Каква и да биде разврската од кризата во Источна Европа, изгледа е јасно дека државите ќе треба да ѝ дадат на националната безбедност поголема улога во нивните развојни агенди. Ова не значи дека ќе се зголемат само одбранбените трошоци туку ќе следува и диверзификација на изворите на енергија и храна, но и подготовка за економски поделби во светот
Глобалното економско закрепнување од пандемијата отсекогаш беше деликатно, особено во земјите во развој. Со руската инвазија на Украина, тоа целосно пропадна. Но непосредните последици од инвазијата се само почеток. Во свет што повторно е дефиниран со конфликтот меѓу големите сили, земјите ќе мора да го преиспитаат својот пристап кон развојот.
Дури и пред да се случи руската специјална воена операција во Украина, па дури и пред почетокот на пандемијата, пазарите и економиите во развој се бореа на сите овие фронтови. Во март 2020 година, Светската банка процени дека нееднаквоста во овие земји и јазот меѓу нив и напредните економии достигнаа нивоа што последен пат беа забележани една деценија претходно. Во услови на зголемена сиромаштија, тешки природни катастрофи и интензивирање на граѓанските судири, не треба да чуди што политичарите во земјите во развој се мачеа да формулираат климатски политики што би можеле да ги исполнат меѓународните обврски.
Меѓутоа, пред светот стојат уште повеќе предизвици. Со оглед на тоа што инфлацијата достигна 7,5 отсто во САД во јануари, американските Федерални резерви воведоа монетарно заострување, спроведувајќи го првото од седумте планирани годинешни зголемувања на каматните стапки. За економиите во развој, ова ќе создаде тешка политичка средина, што ќе се карактеризира со помала ликвидност, посилен американски долар и брз одлив на капитал. Конфликтот во Украина многу ги влоши работите. Според ОЕЦД, конфликтот ќе го намали глобалниот БДП најмалку за еден процентен поен оваа година, поради длабоката рецесија во Русија, и ќе предизвика пораст на потрошувачките цени за околу 2,5 процентни поени. За земјите во развој (не вклучувајќи ја Кина), ова подразбира раст од помалку од 3,2 отсто оваа година, што е помалку од половина од нивната просечна годишна стапка на раст пред глобалната финансиска криза во 2008 година. Но растот е само дел од поголемата слика. Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој предвидува дека зголемената финансиска нестабилност и зголемените трошоци за храна, гориво и трговија може да предизвикаат маѓепсан круг на продажба на стоки по ниски цени, девалвација на девизниот курс и должнички кризи.
Земјите во развој имаат малку опции за ублажување на ризиците со кои се соочуваат. Со рекордните должнички нивоа, тие немаат фискален простор за поддршка на нивните економии. За разлика од земјите што издаваат резервни валути, тие не можат да се свртат кон квантитативно олеснување. И со оглед на тоа што напредните економии, особено во Европа, се соочуваат со зголемени безбедносни ризици, зголемени потреби за трошење на одбраната и најголемата бегалска криза од Втората светска војна, земјите во развој не може да сметаат на голема надворешна помош во справувањето со неисполнувањата на долгот или финансиските и владините кризи. Останува невозможно да се предвидат дополнителното комплицирање на политичкиот одговор, интензитетот и времетраењето на специјалната воена операција на Русија, санкциите што Западот ги воведе како одговор на тоа, а и тесните грла во синџирот на снабдување што произлегуваат. Со други зборови, не може да се каже колку сериозни ќе станат ризиците.
Но, како и да се одвива текот на конфликтот, се чини јасно дека земјите ќе мора да ѝ дадат на националната безбедност многу поистакната позиција во нивните развојни агенди. Како што забележа ОЕЦД, ова не значи само зголемување на трошоците за одбрана, иако постои значителен притисок да се направи токму тоа. Тоа значи и диверзификација на изворите на енергија и храна и подготовка за глобална економска поделба. Во последните децении, „либералната глобализација“ овозможи интеграција на земјите во развој во глобалната економија. Но, како што неодамна објасни Дани Родрик од „Харвард“, руската инвазија на Украина „го закова ’либералниот’ меѓународен поредок по 1989 година“, вклучувајќи ја и хиперглобализацијата што ја овозможи.
Економските и финансиски санкции со кои се соочува Русија, не само нејзиното делумно исклучување од системот за меѓународни банкарски плаќања (СВИФТ), ќе ги забрзаат напорите за развој на алтернативни системи и структури. Според предупредувањата на ОЕЦД, ова ќе ја намали доминацијата на американскиот долар на финансиските пазари и прекуграничните плаќања. За земјите во развој можеби ќе бидат потребни промени во валутниот состав на девизните резерви. Пошироко, тие ќе мора да се приспособат на свет каде што специјализацијата, економиите на обем и пренесувањето информации и знаење ќе бидат многу потешки.
Земјите во развој можеби ќе можат да извлечат лекции од неодамнешниот извештај на УНКТАД за структурната трансформација на Кина, кој го нагласува успехот на земјата во осмислувањето прагматични, сеопфатни и кохезивни стратегии за политика во областите вклучувајќи ги финансиите, индустрискиот развој, меѓународната трговија и дигиталната економија. Како што тврдевме долго време, историјата на Кина на учење од грешките и приспособување на променливите услови е суштинска за нејзиниот успех, во однос не само на растот туку и на издржливоста. „Реалистите“ на Запад инсистираат на тоа дека кинескиот модел на управување не може да се повтори во другите земји. Но западните земји, кои се соочуваат со нови сопствени предизвици, се чини дека нема да им ја дадат на земјите во развој поддршката што им е потребна за да го одржат развојот на вистинскиот пат. Со оглед на ова, ним им останува да го трансформираат својот пристап кон развојот, а како модел да го искористат искуството на Кина.
Ендру Шенг е соработник на Азискиот глобален институт на Универзитетот во Хонгконг и е член на Советодавниот одбор на УНЕП за одржливи финансии. Сиао Генг е професор и директор на Институтот за политика и практика на Финансискиот институт во Шенжен, кој е дел од Кинескиот универзитет во Хонгконг