Шведската писателка, една од најострите национални аналитичарки, смета дека социјалната држава мора да има граници
Афирмираната шведска писателка Лена Андерсон по повод објавувањето на хрватското издание на нејзиниот роман „Намерно занемарување“ требаше да гостува во Загреб. Освен како писателка, таа е позната и како колумнистка на дневниот весник „Даген нихетер“, а овој нејзин роман, како што е и наведено во интервјуто објавено во „Јутарњи лист“, е приказна за љубовта, подобро речено за заљубеноста, за тоа до каде може да го донесе самозалажувањето заљубениот човек кому љубовта не му е возвратена. За „Намерно занемарување“, нејзиниот шести роман, Андерсон во 2013 година ја доби угледната шведска книжевна награда „август“, како и книжевната награда на весникот „Свенска дагбладет“. Главниот лик во романот е триесетгодишна жена, филозофка, публицистка, аналитична, но всушност жена без големо животно искуство, која верува дека светот е таков како што го гледа таа. Или, поточно, дека луѓето се создадени да го доживеат светот каков што е, само ако се доволно внимателни и не се лажат самите себеси.
– Ме интересираат обрасците на човечкото однесување, како се користиме меѓусебно, понекогаш и се искористуваме, ги искористуваме човечките емоции, се однесуваме неодговорно, брзаме низ животот често фокусирани само на себе, не размислувајќи што евентуално им правиме на другите. Дури и тогаш кога, евентуално, им нанесуваме болка. Тоа станува сѐ почесто, бидејќи ние живееме во некое модерно, наречете го слободно општество, во кое може да правите што сакате, бидејќи, ете така, на човекот му се чини дека може. Се разбира дека не можете – вели во интервјуто меѓу другото писателката.
Во 2016 година Лена Андерсон ја добила наградата „лагеркрантцен“ како „глас на разумот во ирационалните времиња“. Таа живее во Стокхолм и ја сметаат за една од најострите национални аналитичарки.
– Пишувам за општеството, за односите, за идеите што тоа ги застапува, за мултикултурализмот, за слободата, за тоа како изгледа да се живее животот, за тоа што зборуваме кога навистина нешто зборуваме, што е зад тие зборови – вели Андерсон.
Таа смета дека идејата за мултикултурализмот се променила многу во Шведска во последните пет години, од последното масовно доаѓање на бегалците, имајќи предвид дека таа земја е на врвот на европските држави по бројот на бегалците што ги примила во однос на нејзиниот број на жители.
– Многу од тоа се промени во последните пет години. Се промени нашиот поглед на мигрантите и како разговараме за тоа. Сега кај нас се води голема расправа, последните години се промени наративот, за мултикултурализмот се зборува на друг начин. Повеќе нема поборници на идејата дека во земјата може да се пуштат неограничен број луѓе. Претходно беше апсолутно доминантна идејата дека треба ширум да се отворат вратите, а сега како општествениот консензус да отиде на другата страна на клатното. Сега се погласни мислењата на оние што истакнуваат дека миграцијата значи проблеми, дека интеграцијата пропаднала. Сега се зборува за тоа многу повеќе од порано.
Претходно имаше став дека мигрантите носат просперитет, различности. Мое мислење е дека тоа е комплексно прашање. Овие две споменати позиции по малку се екстремни. Претходно не сакавме да ги видиме проблемите врзани за миграцијата, а сега пак гледаме само проблеми. Цврсто верувам дека луѓето би требало да можат да мигрираат, да не можете да им затворите врата, но исто така и мигрантите треба да бидат во состојба да изградат нов живот. Не верувам во национализам, во приказните дека мораме да ја заштитиме нашата култура со затворање на границите, но се разбира дека не можеме на грбот на социјалната држава да ставиме неконтролиран број луѓе. Е сега, прашањето е каде да се повлече границата, како да се направи социјално чувствително општество. Социјалната држава мора да има граници.
Прашање е дали ни е потребна толку голема социјална држава. Која би требало да биде нејзината улога… Мислам дека луѓето треба да знаат и да се изборат за себе, можат да мигрираат, треба да им помогнеме, но мора да работат за себе – вели шведската писателка.