Како, по ѓаволите, тоа може да биде истата држава?

Дваесетгодишната македонска сага, верувам, има најблиска паралела со една епизода од англиската серија „Сплетки“ и со расказот „Непознатото ремек-дело“ од Балзак. Во „Сплетки“ (на англиски „Only Fools and Horses“), чистачот на улици (еден од споредните ликови) добива медал од градското собрание затоа што користи иста метла веќе дваесет години. На неговите горди зборови дека „четиринаесет пати ѝ ја сменив рачката, а седумнаесет пати четката“, пријателите збунето го прашуваат: „Како може, по ѓаволите, тоа да е истата метла?“. По промената на името, знамето, Уставот и учебниците, по барање на Грција, а потоа и по обврската за повторно да се променат учебниците и Уставот поради бугарското инсистирање дека македонскиот јазик и македонскиот народ имаат бугарско потекло, Македонија евентуално (по ветената промена во Уставот) ќе добие „медал“: почеток на преговорите со ЕУ.

Дваесетгодишната македонска сага, верувам, има најблиска паралела со една епизода од англиската серија „Сплетки“ и со расказот „Непознатото ремек-дело“ од Балзак. Во „Сплетки“ (на англиски „Only Fools and Horses“), чистачот на улици (еден од споредните ликови) добива медал од градското собрание затоа што користи иста метла веќе дваесет години. На неговите горди зборови дека „четиринаесет пати ѝ ја сменив рачката, а седумнаесет пати четката“, пријателите збунето го прашуваат: „Како може, по ѓаволите, тоа да е истата метла?“. По промената на името, знамето, Уставот и учебниците, по барање на Грција, а потоа и по обврската за повторно да се променат учебниците и Уставот поради бугарското инсистирање дека македонскиот јазик и македонскиот народ имаат бугарско потекло, Македонија евентуално (по ветената промена во Уставот) ќе добие „медал“: почеток на преговорите со ЕУ. Меѓутоа, за многумина, вклучувајќи ме и мене, останува горкиот впечаток: „Како, по ѓаволите, тоа може да биде истата држава?“, прашање што го постави и Александар Павловиќ, научен соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија во Белград, во еден неодамнешен текст, објавен во јуни 2022 година.
Според членот 7, став 1, од Преспанската спогодба: „Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините ‘Македонија’ и ‘македонски’ се однесува на различен историски контекст и културно наследство“, така што кога Првата страна, Грција, ги користи овие термини, тие „ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“ (членот 7, став 2). Меѓутоа, во однос на Втората страна, Македонија, „овие термини ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние што се наведени во членот 7, став 2“. Во гореспоменатиот текст на Александар Павловиќ, авторот вака го коментира членот 7: „Од сите парадокси што изобилуваат во овој документ, овој е веројатно најголемиот. Цела Европа, Западот, целиот Медитеран, па дури и целиот свет ги наследува елинската култура и јазик и се чувствува поврзано со нив, само Македонците се исклучок? Дури и да сакаме – според писмото на овој договор – да се ограничиме само на северниот регион на Грција, како тоа би го имплементирале во практиката? Бидејќи Аристотел е од Стагира, т.е. Македонец, дали тоа значи дека треба да отфрлиме каква било врска меѓу неговото учење и нашата култура? Или ќе ги исфрлиме само сознанијата до кои дошол Аристотел за време на престојот во Македонија, кога му бил учител на Александар Македонски?… Така, на сите други Грците долго ќе им зборуваат за тоа како нивната култура, политика, наука и филозофија имаат елински корени, само ќе им ги негираат на Македонците?“

Членот 7 од Преспанската спогодба е парадоксален и во однос на Македонците што живеат и работат во период од 19 до 20 век во северниот регион на денешна Грција. Да замислиме дека Гоце Делчев во текот на неколку месеци повеќепати ја минувал денешната граница меѓу Грција и Македонија. Според Преспанската спогодба, во периодите кога тој бил во северниот регион на денешна Грција, Македонецот Гоце Делчев имал елински идентитет, додека во периодите кога тој престојувал во границите на денешна Македонија, неговиот македонски идентитет бил „особено различен од оној наведен во членот 7, став 2“. Така, за илустрација, да претпоставиме дека во тек на еден ден, македонскиот корифеј Гоце Делчев ја преминал стотина пати денешната граница меѓу Грција и Македонија, што, според Преспанската спогодба, значи дека само во еден ден тој стотина пати го сменил својот идентитет. Каква парадоксална и бесмислена спогодба?
Од антиката до средината на 19 век, еминентни грчки и странски мислители и историчари сметале дека Античките Македонци се грчки окупатори. Така, за Филип Втори Македонски, Демостен вели: „Филип не е ниту Хелен, ниту има нешто со Хелените, не е ниту варварин, туку е од чумата македонска, од која човек ни роб не би купил“. За промената што се случила во средината на 19 век, на односот кон Античките Македонци: од окупатори и непријатели до национален мит, дел од античкото грчко наследство и неизбежен и цврст дел од грчкиот идентитет, пишувале многу македонски и светски историчари. Ѕирнете, на пример, во текстовите на нашите добри познавачи на историските и актуелните односи меѓу Македонија и Грција, професорите Далибор Јовановски и Војислав Саракински.

Во книгата „Замислени заедници“, Андерсон зборува за трите парадокси на нацијата: (1) современост наспроти древност: нациите, за објективните мислители, се современи институции, додека, за националистите, тие имаат далечно, по можност, античко минато; (2) универзалност наспроти посебност: нацијата е универзален социокултурен концепт, проследен со непосредна специфичност на нејзините конкретни манифестации; и (3) моќност наспроти слабост: нацијата е придружена со „политичката“ моќ на национализмите, наспроти нејзината филозофска непотребност, па дури и непостоење. Според Андерсон, националната свест е модерен концепт. Меѓутоа, тоа сфаќање, иако општоприфатено во студиите за нацијата и национализмот, не влијае врз националната историографија на Балканот.
Тоа што некои од македонските политичари и историчари не го разбираат, или го разбираат но го занемаруваат и го запоставуваат, поради сервилноста кон помоќните, е дека балканските држави во 21 век, кога станува збор за национализмот, не се отидени подалеку од 19 век. Оттука, бесмислено е тврдењето дека денешните Македонци од Македонија и од Грција се потомци на Античките Македонци, но не само тоа, туку и: „етничката, генетската и културната врска меѓу денешните Грци и Античките Грци, или денешните Бугари и степското племе Бугари по кое се именувани, е толку далечна и посредна што ниту една модерна политичка заедница не треба да бара монопол врз Александар Македонски или Самуил, а камоли да ги ограничи другите врз основа на тоа право во однос на името, знамето и државните симболи на државата“ (Александар Павловиќ). Дел од суверенитетот на секоја држава вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира своите внатрешни работи: религијата, јазикот, националноста и, соодветно на тоа, образовниот систем, па, оттука, иднината на Македонија не треба да зависи, на пример, од учебникот по историја за седмо одделение. Европската Унија, од една страна, не треба да ги поддржува националните фрустрации на Грција и на Бугарија, но, од друга страна, македонските политичари и историчари треба еднаш засекогаш да престанат со нивното сервилно и понизно однесување. Ако на некои држави, надвор од Унијата, им се стеснуваат основните права до степен на самоуништување, додека на други, во нејзиниот состав, им се зајакнува нивната ексклузивност, тогаш тоа сигурно не е во „духот на демократијата, почитувањето на човековите права и основните слободи и достоинството“.

Денешниов текст ќе го завршам со краток осврт на расказот „Непознатото ремек-дело“. Во него се зборува за големиот сликар Френхофер, кој десет години минува сликајќи го и менувајќи го портретот што ќе означи „револуција во уметноста“, „најцелосната репрезентација на реалноста“. Кога, конечно, Френхофер им дозволува на своите колеги да го видат неговото маестрално дело, на нивен ужас, тие здогледуваат бесмислена слика, па по забелешката дека „Френхофер… толку пати го преправал портретот, што од него не останало ништо“, големиот сликар се самоубива. Таков е и случајот со Македонија – толку пати сервилните и неуки политичари ги менуваа и допрва, доколку им се дозволи, ќе ги менуваат нејзините основни суверени атрибути, што од неа не остана речиси ништо – таа постепено исчезнува пред нашите очи, а ние сме само неми сведоци на нејзиното разнебитување. До кога?!