Сите се губитници во свет полн со поделби

На последниот годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, понуди невообичаено искрена оцена за моменталната ситуација на меѓународниот поредок. Тој рече дека во светот „што е зафатен од совршена бура на повеќе фронта е потребна соработка, но сепак е соочен со поделби“. Всушност, совршената бура е подобро да се спореди со цунами. Неговите компоненти, вклучувајќи и прекини во синџирот на снабдување, енергетска криза, криза на трошоците за живот, забавување на глобалниот раст и патот кон климатска катастрофа, се барем делумно последици на тектонскиот јаз меѓу Кина и САД.
Ако се оствари она што Гутереш го нарекува „големата поделба“, светот ќе има две различни групи трговски правила, две доминантни валути, два интернета и две спротивставени стратегии за вештачката интелигенција. Во тој случај, трошоците би биле огромни. Светскиот БДП би се намалил за 1,5 отсто, или повеќе од 1,4 илјади милијарда долари на годишно ниво, цените би се зголемиле практично насекаде, а испораката на глобалните јавни добра би била сериозно намалена.
Не е тешко да се разбере зошто. Од крајот на Втората светска војна, светот уживаше во огромни придобивки од мирот. Со оглед на тоа што САД го надгледуваа релативно стабилниот светски поредок заснован на правила, глобализацијата започна, што ги овозможи повоеното закрепнување на Европа во 1950-тите и 1960-тите, чудото во Источна Азија во 1970-тите и 1980-тите, развојот на Централна и Источна Европа во 1990-тите и 2010-тите, како и забрзаниот економски пораст на Кина.
Иако оваа трансформација беше овозможена од глобалното лидерство на САД, таа исто така постепено ја разводни американската хегемонија, додека другите земји почнаа да се истакнуваат. Оваа динамика помага да се објасни реакцијата во САД против глобализацијата и земјите што имаат корист од неа. Американците што останаа да ја идеализираат ерата на униполарност во чиј центар се САД ги обвинија „ревизионистичките“ растечки сили – особено Кина – за наводно поткопување на нивниот просперитет. Тоа го постави теренот за формирање на „големата поделба“.

Но поделбата меѓу Исток и Запад не е единствениот јаз што ја загрозува колективната иднина. Гутереш исто така ги истакна ризиците предизвикани од продлабочувањето на јазот меѓу Северот и Југот, истакнувајќи дека жителите на побогатиот Север се чини дека не го разбираат „степенот на фрустрација, па дури и гнев во глобалниот Југ“. На крајот од краиштата, додека Северот ужива во сите придобивки од индустријализацијата и најсовремената технологија, Југот надарен со ресурси останува опколен од сиромаштија и нестабилност, благодарение на наследството на колонијализмот.
Всушност, потпретседателот на „Ес-енд-пи глобал“, Даниел Јергин, ја смета поделбата меѓу Северот и Југот како суштински предизвик за енергетска транзиција. Од индустриската револуција со јаглен до информациската ера со електрична енергија, енергијата е составен дел од подемот на Западот до глобална доминација. Сега, Северот се обидува да се оддалечи од фосилните горива, без да го жртвува богатството стекнато од неговите минати емисии, истовремено повикувајќи го Југот да продолжи со развој што ќе ја има предвид заштитата на климата.
Ова ја илустрира пошироката реалност: интересите на северните помали, побогати, општества што стареат остро се разликуваат од оние на поголемите, посиромашните, помладите популации на Југот. Повеќето земји од глобалниот Југ се обидуваат да избегнат да заземат страна во геополитичките конфликти, особено во кинеско-американското ривалство, затоа што тие се повеќе загрижени за обезбедување сопствен развој. За овие земји, бесмислениот конфликт меѓу Истокот и Западот се чини дека ќе доведе до меѓусебен сигурен колапс, ако не и до меѓусебно сигурно уништување. Затоа, тие се обидуваат да останат настрана. Но Југот не може да ги избегне последиците од постапките на Северот. Ако се оствари големата поделба, ако нуклеарните сили се судрат во жешка војна и ако Северот не успее да ја доведе во ред својата климатска политика, Југот ќе стане колатерална штета. На крајот од краиштата, ниту една земја на глобалниот Југ, дури ни Индија, нема економска, политичка или воена тежина да го предизвика Северот.

Глобалниот Север често ги истакнува своите демократски достигнувања. Но демократијата се заснова на способноста на системот да застапува различни мислења, култури и вредности, не само оние на најбогатите или најмоќните. Ако сака да опстане светскиот поредок, тој ќе мора да функционира суштински како глобална демократија, а тоа значи балансирање на потребите и приоритетите на Северот со оние на Југот.
Во исто време, клучно е да се затвори јазот меѓу Истокот и Западот. Големата поделба подразбира маѓепсан круг: кога во други ја бараме вината за нашите проблеми, ги пренасочуваме вредните ресурси подалеку од ефективни решенија, влошувајќи ги проблемите и зголемувајќи го количеството на потрошени ресурси. Тоа ги намалува нашите шанси да одговориме на меѓусебно поврзаните предизвици со кои се соочуваме, истовремено зголемувајќи го ризикот од конфликт.
Но поагресивните политичари во националната безбедност сè уште доминираат во глобалната агенда, така што размислувањата за одбрана продолжуваат да ја нарушуваат економската политика. Освен ако водечките светски сили веродостојно не се посветат на покооперативна и инклузивна иднина, може да се најдеме себеси како живееме во неповратно поделен свет, разочаран од климатските промени и се движи кон глобален конфликт.

Автори: Ендру Шенг е истакнат соработник на институтот „Глобална Азија“ при Универзитетот во Хонгконг. Сиао Генг е професор и директор на Институтот за политика и практика на институтот за финансии „Шенжен“ при Хонгконшкиот кинески универзитет во Шенжен.