Стручњакот за диви животни Алан Рајт вели дека пораното излегување од хибернација не е добро ниту за мечките, ниту за луѓето

Од Русија, преку Финска до Канада и САД – мечките низ светот се во движење. Тоа можеби не ви звучи необично, но овие диви животни ретко можат да се видат во овој период од годината. Обично се во хибернација, состојба како длабок сон, кој им помага да ја заштедат енергијата и да ја преживеат зимата без многу храна.
Но зад нас е најтоплата зима измерена во Европа, а температурите во САД беа повисоки од вообичаено во текот на декември и јануари, што е поврзано со климатските промени. Поради тоа, мечките се раздвижија порано од вообичаено.
Стручњакот за диви животни Алан Рајт вели дека пораното излегување од хибернација не е добро ниту за мечките, ниту за луѓето.

Влијанието на новите природни услови врз мечките

На мечките им е потребно големо количество храна кога ќе излезат од хибернација, бидејќи наскоро почнува сезоната на парење. Сега тие гладни бараат храна, а во нивната околина ја нема или ја има, ама недоволно. Поточно ги нема оние мали растенија и животинки со кои тие вообичаено се хранат, вели Рајт.
Тој дополни дека младенчињата, чии родители нема да бидат доволно силни да ги хранат со квалитетна храна ќе имаат помали шанси да преживеат.
Исто така, овој глад на мечките може да биде опасен и за луѓето.
– Мечките обично не сакаат да имаат допир со луѓето, но во потрага по храна тие ќе се доближуваат до населените места и ќе се обидат да дојдат до храна. Може да се случи и да провалуваат во куќи, автомобили, фарми…, доколку се навистина очајни и немаат со што да ги нахранат малечките – посочува Алан.
Лани беше прогласена вонредна состојба во Русија поради поларните мечки, кои доаѓаа во населени места во потрага по храна.

И мечките во зооградините се разбудија порано

Во Зоолошката градина во Москва мечките се разбудија порано, но официјалните претставници на установата го очекуваа тоа, подготвени да помогнат.
Женките, кои имаат млади, обично се појавуваат по април.
– Тоа е застрашувачко, тажно и очајно. Но мечките нема први да го нападнат човекот, освен ако не им застане на патот. Доколку некој човек здогледа мечка, треба да се тргне настрана од овие животни и да ги повика надлежните служби – апелира Рајт.
Исто така, претставниците на службите на националните паркови во САД им советуваат на луѓето да носат спреј за мечки и да останат мирни.
– Секако, никому не му советувам премногу да им се доближува на овие животни, бидејќи навистина се страшни, особено кога се гладни. Сепак, мораме сите да се организираме на глобален план и да им помогнеме на овие диви животни. Да сфатиме што навистина се случува и со какви состојби се соочуваат мечките во последно време – истакна Алан Рајт.