АТЛЕТИКА

  • Андреас Трајковски беше најуспешниот македонски претставник, кој се закити со злато во скок во далечина, со одличен резултат од 7,62 метри, на европското првенство Челинџер за 2026 година

Македонската атлетска репрезентација забележа извонредни резултати на европското првенство Челинџер за 2026 година, во Монако, освојувајќи медали, поставувајќи лични рекорди и нов национален рекорд, потврдувајќи го континуираниот напредок на македонската атлетика на меѓународната сцена.
Андреас Трајковски беше најуспешниот македонски претставник, кој се закити со златен медал во скок во далечина, постигнувајќи одличен резултат од 7,62 метри. Јован Стојоски го освои бронзениот медал во трката на 400 метри со пречки со време од 53,80 секунди. Огнен Стефановски се искачи на победничкиот пиедестал во трката на 110 метри со пречки, освојувајќи бронза со нов личен рекорд од 14,68 секунди. Брајан Авиа, исто така, освои бронза, во скок во височина, со резултат од два метра. Мелиса Димитриоски е седма во трката на 100 метри, поставувајќи нов личен рекорд од 12,31 секунди. Михаил Петров го освои 10-то место во трката на 400 метри со резултат од 49,36 секунди. Дополнителен повод за гордост е настапот на македонската штафета во дисциплината 100-200-300-400 метри (шведска штафета), која го освои четвртото место со нов национален рекорд од 1:55,08 минута.
– Овие резултати, секако, претставуваат уште една потврда за квалитетот, посветеноста и потенцијалот на македонските атлетичари и атлетичарки, кои достоинствено ја претставија Македонија на меѓународната сцена – пишува Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Г.И.