Во Палермо на Сицилија во тек е изложбата „Манифеста 12“, која ќе трае до 4 ноември. Патувачкиот биенален фестивал на уметноста „Манифеста“, своето 12-то издание го одржува на италијанскиот остров, а годинава тој вклучува 50 уметници, кои на публиката ѝ се претставуваат на повеќе од 20 локации во Палермо.
„Манифеста“ е меѓународна изложба на современата уметност, која на секои две години се одржува во нова европска престолнина и привлекува љубители на уметноста од целиот свет. Основач е Хедвиг Фијен, холандска историчарка, која од основањето во 1990-тите до денес избира главен кустос и раководи од седиштето во Амстердам. Хедвид истакнува дека по 11-то издание во Цирих одлучила да промени нешто во кустоскиот пристап, па оваа година составила тим од кустоси чија главна задача е низ призма на геополитиката да ги истражат урбаните, општествените и културните трансформации на градот и да откријат како миграциите, загадувањето и климатските промени, можеби најактуелни теми на современа Европа, влијаат и го менуваат градот.
Номадската природа на концептот на „Манифеста“ оваа година во Палермо пронаоѓа исклучителни кулиси, благодарение на бурното минато, окупацијата од страна речиси на сите европски цивилизации и тесните врски со северот на Африка и источниот дел на Медитеранот во последните 2.000 години. Своето миграциско минато Палермо го потврди и пред неколку години, кога неговото арапско-норманско наследство беше запишано во листата на светско богатство на УНЕСКО.
Годинешната „Манифеста“ е можност за создавање платформа за промислување на градот во соработка со локалната заедница и за откривање на тоа кој е сопственик на градот Палермо и како да им се врати на граѓаните. Делата на уметниците се поставени во цркви, капели, паркови и во палати, кои инаку се затворени за јавноста. Кустоскиот тим имаше тешка задача да ги смести модерните инсталации во силните и сугестивни простори што доминираат со своите фрески, мозаици и архитектура.
Следното издание „Манифеста 13“ ќе се одржи во Марсеј.