчиња и бои
и со разни земјани и песочни теста
правеле слатки за куклите свои.

Се обвинуваат и сите дедовци
што понекогаш намуртено седат,
а кога малечки беа
ја уриваа куќата
од викот и смеа.

Се обвинуваат и татковците
што почесто налутено фрчат:
Зар морало севезден да се игра топка
и без мерка да се јури, трча.

А кога пак тие би сакале само
да се слечат боси
би виделе: секој од играње топка
по неколку лузни носи.

И затоа:
Се осудуваат сите наброени лица
(без право некој да се лути и жали)
барем еднаш во годината да постанат деца
и да се вратат во она време
кога биле мали.

(Од книгата „Од Северен до Јужен Пол“)


За авторот
Јован Стрезовски е познат македонски поет, раскажувач и романописец. Роден е во струшкото село Подгорци, на 26 април 1931 година. Основното и гимназиското образование ги завршил во Крагуевац, Учителска школа во Битола, а Филозофски факултет во Скопје.
Стрезовски работел како учител во Струшко, потоа бил новинар во Радио Скопје, директор на основно училиште и директор на Средношколскиот училиштен центар во Струга. Бил и долгогодишен директор на „Струшките вечери на поезијата“.
Покрај многубројните објави на книги поезија, раскази и романи, голем е неговиот опус и во творештвото за деца. Ги објавил книгите „Светулка“, „Шарени песни“, „Зелени очила“, „Дружината братско стебло“, „Од Северен до Јужен Пол“, „Чуден свет“, „Кој 2 кој“ и други.
Тој е и автор на сценариото на играниот филм „Време, води“. Добитник е на повеќе значајни награди, а неговите книги се преведени на повеќе јазици.

Јован Стрезовски со наградата
„Державин“, која ја доби во 2016 година