Соговорниците со кои се консултира весникот сметаат дека чашата е веќе прелеана и дека јавноста повеќе нема намера да го толерира самоволието на функционерите, со право барајќи да профункционираат регулаторните и контролните механизми и инструментариум на државата, при што јасно и недвосмислено ќе се утврдува одговорност, евентуална вина, како и соодветна казна за сите оние што ги прекршиле законот и демократските принципи, дури и кога станува збор за највисоки државни претставници. Токму државата со своите механизми е таа што треба да воведе ред во владеењето, да се бори против корупцијата, криминалот и сите негативни појави во општеството, односно да биде вистински контролор на државната управа
Контролни механизми во општеството само на хартија (3)
Повеќедецениското (не)свесно руинирање на системот на контролни механизми на работата на функционерите, односно државната управа, се чини дека го доживува својот врв, резултирајќи со огромен степен на корупција, континуирани случаи на непотизам и практикување т.н. „султански концепт“ во сите пори на политичкиот систем, потоа невладеење на правото, практика да не се презема одговорност за ништо, неказнивост, доведувајќи ја под сериозен знак прашалник и функционалноста на самата држава.
Имено, токму државата или, уште попрецизно, постоењето на правната држава, со своите механизми, е таа што треба да воведе ред во управувањето, да спречи и да се бори против прекршувањето на позитивното право во државата, против криминалот, корупцијата и сите негативни појави во општеството, односно да биде вистински регулатор и контролор на државната управа, односно во општеството.
За жал, кај нас овие контролни механизми во голем дел се ставени надвор од функција, така што наместо стручни и компетентни луѓе, тие се пополнети со партиски апаратчици, кои повеќе гледаат да одработат за партискиот функционер што под некаков притисок на јавноста би се нашол пред тоа контролно тело, отколку да утврдуваат фактичка состојба и да даваат препораки за понатамошна (извршна) постапка, од поврзаната мрежа на регулаторно-контролни инструменти, кон соодветно процесирање.
Најдобар пример се собраниските комисии, кои буквално целиот собраниски мандат или немаат кворум или, пак, не им доаѓа на реферирање повиканиот функционер. Слична е судбината и на други контролни тела надвор од Собранието, така што повеќе од сигурно е дека очигледно некому му одговара ваквата неконтролирана ситуација.
Што треба да се направи за политичката контрола да биде функционална?
Повеќето наши соговорници и добри познавачи на политичките состојби во земјава сметаат дека чашата е веќе прелеана и дека јавноста повеќе нема намера да го толерира самоволието на функционерите, со право барајќи да профункционираат контролните механизми и јасно и недвосмислено да се утврдува одговорност, евентуална вина, како и соодветна казна за сите оние што ги прекршиле законот и демократските принципи, дури и кога станува збор за највисоки државни претставници.
Заеднички став на соговорниците е дека контролата треба најпрво да почне од Собранието, односно собраниските комисии да бидат првите контролни механизми што ќе утврдуваат дали е некој способен за одредена функција, дали некој лошо работел и откако ќе ги утврдат сите факти, да дадат соодветна препорака, која треба да биде насока за постапување на друго надлежно контролно тело што ќе ги утврдува и потврдува сите елементи. Клучно за нашите соговорници е дека треба да функционира тој синџир на контролни механизми, низ кој ќе помине секој функционер, сè додека не се утврди „дали и во колкава мерка има одговорност или, пак, е виновен или не“ за она за што бил повикан пред контролните тела. Уште поважно е партиите да не ги користат овие контролни тела како алатки за меѓусебна политичка пресметка и преку разни опструкции всушност да ја блокираат контролата врз функционерите.
– За да профункционира и кај нас тој систем на контролни механизми, најкритична улога се јавноста и транспарентноста овозможени преку парламентарните домови. Имено, пред секое именување, дури и на самата извршна власт, треба да го следиме примерот од западните системи, односно потребно е именуваното лице да ја одбрани својата програма пред соодветните собраниски тела. Тоа им овозможува на избраните пратеници, но и на целата јавност, да се запознаат со личноста на предложениот кандидат, со неговиот политички светоглед, со неговата лична филозофија итн. – вели Ивица Боцевски, аналитичар и поранешен вицепремиер.
Според него, ова е клучно затоа што политичките партии ќе мораат да предложат квалитетен и способен човек доколку сакаат граѓаните да им веруваат и на некои следни избори да гласаат за нив.
– Самите партии, пак, што предлагаат кандидати, на тој начин се судираат со дополнителен проблем. Предложените кандидати се книжат на контото на политичката партија што ги предложила. Доколку тие кандидати се претстават во добро светло, тоа значи поголеми шанси на следните избори за партијата, а ако се покажат во лошо светло, тоа значи лоши гласови. За жал, кај нас не заживеа оваа практика во Собранието, но, според мене, таа е клучна и критична и мора да почнеме со неа – истакнува Боцевски, посочувајќи го ова како едно од решенијата за ставање во функција на контролните механизми уште од базата.
Несомнено, за функционалност на државните институции, треба да пораснат довербата, почитувањето, угледот и влијанието на контролно- регулаторната мрежа
Првиот човек на Институтот за демократија, Марко Трошановски, се согласува дека Собранието е првата институцијата каде што треба да профункционира контролата, како на институциите под државна надлежност, така и на функционерите.
– Тоа е надзорната функција на Собранието и во Деловникот и во Законот за Собранието постојат предвидени инструменти со кои треба да се прави контролата. Пред сè се анкетните комисии и надзорните расправи што може да ги иницираат пратениците. Проблемот тука е што Деловникот не предвидува голем дел од тие ситуации, односно не е регулирано кои се последиците за институцијата или функционерот за кој ќе се констатира дека не си ја врши добро работата – вели Трошановски.
Тој потсетува дека извештајот на Комисијата за спречување корупција само се разгледува, како и на Државниот завод за ревизија, без да има некаков поинаков епилог!?
– Тие извештаи само се разгледуваат од страна на собраниската комисија, потоа се констатира дека е разгледан и толку. Но ако се констатира дека одреден менаџер на институција не си ја завршил работата добро, нема никаква одговорност – нагласува Трошановски.
Од тие причини тој посочува дека добро би било во тие комисии да се додадат некакви механизми за повикување на одговорност на некој функционер, па тој да мора да се појавува пред тие комисии, а не свесно да ги избегнува, знаејќи дека нема да има никакви понатамошни последици.
– Во повеќе наврати се залагавме да се воведе на тие комисии некаков механизам за повикување на одговорност, како и конкретни санкции. На пример, ако раководител на некоја институција или претставник на извршната власт не се појават на неколку расправи, тие да бидат разрешени од функцијата – појаснува Трошановски.
На тој начин ќе растат довербата, почитувањето, угледот и влијанието на тој контролно-регулаторен инструмент. Кај нас, моментално работата на тие надзорни расправи многу ретко се иницира од страна на пратениците.
– Тоа е затоа што имаме малку пратеници со интегритет, многу често се на линија на извршната власт и не ги иницираат тие надзорни расправи или, пак, кога ги има, не се засноваат на фактичка ситуација, за што е потребно да се направи анализа од страна на пратениците и кои ретко одвојуваат време за таква работа, така што често овие расправи се сведуваат на политичко-партиски препирки и злоупотреби на тие расправи чисто заради дневнополитички поени, а не суштинско утврдување одговорност – потенцира Трошановски.
За него е суштинско да се зајакнат санкциите врз институциите и функционерите што не си ја вршат одговорно својата работа, но и да се зголеми бројот на надзорни расправи.
– Тоа допира до самата срцевина како да добиеме функционални контролни механизми, преку промена на изборниот модел што ќе донесе во Собрание пратеници што не секогаш слепо ја слушаат партијата, туку и самостојно настапуваат – додава Трошановски.
Првиот човек на Институтот за демократија се осврнува и на другите контролни тела врз работата на функционерите.
– Кога се формираше Државната комисија за спречување корупција се отвори дебата дали таа треба да има превентивна функција, во смисла да детектира корупција, но ја санкционираат други, како Обвинителството, МВР и судовите, или, пак, да има и своја полиција, како што е случајот со УСКОК во Хрватска или Обвинителството на Ковеси во Романија, каде што постои независност во истрагите од лостовите на извршната власт и судството. Кај нас тоа не е случај и се покажа дека вака поставениот модел е неефикасен, бидејќи се игнорира што и да направи Комисијата – подвлекува Трошановски.
За него добра страна во сите овие случувања е што сега фокусот јасно се става и треба да се става врз институциите што не си ја вршат својата работа.
– Ако имаме некоја институција што работи, како ДКСК, а истовремено имате 15.000 нерешени предмети во Обвинителство изминатава година, притисокот ќе биде врз Обвинителството и полека-полека се кристализираат работите, кој работи, а кој потфрла во работата. На тој начин греба да се бара и одговорноста – потенцира Трошановски.
И тој се согласува дека контролните механизми мора да се стават во функција, бидејќи ситуацијата во која запаѓа од земјата ден на ден го налага тоа.
– Кога веќе зборуваме за она што може да се преземе во насока на подобро активирање на тие контролни тела, покрај ДКСК, втората проактивна институција е Државниот завод за ревизија. Таму има еден куп наоди за злоупотреби, ревизорски и фактички потврдени. Тука мора државата да почне да постапува и да разрешува директори во сите институции каде што ревизорите утврдиле неправилности во работењето. Ова е одлична контролна алатка што може да се користи, но очигледно некој не сака да ја користи. Може и на ДЗР да се додадат некакви надлежности во смисла на финансиска полиција, но тоа би дошло во конфликт со Управата за финансиска полиција – истакнува Трошановски.
На крајот, но не и најмалку важно, според соговорниците, вреди да се спомене и регулаторно-контролниот механизам на Уставниот суд, за кој ќе елаборираат во наредната пригода. Но, за оваа пригода, како контролно-регулаторен механизам, соговорниците го издвојуваат како највисок орган во чиja надлежност е утврдувањето на усогласеноста на законите и другите прописи со Уставот (и со законите).
Токму Уставниот суд решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.
Понатаму, Уставниот суд одлучува за одговорноста на највисоките државни функционери, односно за одговорноста на претседателот на државата! Значајно е да се издвои дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основа на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Тој одлучува и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Чекори за враќање на домаќинското одговорно работење и активирање човечки ресурси што се професионалци, компетентни, некомпромитирани и со знаење и вештини
Со наведените констатации се согласуваат сите соговорници со кои се консултиравме, јасно истакнувајќи дека системот на неконтрола и неодговорност доведе до тоа земјата катастрофално да се справува со корупцијата.
Она што е кристално јасно и што треба веднаш да се направи за да почнат да функционираат контролните механизми е промена на изборниот модел. Тоа, како што наведуваат нашите соговорници, ќе овозможи народните избраници да почнат да се однесуваат поодговорно и да ги застапуваат интересите на оние што го дале својот глас за нив, наместо да ги слушаат директивите на партискиот лидер. Самостојните и одговорни пратеници ќе притискаат да се открие секаков вид злоупотреби од функционерите, па затоа дигнитетот на контролори на институциите и функционерите треба да се врати на собраниските комисии. Истовремено, треба да се направат измени и во собранискиот деловник, што ќе им овозможи на истите тие комисии, наместо само да констатираат, да изрекуваат санкции, па дури и да можат да разрешат некој функционер што се однесува неодговорно.
Втора исклучително важна работа што треба да се направи е реферирање на секој предложен кандидат за која било функција пред пратениците, да ги слушнат неговата програма, неговите планови, неговите гледишта и позиции. Тој буквално треба да биде изложен на вкрстен оган од пратенички прашања, за да може јавноста јасно да види дали тој кандидат може да се справи со предизвиците пред кои е исправен. Така нема да се случува некадарни луѓе да се на чело на клучни институции и наместо да го унапредуваат работењето на таа институција, да ја користат позицијата за лично богатење.
Трето, контролниот аларм што одекнува од институции како ДКСК или ДЗР не смее да биде игнориран, туку треба да следува институционален одговор на надлежните институции, пред сè Обвинителството, кое мора да престане да биде сервис на секоја власт и конечно да почне да си ја работи својата работа.
На крајот, тука е моќниот контролен механизам наречен јавност, која треба да реагира гласно секогаш кога ќе забележи дека функционерите не работат домаќински и во интерес на државата.
Ова е само мал дел од насоките и чекорите што треба да се преземат ако сакаме Македонија да стане пристојно место за живеење, држава без корупција, со одговорни и чесни политичари, со институции со интегритет и доверба. Ако некој не сака да го направи ова, тогаш ниту ќе ја донесеме Европа дома, а уште помалку ќе се придвижиме кон неа.