Не долго по произведувањето на првиот моторизиран автомобил, поставени се и првите рекорди за брзината на возилата. Од раните години на парните машини, па до индустриската револуција и времето на џет-моторите, производителите се бореле да стигнат до титулата за најбрзо возило на светот и произведувале автомобили за таа намена. Возилата за брзински рекорди се конструираат само за таа цел и притоа не изгледаат најатрактивно и практично, но долунаведените автомобили излегуваат од тие рамки и се прекрасни. Без да се размислува само за нивната најголема брзина, да ги погледнеме некои од најубавите машини што го собориле рекордот за брзина.

„Стенли стимер“ и „рокет“

Во раните 1900-ти, времето на парните машини веќе заминува во историјата и технологијата за внатрешно согорување започнува рапидно да се развива и да станува многу популарна. Последниот обид на некоја парна машина да го собори брзинскиот рекорд е на Фред Мериот, со неговото специјално возило погонувано на пареа. Мериот со „стенли стимер“ успеал да развие брзина од дури 204 километри на час во 1906-та и во тоа време да го заземе рекордот за најбрз човек на светот. Следната година Фред Мериот повторно се обидел да го собори својот рекорд со ревидирана и подобрена верзија на својот автомобил, овој пат наречен „рокет“, но имал тешка несреќа и никогаш повеќе не се обидел да поставува брзински рекорди. Овие две возила се рани примери за користење на аеродинамиката и суштински помогнале во развивањето брзински возила.

„Блитцен бенц“

Како контраст на лесниот рационален дизајн на „стенли“, „блитцен бенц“ пристапил кон проблемот за уривање на брзинскиот рекорд со чиста, брутална моќност. Нивниот базичен принцип бил да се создаде најголем можен мотор и да се постави на каросерија што ќе се движи по права линија. Оваа идеја и ден-денес е концептот на драг-трките. „Бенц“ го искористил моторот од својот гранпри-болид и го модифицирал на 21-литарски мотор, кој произведувал околу 200 коњски сили. Во 1911-та, Боб Бурман достигнал брзина од околу 227 километри на час на Дејтона Бич и поставил брзински рекорд што траел до 1919 година. „Бенц“ создал и конструирал неколку различни модели „блитцен“ во тој период, со дизајн и мотор базиран на тогашните болиди од мототрките. По рекордот, автомобилот на Бурман неколкупати е реконструиран и приспособен за кружни трки, но никогаш не постигнува големи успеси.

„Фиат мефистофилис“

Слично на неговиот германски колега „Блитцен бенц“, италијанскиот произведувач „Фиат“ успеал да произведе уште помоќно возило од она германското, со 28-литарски С76 мотор, т.н. ѕвер од Торино. Ова чудовиште од автомобил е креирано од Британецот Ернест Елдриџ и е комбинација од стандардната шасија на „Фиат“ и претходно наведениот мотор, кој произведувал сила невидена за тоа време. Инженерите го крстиле моделот „мефистофилис“, име на демон во германскиот фолклор, поради тоа што произведувал звук сличен на оној како што произведуваат авионските мотори. Елдриџ со ова возило достигнал брзина од 235 километри на час на јавни патишта во Франција во 1924 година. Заедно со „блитцен бенц“, убавината на овие две возила се состои во тоа што имаат многу едноставен дизајн и принцип на работа.

„Раилтон мобил спешл“

Овој автомобил е произведен од страна на британскиот дизајнер Рид Раилтон, легенда во мотоспортот и мотоиндустријата. Тој го создал своето возило на крајот на 1920-тите, со поставување два мотора „напиер лајон В12 суперчарџер“, донирани од страна на британскиот тркач со бродови Барбара Џо Карстерс, кој ги користел во својот брод за тркање. Иницијалната моќност била толку голема што произведувачите имале проблем да најдат прикладна трансмисија што ќе може да ја поддржи создадената сила. Станува збор за концепт што е навистина необичен, бидејќи едниот мотор ги погонува предните тркала, а другиот задните. По многуте усовршувања, во 1947 година, Џон Коб со „раилтон мобил спешл“ успеал да развие брзина од 632 километри на час.

„Спирит оф Америка“

Во 1960-тите, инженерите успеале да го забележат и вистински да го искористат потенцијалот на ракетниот погон, па, така, во автомобилите што имале за цел да урнат брзински рекорди биле поставувани вакви мотори. Од сите наведени возила на листава, „Спирит оф Америка“ е единствениот автомобил што навистина личи на воен авион. Пилотската кабина и целиот надворешен изглед се базирани на „локхид Ф104 старфајтер“, американски воен авион. Сопственикот и пилот на „спирит оф америка“, Крег Бридлав, стана познато лице во САД, инспирирајќи ги „Бич бојс“ да напишат песна за него и за неговата љубов кон големите брзини.

„Труст ССЦ“

Иако многу луѓе не би се согласиле дека ова е автомобил што изгледа убаво, оваа листа не би била комплетна без „труст ССЦ“. Овој автомобил до некаде го доловува духот на американскиот борбен авион „СР-71 блекбрд“ и, кога ѝ беше претставен на јавноста, аеронаутичките ентузијасти и инженери не останаа рамнодушни на неговиот дизајн. Погонуван од два мотора „ролс ројс турбофан“, „труст ССЦ“ има вчудовидувачки 110.000 коњски сили на располагање. На 15 октомври 1997, пилотот на „Ројал ерфорс Америка“, Енди Грин, достигнал брзина од 1.227,93 километри на час, со што ова возило станало првото што ја пробило звучната бариера при движење на Земјата.