Дискусијата на бугарскиот европарламентарец Јорданов предизвика бурни реакции на негодување од страна на македонските пратеници

Колку и да се обидува некој да ја релативизира целата работа и да објаснува дека внесувањето на Бугарите во Уставот е чекор кон Европа, во суштина тоа е само чекор што ќе ја врати државата во едни мрачни времиња, кога македонскиот народ беше насилно асимилиран и понижуван. Ако тоа се случуваше тогаш затоа што Македонците беа спречени да формираат сопствена национална држава, сега, кога ја имаат државата, некој се обидува да им ја украде

Ако бугарските политики кон Македонија не се менуваат, дали е време ние да смениме нешто

И да ги внесе Македонија Бугарите во Уставот, искуството низ годините јасно отсликува дека „ништо суштински нема да се промени во односот на официјална Софија кон земјава, имајќи предвид дека станува збор за континуирана стратегија, која Бугарија ја спроведува повеќе од еден век, без оглед кој е на власт“, тврдат унисоно многу наши соговорници – интелектуалци, професори, дипломати, аналитичари…

Негирањето на посебноста на македонскиот народ, јазик и историја се случувало отсекогаш, особено во 19 век, се случувало на почетокот на 20 век, за време на двете светски војни, но и потоа, во времето на комунистичкиот режим на Тодор Живков, како и по падот на тој режим и доаѓањето на новите демократски текови на бугарската политичка сцена.

Најсвежи примери за македонската деноминација

Власта, партиите и политичарите во Бугарија се менуваа, но негаторскиот однос кон Македонија остана константен за сето ова време.
– Слушнав примери за дискриминација на Бугарите во С. Македонија, за опожарување на културните клубови, за славење на сторителите, за носење ретроактивен закон… сето тоа е неприфатливо во ЕУ. Дали е ова владеење на право? Ова не е само прашање на односите на Бугарија и С. Македонија, ова е прашање на човековите права и вредности. Мора да знаете историја. Таа е вечна дисциплина. Гоце Делчев неколкупати се декларирал како Бугарин – изјави завчера Александар Јорданов, бугарски европарламентарец и поранешен амбасадор на Бугарија во Македонија, говорејќи во рамките на мешаниот парламентарен комитет Македонија – ЕУ. Тој среде македонското собрание, без никаква причина, не само што уште еднаш повтори дека Гоце Делчев е Бугарин туку и дополни дека браќата Миладиновци објавиле бугарски, а не македонски народни песни.
Дека Македонија е главна преокупација за бугарската надворешна политика покажува и однесувањето на бугарскиот претседател Румен Радев, кој целата неодамнешна средба со еврокомесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји ја искористи за оцрнување на Македонија. Очигледно тој стана најрадикалниот политичар, што се однесува до македонското прашање, тој не избегнува ниту да фингира состојби се со цел да прикаже некаква дискриминација на Бугарите во Македонија.
– Како што многу добро знаете, нема напредок ниту по најважното прашање, кое е задолжителен услов за почнување на преговорите, односно промена на Уставот со впишување на Бугарите. Но, за жал, проблемот не е само тоа. Сведоци сме на зголемена системска дискриминација, полициско, административно судско самоволие кон бугарските здруженија, засилување на злосторствата од омраза врз Бугарите и луѓето со бугарски идентитет во Македонија – изјави Радев на средбата со Вархеји.
Очигледно темите како Бугарија побрзо да стане дел од Шенген, како да ја засили борбата со корупцијата и како да завладее правото не се доволно интересни и немаат никаков приоритет за Радев, за разлика од вечната романтичарска тема – големата санстефанска Бугарија.

Искусните политичари предупредуваат дека внесувањето на Бугарите во Уставот е само капка во базенот барања на Софија

Сето ова доволно јасно говори дека официјална Софија во ниту еден момент нема да се задоволи со внесувањето на Бугарите во Уставот, уште помалку ќе се согласи со некакви решенија што ќе ги донесе работната група за уставни измени ако тие не бидат по нејзин терк.
Не случајно и во неодамнешниот осврт на Институтот за демократија на документите поврзани со условувањето на Бугарија за македонското членство во ЕУ се наметнува дилемата дали внесување на бугарската заедница во Уставот на Мaкедонија е единствениот критериум со кој се констатира исполнувањето на предусловите за втората меѓувладина конференција од пристапните преговори за членство во ЕУ.
– Она што експлицитно не е напоменато, но произлегува од заклучоците на Советот на ЕУ за Македонија, е дека тука се опфатени и условите од протоколот со Бугарија (на пример историските прашања, јазикот, справувањето со говорот на омраза…) – се вели во освртот на Институтот за демократија.
Едноставно кажано, произлегува дека минатиот јули беше одобрена преговарачката рамка, но од формалноправен аспект таа не е и официјализирана. За да се заокружи процесот на отворање меѓувладина конференција е потребно комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори со Македонија, а тоа значи дека земјава ќе мора, покрај уставните измени, да ги реши и прашањата од историјата што ги отвори Бугарија, да направи измени во програмите по историја, да испечати нови учебници, да ги промени натписите на некои споменици, на некои знаци, на информациските материјали во музеите и други објекти со образовно и културно значење, како и да ги промени во согласност со бугарскиот наратив сите релевантни информации во електронските информативни медиуми во јавна сопственост. И за да го направи тоа има рок од две години.
Дополнително, може само да се претпоставува како Софија ќе го материјализира издавањето на повеќе десетици илјади бугарски државјанства на македонски граѓани, потег што очигледно бил добро осмислена бугарска стратегија. Не случајно бројките со кои оперираат бугарските политичари е дека во земјава има над 130 илјади граѓани со бугарско државјанство, така што прашање на време е кога официјална Софија ова ќе го изнесе пред ЕУ како аргумент за своите тези за бугарското потекло на Македонците.

Грешката е направена, како да се исправи?

Колку и да се обидува некој целата работа да ја релативизира и да објаснува дека внесувањето на Бугарите во Уставот е чекор за приближување кон Европа, во суштина тоа е само чекор што ќе ја врати државата во едни мрачни времиња, кога македонскиот народ беше насилно асимилиран и понижуван. Ако тоа се случуваше тогаш затоа што Македонците беа спречени да формираат сопствена национална држава, сега, кога ја имаат државата, некој се обидува да им ја украде.
Клучното прашање што си го поставува секој граѓанин во оваа држава е како понатаму земјава да се справува со уцените од Бугарија и да не дозволи спроведување хегемонистички политики за кои мислеше дека одамна се минато, водејќи се од идејата дека ЕУ прва ќе се спротивстави на таквите тенденции. За жал, ЕУ не само што не се спротивстави туку отворено ги поддржа и продолжи да ги поддржува, дозволувајќи во преговарачката рамка за земјава да влезат идентитетски, јазични и историски прашања, наместо копенхашките критериуми. Поаѓајќи од досегашното однесување на официјален Брисел кон земјава, ниту идентитетот ниту јазикот се загарантирани, бидејќи ако некогаш се случи Македонија да дојде во позиција да стане членка на Унијата, тогаш ќе се материјализираат сите соседски аспирации. И тогаш некој веројатно ќе ја продава истата приказна дека „останува уште само тоа да го проголтаме“, за да станеме дел од Унијата.
Затоа сега е исклучително важно добро да се промисли пред да се преземе каков било избрзан чекор, оти очигледно избрзаните решенија ја ставија земјава во целосно подредена состојба кон соседите, да мора во недоглед да ги исполнува нивните барања.

Во земји што имаат визија и стратегија, процесите се предвидуваат и до 50 и 100 години нанапред, но очигледно за актуелните луѓе што ја предводат македонската дипломатија визијата се сведува на дневна основа, да се затвори набрзина секое отворено прашање, без оглед на цената, само некој да излезе добар во очите на меѓународната заедница.
Македонија има многу пријатели и во Европа, зад неа стои стратегискиот партнер САД, но се чини дека дипломатијата не знае да направи некаква стратегија како да ја неутрализира Бугарија во намерата целосно да ја стави под контрола земјава. Тоа подразбира активирање еден вид „скриена дипломатија“, која во поголемите центри на моќ ќе работи на разобличување на бугарската асимилаторска политика.
Таква тактика примени Бугарија кога виде дека прашањето за историјата не ѝ поминува никаде, па се сврте кон човековите права. Македонија не успеа да се одбрани од ваквиот бугарски напад и самата се доведе во подредена позиција, притисокот постојано да биде врз неа.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека е потребна сериозна внатрешна дебата од која ќе се изроди нова стратегија што ќе го одреди правецот по кој во иднина ќе се движи државата, без таа да биде доведена во уценувачка позиција од кого било.
– Прво, не треба да поминат уставните измени онака како што ги испреговараа Заев, Ковачевски и Пендаровски. Потоа треба да отвориме сериозна внатрешна дебата во Македонија, да направиме пресек што ни се случуваше од 2014 година, каде нè доведоа погубните политики на Заев за попуштање кон сите страни, бришење на црвените линии и газење на уставниот поредок, па повторно да ја исцртаме македонската стратегија, македонската надворешна политика и македонскиот уставен патриотизам – смета Боцевски.

Според него, откако прво ќе се расчистат работите дома, тогаш ќе може врз основа на таа нова стратегија да се разговара со странските центри за тоа како да се надмине сегашната пат-позиција, односно позиција во која Македонија е доведена во ситуација постојано да прави отстапки на своја штета.
– Откако ќе расчистиме дома со сите тие работи, потоа лесно ќе седнеме и со Брисел и со Вашингтон и со Софија, па ќе се договориме како да продолжиме понатаму, но без уцени, притисоци и бришење на cè што е македонско – заклучува Боцевски.