Социјалната интеракција има централно место во сите аспекти на човечкиот живот. Човек не би бил тоа ако нема комуникација со други луѓе. Интеракцијата подразбира перцепција и интерпретација на случувањата во социјалната околина, како и флексибилна реакција на поведението на другите луѓе. Човечкиот мозок е способен ваквата перцепција и донесувањето одлуки да ги прави многу брзо и автоматски. Како настанува процесирањето на социјалните информации е прашање што имало многу контроверзни одговори. Студиите изведени во универзитетот „Турку“ оваа година открија новини во начинот на процесирање на социјалните информации, механизми што досега беа нејасни. Процесирањето на социјалните информации е слично кај разните луѓе. Притоа, откриено е дека окципиталниот и фронталниот лобус се најбитни за процесирањето на најголемиот дел од социјални информации.
Студијата покажала дека социјалниот перцептивен свет на луѓето се состои од ограничен сет на главни димензии, како што се асоцијалното однесување, сексуалното или афилијативното однесување и комуникацијата. Овие социјални димензии се процесираат во разни мозочни региони, локализирани главно во задниот дел на мозокот, т.е. окципиталните и темпоралните регии. Со методи за невровизуализација, истражувачите забележале дека мозочната активност во мозочните региони важни за социјалната перцепција се синхронизира помеѓу различни поединци, на пример кога гледаат филмови што прикажуваат социјални ситуации. Синхронизацијата на мозочната активност значи дека обработката на информациите во просек е слична помеѓу различни поединци. Тоа потврдува дека кај разни луѓе процесирањето разни социјални информации се врши многу слично, при што наведените региони на мозокот кај сите луѓе се најактивни. Притоа, работите поврзани со конкретна и непосредна акција, како што се болката и насилството, луѓето ги перципираат многу повеќе слично отколку апстрактните општествени карактеристики, како што се несигурноста или доверливоста кон другите луѓе. И покрај тоа што студијата проценила појава на над сто социјални карактеристики во различни општествени ситуации, истражувачите откриле дека општествениот перцептивен свет на луѓето се состои од ограничен сет на главни димензии. Постоењето на овие главни димензии значи дека за обработката на социјални информации е важно да се согледаат основните елементи на социјалната ситуација што ја создаваат базата за толкување на ситуацијата. Кога ја проучувале перцепцијата на различни општествени карактеристики, откриле дека одредени карактеристики често се перципираат истовремено, како што се сексуалноста и страста, кои и во практика секогаш се случувале истовремено. Врз основа на овие истовремени појави, истражувачите можеле да ги групираат социјалните карактеристики во ограничен сет на главни димензии. Примери за такви карактеристики се асоцијалното однесување, сексуалноста или наклонетоста, јадењето, хуморот или разиграноста, комуникацијата и телесното движење. Овие главни димензии ги претставуваат главните области на социјалната интеракција и нивната перцепција овозможува брзо толкување на социјалните ситуации. Синхронизацијата на одговорите на мозокот кај поединците покажува колку слично ја перципираме нашата социјална средина. Всушност, другите луѓе се нашиот најважен контекст и синхронизираната перцепција на светот е од суштинско значење за заедничката работа. Овие наоди ја поддржуваат основната претпоставка дека без социјализација нема живот! Сепак, во секојдневниот живот постојат големи разлики помеѓу луѓето во начинот на нивното социјално функционирање. Притоа, од посебен интерес се групата луѓе што ги нарекуваме алтруисти. Тие се најчестите донори на органи, на коскена срцевина, херои што спасуваат луѓе во пожари или други катастрофи. Иако алтруистите можат да се разликуваат од обичните луѓе по своите неегоистични црти и активности, тие сепак не се толку многу различни во другите психолошки одлики. Алтруистичките луѓе не се посогласни, подготвени за компромис или посовесни од другите возрасни луѓе, ниту пак покажуваат повисоки нивоа на емпатија.
Новиот труд на тимот истражувачи од МИТ, Џорџтаун, имал цел да одговори на ова прашање преку мапирање на психолошките профили на низа екстремни вистински алтруисти, како што се херојски спасувачи, хуманитарни работници и луѓе што донираат органи или коскена срцевина на странци. Преку психометриски инструменти се испитувани најбитните психолошки карактеристики кај 300 алтруисти и споредени со кохорт на типични возрасни. Резултатите од истражувањето покажале дека алтруистите најмногу се разликуваат по несебичните црти и преференции, додека воопшто не се нечувствителни на ризик, па дури и не пријавуваат повисоки нивоа на емпатија. Наместо тоа, нивните избори за саможртвување го одразуваат фактот дека навистина ја ценат благосостојбата на другите и благосостојбата на нивните заедници. Овие резултати некако го наметнуваат мислењето за човечката природа дека е во основа себична. Резултатите од психолошките тестови покажале дека карактеристиките што најдобро ги разликуваат алтруистите од контролите се особините и моделите на одлучување што укажуваат на невообичаено високо вреднување на ползата на другите: висока чесност-понизност, тенденција да се биде фер во односите со другите, чувство за соработка, ниско чувство за самоважност и немање желба за користење, експлоатација или нанесување зло на другите заради сопствена полза.Со еден збор, најкарактеристична црта на алтруистите се несебичноста и вреднувањето на другите. Можеби токму ваквите психолошки карактеристики влијаат многу често да слушнеме дека алтруистите се именуваат како супернатурални (надреални) суштества, вистински светци или ангели чувари. Сепак, тие не се тоа! Тие имаат мани како и другите луѓе, но единствено се многу помалку себични. Мотивите за просоцијално однесување се тие што се најбитни, како тоа да им се помогне на другите без да се има полза за себеси или за да се издигне степенот на сопствената репутација.
Дали ваквите луѓе некако исчезнуваат во нашето општество? Таквите како да беа повеќе присутни во минатото… Дали материјалните добивки и капитализмот направија да ни се променат и особините? Од друга страна, еве особено за време на религиските празнувања, како да се нагласува оваа алтруистичка црта кај луѓето? Масовно се оди в црква, се почитуваат традиционалните чествувања, се бара прошка, луѓето си помагаат… Прашањето што го поставуваме е дали религијата влијае на постапките во секојдневието. Дали припадноста кон еден бог го олеснува алтруистичкото однесување од кое имаат полза само членовите на истата религиозна група или помага и за другите религии? Поверојатно е дека религиозните луѓе ќе постапуваат повеликодушно и кон непознатите кога од нив се бара да размислуваат за својот бог. Овие дилеми биле повод за едно истражување Чикашкиот универзитетот во Илиноис (2023), каде што биле испитувани разни припадници на религиски групи: христијани, муслимани, Индуси и Евреи. Учесниците добиле можност да споделуваат пари со анонимни странци од различни етнорелигиозни групи. Истражувачите ги натерале учесниците да играат повеќе рунди вистинска економска игра, во која тие делеле сума пари меѓу себе и на различни индивидуални приматели. Од учесниците било побарано внимателно да размислат пред да го направат својот избор за време на почетните рунди. Во последните кругови, истражувачите побарале од учесниците да размислуваат за сопствениот бог пред да го направат својот избор кому ќе му даруваат пари. Размислувањето за бог го зголемило дарувањето за 11 проценти и кон истата религиозна група, но и кон другите. Ова сугерира дека верувањето во бог или богови може да ја олесни меѓугрупната соработка, особено во економските трансакции, дури и во контексти каде што постои зголемена меѓугрупна тензија. Вообичаено се смета дека религијата промовира меѓугрупни конфликти и поттикнува непријателство меѓу луѓето што имаат различни верувања. Па, зарем многубројните војни не биле главно врз религиска основа? Напротив – наодите од ова истражување сугерираат дека верувањето во бог, што е важен аспект на повеќето светски религии, понекогаш може да промовира попозитивни меѓугрупни односи. Според тоа, ако религијата ја прифатиме како етички кодекс и морал на поединецот, таа во никој случај не би требало да им нанесува штета на социјалните интеракции. Ако религијата помага да се најде сопствената цел во животот, тоа има уште една позитивна страна. Денес многу се зборува за деменцијата, особено за Алцхајмеровата болест, која напаѓа милиони луѓе и станува закана за социјалната заедница. Оттука, идентификувањето на факторите што ќе ги промовираат резервите на мозокот и неговата еластичност е најважна цел. Кај Алцхајмеровата болест, образованието и професијата се типични резервни фактори што дејствуваат превентивно. Сепак, важноста на психолошките фактори сè повеќе се препознава, бидејќи нивните биолошки механизми се во основата. Новото истражување сугерира дека имањето силно изразена цел во животот може да промовира когнитивна отпорност кај средовечните возрасни. Когнитивната отпорност се однесува на капацитетот на мозокот да се справи со стресните фактори, повредите и патологијата и да му се спротивстави на развојот на симптоми или попречености.
Да се има цел во животот подразбира промена во организацијата на мозокот со една специфична мозочна мрежа, мрежата на таканаречен стандарден режим, која покажува поголеми функционални врски во рамките на нејзините компоненти и со другите области на мозокот. Поточно, луѓето со изразена цел во животот промовираат поголема вмреженост на мозочните регии, вклучувајќи ги фронталниот кортекс, хипокампалната формација, средниот регион и остатокот од мозокот. А таквите промени во функционалната организација на мозокот може да го претставуваат механизмот со кој поголемата цел во животот го промовира здравјето на мозокот и го штити од дисфункција дури и при стрес, неволја и болест, особено од когнитивно пропаѓање. Поголемата функционална поврзаност во некои од овие региони позитивно корелира со когнитивните перформанси. Во таа смисла, имањето силно чувство за цел во животот може да придонесе за издржливост веќе во средната возраст. Тоа може да претставува механизам за некаков вид неврозаштита, што на крајот обезбедува подобра когнитивна функција во староста. Според тоа, пораката од денешниот напис е да се дружиме, да веруваме во етичкиот кодекс, да бидеме алтруистични и најбитно – да си поставиме одредена цел во нашето живеење. Сето тоа ќе придонесе да бидеме вистински луѓе!
Автор: Акад. Нада Поп-Јорданова