Во последниве години, а особено за време на пандемијата на ковид-19, нападите врз науката и научниците ескалираа до алармантен степен. Здравствените власти и пошироката научна заедница ги повикаа политичарите и јавноста да ја „следат науката“. Сепак, таквите слогани паѓаат во вода со оние што имаат малку почит за научниот авторитет, не само затоа што приврзаниците на науката го користат истиот општ термин како и оние што го напаѓаат.
Кога ја опфаќаме целата наука во еден збор, имплицитно ја идентификуваме со вистината. Всушност, многу области на науката сè уште се подложени на постојана ревизија. Важноста на оваа разлика стана премногу јасна во раните фази на пандемијата, кога здравствените власти беа задолжени да дадат насоки за јавноста пред да бидат познати сите детали за вирусот.
Науката отсекогаш била на удар. Уште кога Галилео покажа дека Земјата не е во центарот на универзумот, а Дарвин ја постави теоријата дека човечките суштества потекнуваат од човеколики мајмуни, научниците долго време се сметаа за закана за религиозниот авторитет и неговите сопствени тврдења за вистинско знаење. Се претпоставуваше дека современоста конечно ќе ѝ даде на науката одлучувачка предност, што незапирливо ќе доведе до поопшто прифаќање на нејзините наоди. Но процесот што постојано се развива не е сигурен конкурент на оние што тргуваат со безвременски апсолути. Иако може да се чини спротивно на разумните очекувања, самите научници треба да се спротивстават на популарната категоризација на науката како тело на знаење.
Во својата книга од 2019 година, „Кризата на експертизата“, социологот Гил Ејал тврди дека привлечноста кон „науката“ и моралната паника за „нападот врз науката“ се нерелевантни, бидејќи не е целата „наука“ всушност нападната. Никој, на пример, „не ја оспорува квантната механика, ниту пак некоја друга дисциплина во физиката“. Поголемиот дел од науката нашироко се смета за „веќе утврден“, без разлика дали формално во смисла на суштински теории и сфаќања или неформално во смисла дека повеќето луѓе претпоставуваат дека авионите можат да летаат, гравитацијата е реална итн.
Додека повеќето луѓе им веруваат на медицинските професионалци во сè, од годишни прегледи до терапии за рак, тие исто така поддржуваат широк спектар карактеристични поими за здравјето, фармацевтските производи и медицинските процедури. Она што научниот новинар Мајкл Спектер го нарекува „негирање“, се рефлектира во широк спектар на биомедицински прашања, од страв од вакцини до верување во ефикасноста на додатоците во исхраната, а понекогаш и во чудотворните лекови.
Ејал истакнува дека повеќето дебати околу науката се однесуваат на она што се нарекува „регулаторна наука“ и „наука за политиката“, збирка на поддисциплини, истражувачки програми и техники чија заедничка потреба е да се дојде до политички препораки. Овие дебати имаат тенденција да го достигнат врвот кога има спорни прашања од јавната политика, кои се нераскинливо поврзани со тековната наука, како во случајот со вакцинацијата, маските, одобренијата за лекови и декарбонизацијата (што повлекува огромни распределби или прераспределби на ресурси).
Во сите овие случаи, опасноста се јавува откако експертите ќе ги кажат своите ставови. Кога процесот преминува во области надвор од чисто научните, како што се правни спорови, јавна политика, дури и изборна политика, често се појавуваат проблеми. Ако се види дека стручноста е поврзана со едната страна во правните постапки, политичките дебати и културните прашања, тогаш таа перцепција има тенденција да го поткопува наместо да го поткрепи авторитетот на науката и на научниците воопшто.
Дилемата е дека научните области што се најрелевантни во дебатите за политиките се во постојана состојба на тестирање, ревизија и дискусија од самите научници. Но токму така треба да биде. Како што тврдеше филозофот Џон Дјуи на почетокот на 20 век, науката не се одвива како единствена вистина или збир на вистини, туку како метод; тоа не е збир на знаење, туку процес за развивање посигурно знаење. Овој фокус на методот има цел да се осигури дека научните истражувања и откритија продолжуваат на ригорозен и транспарентен начин.
Колку и да е важно да се осигуриме дека науката напредува методично, не смееме да ги изгубиме од вид можностите што се отвораат со размислување надвор од рамката. Историски гледано, некои од најважните научни откритија ѝ ги должиме на имагинативната брилијантност на визионери како Галилео, Дарвин, Алберт Ајнштајн, Џејмс Вотсон и Френсис Крик и Џенифер Дадна (добитничка на Нобеловата награда за хемија за 2020 година за нејзината работа на корекции на геномот).
Исто како што добрата наука бара рамнотежа помеѓу креативноста и методот, така градењето доверба во науката бара научниците и нивните јавни застапници поефикасно да ги соопштуваат своите наоди и процеси. Тоа вклучува да бидеме отворени за променливоста и среќните случајности, кои се својствени за научното откритие, и да се направи јасна разлика помеѓу она што е и што не се смета за утврдена наука.
Мора да прифатиме и да ја информираме јавноста дека науката своите најголеми достигнувања му ги должи не само на нејзиното постојано проширување во нови граници туку и на нејзината постојана понизност. Во спротивно, јавноста ќе продолжи да биде разочарана од многу видови научни тврдења.
Автор: Николас Б. Диркс е поранешен ректор на универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, а актуелно е претседател и извршен директор на Њујоршката академија на науките