Аудиоинженерството како професија не е доволно платено на овие простори. Аудиоинженерите тука се принудени да работат на повеќе позиции и проекти одеднаш, за да можат пристојно да егзистираат. Се надевам дека во блиска иднина ќе се промени тоа, посочува Аговски
Владимир Аговски, аудиоинженер
Владимир Аговски, дипломиран аудиоинженер, држи предавања за аудиопродукција во културниот центар „Јадро“, во рамките на новиот проект „Артс хаб“. Повеќе од половина од пријавените се школувани музичари, кои се докажани во својата професија. Курсот наложува апликантите да имаат претходно искуство и веќе изработена музичка нумера, на која ќе го применат стекнатото знаење низ курсот. Ваквиот пристап низ практика е единствен и карактеристичен само за неговите предавања, кои ги држи веќе шеснаесет години.
Има ли интерес за аудиопродукција кај нас?
– Интересот е голем. Проблемите со кои се соочуваат речиси сите музичари и музички ентузијасти во овој домен се: достапноста до несоодветни информации може да наведе во погрешна насока, љубоморно чување техники и пристапи во работата, недостиг од стручен кадар и квалитетни образовни институции. Аудиоинженерството е скап „спорт“. Покрај критичкото уво на аудиоинженерот, потребни се акустички добро истретирана соба, квалитетен звучен мониторинг-систем и процесорски уреди, микрофони, аудиопрограми, плагинови итн.
Што сѐ спаѓа под поимот аудиопродукција?
– Аудиопродукцијата е технички и креативен процес при креирање и обработка на звукот, кој е определен со медиумот за кој е наменет (филм, ТВ, поткаст, музичка продукција итн.). Тој ги опфаќа фазите на креирање/компонирање на музиката, нејзино наснимување ако е потребно, едитирање, како и фазите на микс и мастеринг, кои се опфатени на овој курс. Секоја од горенаведените фази е посебна сама за себе и претставува посебна гранка од процесот на креирање и обработка на звукот. Музиката ја креираат композиторите, за изведбата се одговорни инструменталисти, за наснимување на звукот инженерите за снимање, за миксот на делото се микс-инженерите и за мастерот се мастер-инженерите. Сите овие гранки се меѓусебно интерактивни во процесот на креирање на делото и имаат специфичен пристап, алатки, креативност и сет на знаење што е потребно за фазата да биде квалитетно завршена.
Дали образованието во музиката е од големо значење за создавање квалитетна музика?
– Кога говориме за музичкото образование и квалитетната музика од аспект на создавање, мора да напоменам дека по вокација сум ауди инженер и мислам дека не сум најкомпетентниот што треба да говори за ова. Но сметам дека музиката треба да ја носиш во себе. Мора да го имаш моментот на инспирација и креативност, за разлика од математика, кога седнуваш и решаваш (меѓу другото и математиката ја љубам). Музичкото образование го разбирам како помош и насока. Креативноста е нешто посебно, тоа не се учи.
Каква основа сакате да им дадете на заинтересираните за аудиопродукција?
– За да бидете квалитетни во тоа што го работите, најпрво треба да имате љубов и желба кон работата, а потоа посветеност, истрајност и многу, многу практика. Времето е една од најголемите жртви што безусловно треба да бидат дадени, особено за оваа професија. Поведен од помислата дека како дете кога работев на својата музика немав каде да се образовам и да осознаам за аудиоинженерството, одлучив да оформам курс. Најпрво функционираше во склоп на друга школа за музика, но подоцна продолжив самостојно. Пристапот на моите предавања е различен од самиот почеток. Курсистите по завршувањето на курсот имаат комплетно готова сопствена нумера, која ја работеле и надградувале низ предавањата. Ваквиот пристап овозможува да ги осознаат своите недостатоци и да научат низ практика правилно и експедитивно да ги применат алатките и техниките што ги научиле на курсот. Но помошта не застанува тука. Колеги што завршиле знаат дека можат да ме побараат во секое време за проблемите со кои се среќаваат од оваа проблематика. Функционираме речиси како фамилија.
Какво искуство имате како аудиоинженер и кои се вашите следни амбиции?
– Моето патешествие во овие води започна во далечната 1987 година. Тогаш ја снимив првата нумера, ако може да се нарече така. Лутањето по студија, кои се броеја на прсти во тој период, ме натера да оформам свое музичко студио. Кон крајот на 1995 година ја оформив музичката продукција ДНС, која е во склоп на моето музичкото студио и прва од ваков вид. Моето име можете да го сретнете како автор на музика на музички нумери, реклами, театарски претстави (режирани од Нелко Нелковски, Кузман Клековски итн.), музика за документарни и краткометражни филмови („Среќна 13-ка“ МРТ, „Јас имам право, да“ – документарен филм за семејно насилство…) и играната серија „Авантурите на Итар Пејо“. Имам работено во телевизија, на живи настани (концерти), имам студиски наснимувано многу бендови и музички артисти, професионално имам работено на политички кампањи, реставрација на аудиозаписи за МОБ и музика на истакнати професори, аудиофорензика, микс и мастер на многу музички нумери, постпродукција, тонец на неколку филма, документарни серии итн. Во периодот до 2015 година работев и како диџеј и ги промовирав македонските хипхоп-артисти. Имам издадено повеќе албуми и организирано поголеми фестивали, како „Полноќна миса“ (2001-2003) и првиот македонски хипхоп-фестивал „Аверанес – гет риал“ во 2007 година… Мојот иден ангажман сѐ уште го гледам како предавач, бидејќи се пронаоѓам во оваа благородна професија. За жал, аудиоинженер како професија не е доволно платена на овие простори. Аудиоинженерите тука се принудени да работат на повеќе позиции и проекти одеднаш за да можат пристојно да егзистираат. Се надевам дека во блиска иднина ќе се промени тоа.