Фото: Архива

Косово и Србија минатиот месец се договорија да ги олеснат прописите за патување на нивните граѓани, но антагонизмот помеѓу двете страни не е завршен и им штети на нивните амбиции да се придружат на ЕУ, и покрај договорот за личните документи под посредство на ЕУ, пишува „Фајненшл тајмс“.

Платор Авдиу од косовскиот Центар за безбедносни студии смета дека ефектите од договорот се ограничени, иако ги смирил тензиите.

– Не гледам простор за конечен договор набргу. Договорот за личните документи дојде прилично ненадејно. Но реално, нема гаранција за придвижување кон признавањето на Косово од Србија, дури иако Косово прифати дополнителни отстапки – вели Авдиу.

Српскиот претседател Александар Вучиќ инстистираше дека одлуката за овозможување на влез на Косовците во Србија со косовски лични документи, не е индикација оти се признава косовската независност.

– Нема заемно признавање. Немојте да доаѓате во Белград со овие приказни бидејќи тие се безначајни – напиша Вучиќ на Фејсбук.

Косовските Срби генерално се противат на дополнителна интеграција со Приштина.

– Ние ги гледаме нив како паралелна, нелегална институција. Ние сме граѓани на Србија, што и да велат бриселскиот или другите договори – порача Милош Дамјановиќ од Косовска Митровица во изјава за „Фајненшл Тајмс“.

Локалното население од двете страни на етничката поделба има мали надежи за договор што ќе постигне мир, иако многумина јасно се сеќаваат на војната.

– Луѓето се среќаваат на реката Ибар што нѐ делеше толку долго. И Србите се изморени од тоа да бидат искористувани – кажа Валдете Идризи.

И дел од локалните Срби, сепак, се залагаат за смирување на тензиите.

– Им кажав на двете страни да ја намалат токсичната реторика, да им се обраќаат на медумите заедно и да ги одржуваат билатералните разговори во Белград и во Приштина, а не во Брисел – истакна Миодраг Миличевиќ од организацијата „Актив“ што работи на дијалогот помеѓу Белград и Приштина за решавање на проблемите на српската заедница на Косово.

НАТО има илјадници припадници на Косово во рамки на мисијата на КФОР и на ЕУЛЕКС, со цел за одржување на мирот и помагање на локалните институции.