Лионел Меси даде гол за Барса против Реал во „ел класико“, за него 33-ти на 34 натпревари сезонава во шпанскиот шампионат, со што се израмни со Бразилецот со италијански пасош, Жонас, напаѓачот на лисабонска Бенфика, кој исто така има дадено 33 гола, но на 29 натпревари.
Според УЕФА, за секој постигнат гол во петте најсилни европски лиги (Шпанија, Англија, Германија, Италија и Франција) се добиваат по два поена, а за головите дадени во лигите што се од шестата до 21-та позиција на ранг-листата на УЕФА се добива по 1,5 поен. Тоа значи дека Меси има 66, а Жонас 49,5 поени, поради седмата позиција на Португалија на таа листа.
Од 1968 до 1991 година „златната копачка“ ја добиваше најефикасниот фудбалер во која било европска лига, без разлика на квалитетот на лигата или на бројот на одиграните натпревари. По протестот на Фудбалската федерација (ФФ) на Кипар, која тврдеше дека еден нивни фудбалер дал 40 гола (иако официјално биле 19) и треба да ја добие наградата, француски „Л’екип“ реши да го суспендира доделувањето на признанието од 1991 до 1996 година.
Од сезоната 1996/1997 е воведен новиот систем на бодување, со кој стрелците во најсилните лиги се фаворизираат на сметка на оние од послабите. 


НАЈЕФИКАСНИ ВО ЕВРОПА
ФУДБАЛЕР                    ГОЛ
Меси (Барселона)          33
Жонас (Бенфика)          33
Салах (Ливерпул)          31
Имобиле (Лацио)          29
Левандовски (Баерн)    29

ВОДЕЧКИ ЗА „ЗЛАТНАТА КОПАЧКА“
ФУДБАЛЕР                ПОЕНИ
Меси (Барселона)         66
Салах (Ливерпул)         62
Имобиле (Лацио)          58
Левандовски (Баерн)    58
Кавани (ПСЖ)               56