Калиштани

Она што е вообичено за децата, не е невообичаено за политичарите – и едните и другите повтат да си играат со кал, до бербат. Но само децата можат да се измијат и повторно да блеснат како бисери (бисерот на неискуството и искреноста). Бисерот може да се извалка со кал, но останува бисер. Калта, пак, постоела и ќе постои само како кал, на балканската ораница и премногу. И не може да побисери. Ни кога ја носат како бисери, врз бели ракавици

Секоја земја има свои калишта. Како и секој човек. Во природата на земјата е да се калноса ако се измеша со вода, а во природата на човекот (и ненамерно) да ги испомеша нештата и да скршне од патот на доброто и вистината. Првото е природно, а второто човечки.
Поинаку е кога калиштето ќе ја заземе земјата, а калта ќе завладее со човек.
Во природата тоа се случува по обилни дождови, кај човек – по обилна немоќ. Или обилна моќ. А калта го привлекува човекот, уште од мал.
Она што е вообичено за децата, не е невообичаено за политичарите – и едните и другите повтат да си играат со кал, до бербат. Но само децата можат да се измијат и повторно да блеснат како бисери (бисерот на неискуството и искреноста). Бисерот може да се извалка со кал, но останува бисер. Калта, пак, постоела и ќе постои само како кал, на балканската ораница и премногу. И не може да побисери. Ни кога ја носат како бисери, врз бели ракавици.

Токму со такви ракавици ни се сервираат сѐ понепристојни предлози и сѐ постари препораки како нови, претходно „извриени“ од хигиенски причини. Притоа срамежливо (а бесрамно) се одложува сигурноста на можноста за „заедничка игра во калта“. Калта во која почна сервисирањето на грчкиот долг и истата кал во која ќе заврши неговиот отпис. Калта во која претаат мигрантите откако претходно им ја претворија земјата во кал. Калта на двојните стандарди и голите интереси. Калта на заборавноста на старата Европа за деновите кога не била толку добра. Калта како чистилиште за валканата совест.

А калта на Балканот е измешана со многу туѓа кал и натопена со крв што тешко се суши. И мошне долго. Нафаката е таква што ветровите што дуваат на овој ветромет не ја сушат калта, туку ја одржуваат во живот, замрзнувајќи го она што треба да се изведе на виделина, а одмрзнувајќи го она што треба да се заборави.
Па, така, имаме замрзнати конфликти што го кријат неподносливиот мирис на гнилото до некоја следна употреба и одмрзнати конфликти што по потреба го вадат гнилото на површина. Наместо решени конфликти имаме продолжени конфликти. Наместо раздолжен живот имаме задолжен живот. И одложен, врамен во кал, своја и туѓа, транзициска и постојана. Во обланда од кал на една постојана војна што час застудува, а час зоврива. Војна што дува од дамнина, а се чини дува и накај иднина, во континуитет. Војна во континуитет нарушен со мир, наместо мир како континуитет. Не нужно блиску, но и не нужно туѓа. Војна што ја одржува калта во живот и кога вистински ја нема или ја има на „некое далечно место“. Војна за „жива кал“.

Како сенка на сопствениот негативен мир, оној во кој суштествуваме во постојан немир, економски и социјален, индивидуален и колективен, општествен и просто човечки, но и како страшило за постојниот егзистенцијален немир, во споредба со што последново станува утешение, а стравот од неа – единствен содржател на нашето единство и именител на мирот.

Зарем веќе се откажавме од можноста за вистински „позитивен мир“, слободен од секаков облик на структурно насилство и нееднаквост, од исклученост и живот на маргините? Како да е малку калта на историјата навртена на овие простори како на суводолица, па сесрдно „калносуваме“ на „блискиот“ Исток, во дворот на „ближните“ по разнебитеност?
Нужна ли е таа кал на нашите раце? Не ли сме веќе жртви бидувајќи постојани учесници на една постојана војна што го бранува светот до дното на дното, во кал?
Знаеме кои риби најдобро пливаат во кал. Балашевиќ сликовито ја категоризираше „рибната“ хиерархија, небаре ихтиолог, во хитот „Блуз на матната вода“ („Блуз мутне воде“ – во оригинал).

Но човекот што тежнее гордо да звучи, не може во кал да живее, ниту да плива, а само да ја држи главата над површината (со многу бавни движења), колку да поземе воздух, во спротивно пропаѓа. Тоа е наложена, инструирана бавност, не онаа автентична, медитеранска бавност наспроти галопот на потрошувачкото општество за која ќе говорам во некоја друга колумна.
Во таква/ваква кал може само да се живурка и неизбежно (бавно, но сепак неизбежно) – да се тоне.
Калта со сета постојаност (и разновидност) е толку вкоренета на овие простори, што станала топоним на неколку места. Познавам две села со тој назив (едно е Калиште во подножјето на Шара, а друго е Калишта во близината на Струга). Постои и населба во Пробиштип со сличен назив (Калниште), а веројатно постојат и други.

Називот Калишта во Струга (или Калишча, според струшкиот дијалект) како и она во Пробиштип, упатува на место на кое лежи кал, калливо место. Но Кал(н)иштани не се луѓе од кал, барем не оние што ги познавам. За еден таков калиштанец пее и Гане Тодоровски во песната „Калиштанска“: „Во Калишта еден Ламбе/во Ламбета едно срце/едни раце седум усти…“, и понатаму: „…во Ламбета многу љубов и трижтолку уште грубост…“ и така натаму.
Познавам еден таков калиштанец, сличен на Ламбета, на трпезата и во работата, еднакво низ животот. И не само од Калишта. Низ цела Македонија има „калиштани“ по нужност, со „едната нога во калта“, а градат место за живеење на каллива земја, битисуваат и творат. Чуда прават. Вистински херои, за кои малку или воопшто не се знае. И тивки херои. За кои малку или воопшто не се пее.
Мајстори на опстојбата. Воопшто, старите македонски куќи се врзани со кал да опстојат, од мајстори што одамна ги нема, но многу од нивните дела сé уште стојат. Не знам колку од делата на „новите мајстори“ ќе опстојат по нив, но калта што ја оставаат зад себе, се плашам ќе остане долго.

За Калишта и за калиштани се врзува и една легенда, според која на местото на селото некогаш престојувала кралица по име Калина. Зборот „кал“ и овде е градиво на нешто убаво како името Калина. И помалку популарно, во зборот кралица. Интересно е колку нешта се проткаени со калта како збор и означено.
Но мојот пријател од Калишта никогаш не посакал да си го смени името поради „содржината на кал“ во него. Напротив. Да си од Калишта и да си од кал не е исто.
Но може да биде, ако се испомешаат нештата, од обилна немоќ или моќ. Или најопасно – од привидот на двете. Раката – рака мие, но и калносува. Треба да се внимава кога се ракува со бели ракавици. Никогаш не се знае какви раце кријат и какви дарови. Претпочитам ракување без ракавици.
А, пак, за Ламбе од Калишта и за некои други „Ламбевци“ ќе има и песни и препеви.
За луѓето од кал не. Барем на такви песни.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)