За време на годинашниот ТВ-пренос на „Супербоул“, најскапото и најпрестижно спортско шоу во светот, беа прикажани и серија реклами направени од македонскиот режисер Ангел Апостолски. За првпат во историјата, ПЕТА – глобалната мрежа за заштита на животните, се појави со реклами за време на ова шоу, каде што рекламен блок од 30 секунди чини неверојатни осум милиони долари. За режијата на овие специјално изработени рекламни спотови, ПЕТА го ангажираше Македонецот Ангел Апостолски.
Апостолски веќе има импресивна бројка реализирани рекламни проекти зад себе, за некои од најпознатите светски и регионални брендови, од телекомуникациски оператори до социјално ангажирани асоцијации. Тој е скопјанец, филмски режисер со диплома од Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија. Живее и работи помеѓу Софија и Амстердам и е еден од ретките европски режисери што имаат работено на реклами за „Супербоул“. Неговите рекламни спотови што беа прикажани на годинашниот „Супербоул“ се брендирани како „најсмелата кампања на ПЕТА досега“. Рекламната кампања го носи името „Совесните мафијаши“.
Потпретседателката на ПЕТА, Лиса Ланге, ја дефинираше оваа кампања како една од најкреативните досега.
– Дури и најтврдокорните мафијаши имаат срце – барем кога станува збор за животните. Визијата на Ангел Апостолски совршено ја доловува апсурдноста на носењето кожа или волна во денешно време – изјави Ланге.
ПЕТА се надева дека рекламите ќе поттикнат нова дискусија за етичката мода и ќе инспирираат милиони гледачи на „Супербоул“ да го сменат својот избор на облека – без насилство. Апостолски, кој веќе засилено работи на следниот проект, за искуството при снимањето на рекламите во Њујорк изјави дека целиот процес на работа бил одличен, забавен, беспрекорно организиран и со целосна креативна слобода, што е многу важно за реализација на вистински моќна порака.