Спорот меѓу САД и Европската Унија за субвенции за чиста енергија може да поттикне маѓепсан круг на протекционистички мерки. Во време на зголемени политички тензии, водечките светски демократии треба да го зајакнат глобалниот систем базиран на правила, а не да го поткопуваат
По „валутните војни“ од претходната деценија и „трговските војни“ што ги почна поранешниот американски претседател Доналд Трамп се појавува нов вид конфликт меѓу две водечки светски сили. Или барем тоа беше разговорот за време на Светскиот економски форум во Давос, каде што експертите и политичарите се фатија во костец поради таканаречените „војни за енергетски субвенции“.
Првиот истрел беше испукан со усвојувањето на Законот за намалување на инфлацијата (ИРА) од страна на САД, кој вклучува 369 милијарди долари субвенции и даночни бенефиции за американските компании што користат зелени технологии. Како одговор, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вети дека ќе ги олабави правилата на Европската Унија (ЕУ) за државна помош, овозможувајќи им на земјите-членки да вложуваат готовина во зелените индустрии. Оние што се загрижени за трошоците на европско-американската војна за енергетски субвенции се главно академици. Бизнисмените не ги сакаат субвенциите само кога не ги добиваат.
Со неодамнешните американски и европски потези се вжештува дебатата за зелените субвенции. Поддржувачите на овие политики ги опишуваат како неопходен одговор на егзистенцијалната закана од климатските промени, додека скептиците тврдат дека масовното распоредување на ресурсите неизбежно ќе доведе до негативни последици во општеството и неефикасност.
Прашањето не е дали владите треба да субвенционираат еколошки индустрии. Општо е прифатено дека општествените приноси од зелените инвестиции ги надминуваат приносите што се акумулираат на приватните фирми, владите мора да обезбедат финансиски стимулации за да спречат недоволно инвестирање. Наместо тоа, прашањето е дали владите треба да ги нудат тие стимулации само на домашните компании. Во Давос, Фон дер Лејен ја повика администрацијата на претседателот Џо Бајден да им даде на европските компании што работат во САД пристап до истите субвенции како домашните фирми. Но во неверојатниот случај Бајден да се согласи, тоа сепак ќе го стави остатокот од светот во неповолна положба.
Постојат најмалку три причини зошто војната за енергетски субвенции може да биде економски штетна. Првата е одмазда. Додека зелените субвенции би можеле да поттикнат повеќе инвестиции, тие исто така би можеле да ги зацврстат на власт неефикасните функционери. Доколку САД и ЕУ кооперативно одлучат за нивото на субвенции, тие би избрале што е „правилно“ и за двете страни.
Но тоа не е исходот од војната за енергетски субвенции. Обидот на едната страна да привлече зелени инвестиции предизвикува реакција од другата страна. Последователната ескалација на субвенциите и контрасубвенциите може да предизвика трошоците да ги надминат придобивките.
Вториот проблем е што она што е добро за Европа и за САД не е нужно добро за светот. Ако целта е да се намалат глобалните емисии на стакленички гасови, на планетата би ѝ било подобро доколку субвенциите од доларот и од еврото се искористат за купување поевтини кинески соларни панели. На тој начин, истите трошоци ќе постигнат повеќе намалувања на емисиите и пониски температури за целото човештво.
Третиот ризик е дека војната за субвенции може да доведе до губење на фискалните ресурси. Ако долгорочните реални каматни стапки во САД и во ЕУ останат под нивните стапки на раст, како што веруваат многу еминентни економисти, тогаш ова не е проблем, бидејќи владите можат да трошат и да позајмуваат без да мора да ги зголемуваат даноците во иднина. Но ако заврши ерата на ниски камати, тогаш огромната фискална цена на зелените субвенции треба да биде загрижувачка.
Колку се големи овие економски ризици? Никој не може да биде сигурен, но има причини барем делумно да се прифатат страшните предупредувања. На пример, неодамнешните процени сугерираат дека трговската војна на Трамп со Кина имаше многу помал ефект врз американската економија отколку што многумина предвидуваа, што резултира со загуби на благосостојбата од приближно 0,1 отсто од БДП. Таа војна се водеше со царини, кои ја обесхрабруваат трговијата, додека субвенциите поттикнуваат благотворно намалување на емисиите.
Покрај тоа, економското влијание на војната за енергетските субвенции меѓу САД и ЕУ врз остатокот од светот, најверојатно, ќе биде ограничено. Фирмите надвор од САД и од ЕУ може да бидат оштетени. Но ако зелените субвенции ја забрзаат транзицијата на чиста енергија и помогнат да се спречи глобалното затоплување, целиот свет ќе ги искористи придобивките. Истото важи и за фискалните ризици. САД и ЕУ на крајот би можеле да наидат на проблеми доколку реалните каматни стапки продолжат да растат и да останат високи. Но ако и кога ќе дојде тој ден, има многу други неекономични трошоци што владите би можеле и треба да ги намалат пред да ги намалат зелените субвенции.
Понепосреден ризик е политичкиот. Американските субвенции ги прекршуваат правилата на Светската трговска организација, кои забрануваат дискриминација на производи или фирми врз основа на нивната земја на потекло. ЕУ не смее да оди по стапките на Бајден. Во време на засилени геополитички тензии, водечките светски демократии треба да имаат цел да го зајакнат глобалниот систем заснован на правила, а не да го поткопаат.
Што е најважно, војната за енергетски субвенции би ги влошила политичките и дипломатските односи меѓу САД и Европа во најлош можен момент. Ако сакаме да ги ублажиме најлошите ефекти од климатските промени, американските и европските политичари мора да работат заедно, наместо да водат ситни расправии околу зелените субвенции.
Андрес Веласко е декан на факултетот за јавна политика на Лондонскиот универзитет за економија и политички науки