Фото: Дарко Андоновски

Пред градските советници на дневен ред се најде предлогот за изменување на буџетот на градот Скопје за 2018 година, а ребалансот предвидува рационализација на трошењето на буџетските средства, односно намалување на трошоците за 346 милиони денари.

На вчерашната седница, советниците ја разгледуваа и одлуката за давање согласност за изменување и дополнување, односно за зголемување на ставка на инвестициската програма на ЈП „Комунална хигиена“ за оваа 2018 година и тоа за 24 милиони денари или околу 400.000 евра. Одлуката предвидува набавка на две специјални возила за собирање и за транспортирање комунален отпад и странично подигнување канти со отпад со капацитет од 2.200 и 3.200 литри. Програмата предвидува и набавка на 6.000 нови канти за отпадоци, за што се предвидени 6 милиони денари, односно околу 100.000 евра.

Советот на градот Скопје расправаше и за информацијата за уписот и за приемот на ученици во првата година во учебната 2018/2019 година во средните училишта и во училишните домови на градот Скопје. Според податоците околу процесот за упис на ученици во сите 23 средни училишта што се во надлежност на градот Скопје, во учебната 2018/2019 година во прва година вкупно се запишани 6.094 ученици. Од нив за настава на македонски јазик се запишани 4.047 ученици, за настава на албански јазик 1.962 ученици, а за настава на турски јазик се запишани 85 ученици. Според видот на образованието, 2.402 ученици се запишани во паралелки со гимназиско образование, додека 3.692 ученици ќе следат настава во паралелки со стручно образование.

Советот на градот Скопје дополнително ќе расправа и за годишните извештаи за работата на средните училишта и на училишните домови на градот Скопје за учебната 2017/2018 година, годишните програми за работата на средните училишта и на училишните домови, како и за поголем број одлуки за именување претставници на градот Скопје во поголем број образовни институции.

Советот вчера разгледуваше и дополнување на одлуката за извршување на буџетот на градот Скопје за 2018 година, каде што се воведува нов член со кој се предвидува во случај на смрт на пожарникар, кој ќе го загуби животот при вршењето или во врска со вршењето на работата, на неговото семејство му се доделува еднократен надоместок во висина на вкупниот износ од остварените плати во последните 12 месеци.