Едно те исто? Не ќе да е!

Очигледно дека првите луѓе на државата ќе имаат тешка задача да ѝ објаснат на јавноста како е можно криминалците да имаат толкава сила за да постават камери и софистицирани надзорни системи за контрола и шпионирање на безбедносните сили. Значи, наместо полицијата да ги контролира криминалците, се случувало нешто сосема спротивно. Или, пак, сето тоа било едно те исто?!

Интересна вест пренесоа вчера медиумите од нашиот западен сосед. Имено, по налог на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК), бил приведен градоначалникот на албанскиот град Булќиза, Лефтер Ала. Како што јавија албанските медиуми, градоначалникот Лефтер Ала е уапсен од страна на државната полиција по налог на СПАК, затоа што се товари за две обвиненија, за корупција и за злоупотреба на јавни тендери. Приведени се и неколку други лица, сите вработени во општинската администрација, а кои биле членови на комисијата за спроведување тендерски постапки.
Булќиза е познато рударско гратче во близината на албанско-македонската граница, на дваесетина километри од Дебар. Во јули 2021 година за злоупотреба со тендери беше уапсен градоначалник на Љушња, Фатос Туше, кој веќе е на издржување на затворската казна. И тој е од редовите на социјалистите, како и актуелниот градоначалник уапсен пред два дена.
Е сега, ова не е нешто ново, дека функционери на централно или на локално ниво си имаат обичај да бркнат рака во медот, тоа е општопозната балканска приказна, впрочем ниту нашите функционери не се имуни на тој вирус. Но она што ја прави албанската приказна уште поинтересна е фактот дека таму криминалот како да зафаќа сѐ посилно и подлабоко. Еве, деновиве дури и угледниот „Фајненшел тајмс“ се занимава со состојбите таму.
Во анализата што им ја понуди на своите читатели, овој медиум пишува дека „моќта на криминалните мрежи во Албанија на Еди Рама беше спектакуларно откриена минатиот месец“, потенцирајќи дека „полицијата уништи стотици надзорни камери поставени од криминалци – огромна шпионска операција што ги надгледувала органите на редот, ривалските банди и кланови, а и своите плантажи со толку познатата албанска трева“! Притоа во анализата се наведува дека најновите откритија на истражните органи „направиле непријатна заднина за Рама, кому Западот му се додворуваше како сроден дух во регионот познат по своите променливи верности“.
Очигледно дека првите луѓе на државата ќе имаат тешка задача да ѝ објаснат на јавноста како е можно криминалците да имаат толкава сила за да постават камери и софистицирани надзорни системи за контрола и шпионирање на безбедносните сили. Значи, наместо полицијата да ги контролира криминалците, се случувало нешто сосема спротивно. Или, пак, сето тоа било едно те исто?!

Весникот наведува низа примери на високорангирани политичари што се огрешиле пред законот, па, меѓу другите, го наведува случајот на поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири, кој беше затворен за злоупотреба на службената положба и инволвираност во синџир за шверц на дрога. Толку од спроведувањето на законот. Всушност, толку од владеењето на правото и правната држава, во која од највисоките државно-функционерски места се генерираат корупцијата и организираниот криминал. Ви звучи ли ова познато за земјиве од регионов? Веројатно – да. Но се чини дека тому Албанија стана шампион во тоа, а некој откај нас од Владата сака да се фузира со Албанија: територијално, содржински, со население… Па, зарем е можно ова?! Па нели бенчмарк значи да се угледаме и тежнееме кон некој што е подобар, поуспешен на сите полиња, како што се западните земји и ЕУ? Ама ние изгледа сето тоа буквално го сфаќаме… имено, да се интегрираме со Западот, за нас значи дека треба да се соединиме со земја што е првата западна земја до нас – Албанија?! Секоја чест за некои од избраните ни политички и државни лидери!
Напливот на вести деновиве во врска со ова се совпаѓа со моите размислувања. Имено, најавите за некакво ново регионално поврзување, како и зачестените изјави по разни медиуми дека „треба да се укинат некои граници и да дојде до поврзување територии“, повторно иритираат и бараат соодветен институционален одговор.
Но ајде, овој пат нема да се занимаваме со правниот аспект на таа тема, на неа најдобро можат да одговорат професионалците, кои веројатно ги имаме, во мал број, но сепак ги имаме: Во обвинителството!
Нас нѐ заинтригира еден друг аспект на проблемот. Односот кон својата држава, кон татковината, кон својата родина, кон грутката земја на која живееме сите ние. Токму затоа би било добро да се види каква е реакцијата на дел од овие најзапалените политичари што ги даваат таквите ПАТРИОТСКИ изјави. А знаете ли што е патриотизам? Или, уште посилно, што е највисокиот стадиум на еден човек патриот? Кратко и јасно: тоа е односот во кој сите свои располагачки лични капацитети (знаење, вештини, професионален однос, чесност, посветеност, работа и над сѐ одговорност кон нештата) ги вложуваш во своето секојдневно живеење! И така живееш ти, луѓето околу тебе, семејството, соседите, пријателите и познаниците! Тоа е патриотизам!

Така, господа мои, другари и другарки, браќа и сестри – се гради една држава. Своја држава!
И само за крај. Околу сакањето на својата држава и вложувањето во неа за идните генерации… Еве накратко, но тоа ќе ми биде тема на некои иден издржан коментар…
Имено, барем досега, не сме слушнале одговор што држи вода од некој домашен политичар во однос на поразителните бројки што ги објавуваат надлежните органи, за собирањето данок, но и за наплата на давачките кон државата, кои во одредени општини во западниот дел на Македонија се мисловна именка.
Кога истите тие политичари што така запалено ги претставуваат своите соништа како реалност би се разбудиле и би се соочиле со реалноста, веројатно би сфатиле дека многу покорисно ќе биде истата енергија од говорите и јавните настапи за некакво прекројување граници да ја пренасочат кон своите приврзаници, со совет дека давачките кон државата мора да се намируваат заради заедничка благосостојба.
Ајде, се читаме во наредната, скора прилика…