Вие ни пишувате
Деновиве во Берово се одржа Музичко-етнолошки камп наменет за децата на македонските иселеници. Ова беше убава можност младите генерации од дијаспората да се доближат до македонската култура, традиција и духовно наследство.
Во текот на кампот, учесниците преку низа едукативни и практични работилници имаа можност да изучуваат македонски народни ора од различни етнографски региони, да се запознаат со особеностите на македонскиот фолклор, богатството и разновидноста на народните носии, изворните музички инструменти, традиционалниот македонски вез и симболиката на шарите, како и со мотивите и темите застапени во македонската изворна песна.
Преку овие содржини, децата стекнаа нови знаења за културните вредности што со векови го обликувале македонскиот национален идентитет.
Покрај фолклорните содржини, учесниците имаа можност да подготвуваат традиционална македонска храна, запознавајќи се со дел од богатата македонска гастрономија и обичаите поврзани со неа. Наедно, преку организирани активности и прошетки ги откриваа природните убавини на Беровскиот Регион, запознавајќи се со неговите природни богатства и туристички потенцијали.
На свечената завршна приредба, учесниците ги презентираа знаењата и вештините стекнати за време на кампот, изведувајќи дел од научените македонски народни ора, меѓу кои „копачка“, „пајдушко“, „малешевка“ и други традиционални кореографии. Со своите настапи тие ги демонстрираа љубовта кон македонската фолклорна традиција и посветеноста кон зачувувањето на културното наследство.
На сите учесници им беа доделени благодарници за успешно учество, како признание за нивниот интерес, посветеност и придонес во зачувувањето, негувањето и афирмацијата на македонската култура, традиција и фолклор.
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, им се заблагодари на сите учесници за нивниот ентузијазам, активното учество и покажаната љубов кон Македонија. Тој истакна дека младите од дијаспората се најзначајните амбасадори на македонската култура низ светот и ги повика и во иднина да бидат дел од програмите и активностите што ги организира Агенцијата за иселеништво, со цел уште посилно поврзување со татковината, македонскиот јазик, традицијата и културното наследство.
Текст и фото: Aгенција за иселеништво
































