Резултатите од европскиот проект ЦАГЕА презентирани на мултиапликативен настан во средното училиште „Васил Антевски-Дрен“
- Со проектот ЦАГЕА се испраќа јасна порака дека кариерното советување не треба да започне во моментот кога ученикот треба да избере факултет или професија, туку многу порано – преку секојдневни активности, разговори, истражување и поддршка
Мултиапликативен настан посветен на презентација на резултатите од проектот „Кариерно советување од рана возраст“ – ЦАГЕА (Career Guidance from an Early Age – CAGEA), чија основна цел е унапредување на кариерното советување и советување на учениците уште од рана возраст, беше успешно реализиран во скопското средно училиште „Васил Антевски-Дрен“, во рамките на европската програма „Еразмус плус“. На настанот присуствуваа 45 учесници, меѓу кои ученици, родители, наставници, претставници од универзитети и од локалната самоуправа.
Проектот ЦАГЕА се реализира преку партнерство на седум организации од пет европски земји (Македонија, Шпанија, Португалија, Грција и Бугарија), меѓу кои образовни институции, универзитети и невладини организации. Преку заедничка работа, размена на искуства и различни образовни перспективи, партнерите развија ресурси што треба да им помогнат на учениците подобро да се запознаат себеси, да ги препознаат своите интереси, способности и потенцијали и полесно да ги истражат можностите за понатамошно образование и професионален развој.
Главните цели на проектот се воспоставување кариерно советување насочено кон секој ученик индивидуално, развивање иновативни ресурси за училиштата и семејствата, поттикнување соработка, инклузија и еднакви можности, како и размена на знаења и вештини преку европско партнерство. Посебен акцент се става на тоа кариерното советување да не се сведе само на информирање за различни професии туку да им помогне на младите да размислуваат за своите интереси и вредности, да поставуваат цели, да решаваат дилеми и да донесуваат информирани одлуки за својата иднина.
Потребата од ваков пристап произлегува од промените на современиот пазар на трудот. Под влијание на технологијата, глобализацијата и на новите општествени потреби се менуваат професиите, работните позиции и вештините што се бараат. Од учениците се очекува да донесуваат значајни образовни и професионални одлуки, но не секогаш имаат доволно можности навреме да ги препознаат сопствените силни страни и да се запознаат со различните можности што им стојат на располагање. Затоа кариерното советување треба да биде континуиран процес што започнува уште во текот на образованието, а не активност што се реализира само пред завршувањето на средното образование.
Во првата фаза од проектот, секоја партнерска земја спроведе истражување за состојбата со кариерното советување, неговата застапеност и возраста на која започнува кариерното советување на младите. Истражувањата покажаа дека во партнерските земји постојат различни иницијативи и активности поддржани од невладини организации, владини институции, министерства и од училишта. Сепак, заедничкиот заклучок беше дека, и покрај постојните активности, кариерното советување сè уште не е доволно застапено и систематски интегрирано во редовната настава. Овие сознанија ја потврдија потребата од посилна институционална поддршка и создавање практични ресурси што ќе им овозможат на наставниците континуирано да работат на кариерниот развој на учениците.

Како резултат на заедничката работа, во рамките на проектот беа развиени три главни ресурси: Прирачник за кариерно советување, кратки едукативни видеа (Learning Nuggets) и дигитална платформа.
Прирачникот претставува практична поддршка за наставниците, родителите и за учениците. Прирачникот не е наменет само да се чита. Неговата вредност е во примената – наставникот може да избере активност, да ја приспособи на групата и потоа да поттикне дискусија и лична рефлексија. Прирачникот за кариерно советување е поделен на четири главни модули, кои опфаќаат вкупно осум подмодули. Секој модул содржи практични активности што им помагаат на учениците да се запознаат себеси, да ги истражат можностите и да донесуваат информирани одлуки за својата иднина. Секој модул содржи практични активности преку кои учениците се поттикнуваат да размислуваат, да дискутираат, да ги споредуваат можностите и да ги претвораат своите желби во конкретни цели и планови.
Дополнителен ресурс се кратките едукативни видеа, кои на достапен и динамичен начин обработуваат теми поврзани со кариерното советување. Дигиталната платформа, пак, ги обединува и ги прави достапни проектните материјали, активностите и квизовите, меѓу кои и квизот за стилови на учење. На тој начин, наставниците, учениците и родителите можат полесно да пристапат до содржините и да ги користат во согласност со своите потреби.
Особено значајна беше и пилот-фазата, во која развиените материјали беа тестирани во реална училишна средина. Искуствата од пилот-фазата беа многу позитивни. И учениците и наставниците изразија задоволство од спроведените активности, а особено беа истакнати практичната применливост на вежбите и можностите што ги нуди платформата. Ова искуство покажа дека ваквите ресурси можат да најдат свое место во образовниот процес, особено кога активностите се приспособуваат на возраста, интересите и потребите на учениците. Улогата на наставникот или на родителот во тој процес е да ги води и да ги охрабрува децата, а не да им наметнува однапред определен избор.
На мултиапликативниот настан, целите, мисијата и резултатите од проектот ги презентираа професорките од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ – Николина Киркова, координаторка на проектот во Македонија, Мирјана Тошевска и Ивана Јовановска Костеска. Со проектот ЦАГЕА се испраќа јасна порака дека кариерното советување не треба да започне во моментот кога ученикот треба да избере факултет или професија, туку многу порано – преку секојдневни активности, разговори, истражување и поддршка. Создадените ресурси остануваат достапни и по завршувањето на проектот, со можност да продолжат да се користат и да се приспособуваат во различни образовни средини, придонесувајќи кон посигурни, поинформирани и посамостојни млади луѓе што ја планираат сопствената иднина. Л.К.

































