Неодамна, Европската комисија одвои 600 милиони евра од Европскиот фонд за развој за финансирање итна хуманитарна помош во храна, зајакнување на производството на храна и поддршка на интервенциите за зајакнување на отпорноста на системот за храна во најранливите земји во Африка, Карипскиот и Пацифичкиот Регион
Конфликтот во Украина треба да го поттикне одговорот на западните лидери на кризите што тој ги поттикна, вклучувајќи ја и кризата со храна што се наѕира за ранливите земји во Африка. Додека климатските промени и пандемијата ја поткопуваа безбедноста на храната многу пред почетокот на конфликтот, ситуацијата сега е уште пострашна, особено во африканските земји со ниски приходи, кои зависат од увозот на храна од Русија и од Украина. На глобално ниво, неверојатни 345 милиони луѓе се соочуваат со акутна несигурност во храната, а стотици милиони други легнуваат гладни секоја вечер. Како што предупреди генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, постои реален ризик од повеќекратни појави на глад оваа година.
Недостигот од пристап до храна што се извезува од Русија и од Украина е само дел од проблемот. Ѓубривото е од клучно значење за одгледување основна храна, како пченица, пченка и ориз. Русија и Украина се главни производители на ѓубрива и доставувачи на суровини што се користат за нивно производство. Вклученоста на Русија во конфликтот, заедно со нејзиното кратење на испораките на природен гас (кој е клучна суровина во производството на ѓубрива), придонесе за сериозен недостиг.
Со зголемувањето на цените, резервите со храна во голема мера завршија кај оној што најмногу ќе понуди, предизвикувајќи колапс на понудата во многу африкански земји, како што е Гана, соседната држава на Нигерија, која произведува ѓубрива. Недостигот се заканува да ја намали вредноста на производството на храна на континентот за 11 милијарди долари оваа година. Десетици земји воведоа ограничувања или дури и целосни забрани за извоз на храна и на ѓубрива.
Меѓутоа, има добри вести. Мароканскиот гигант за производство на фосфати и ѓубрива „ОЦП груп“ почна иницијатива за зајакнување на безбедноста на храната низ Африка, која вклучува посветеност на локално градење капацитети и иновации, како и ветување дека ќе насочи 20 отсто од своето производство кон континентот. Но мора да се направи многу повеќе за да се избегне катастрофална криза со храна.
Одамна избледи секој оптимизам што произлегува од Црноморската иницијатива за жито со посредство на Обединетите нации, која требаше да ги врати украинската храна и ѓубриво на светските пазари.
Но минатомесечниот глобален самит за безбедност на храната, одржан на маргините на Генералното собрание на ОН, понуди нова причина за надеж. Отстапувајќи од традиционалниот пристап на „едно прашање, една криза“, лидерите зазедоа сеопфатен поглед на актуелната криза, на која пристапија со чувство на итност и акцент на мултилатерализмот. За жал, акцијата од Европа беше едвај координирана. Со разлика од само неколку часа, Франција ја започна својата операција за спас на житото (со Либан, Европската комисија, Африканската Унија и неколку мултилатерални институции), а Шпанија ја издаде својата Декларација за самит на лидери за глобална безбедност на храната (со Африканската Унија, Европската Унија и САД).
Неодамна, Европската комисија одвои 600 милиони евра од Европскиот фонд за развој за финансирање итна хуманитарна помош во храна, зајакнување на производството на храна и поддршка на интервенциите за зајакнување на отпорноста на системот за храна во најранливите земји во Африка, Карипскиот и Пацифичкиот Регион. Но тоа е исто така несоодветно, особено затоа што на Повеќегодишната финансиска рамка за 2021-2027 година ѝ недостига доволна поддршка за безбедноста на храната и одржливото земјоделство.
Европската Унија (ЕУ) мора да ја измени повеќегодишната финансиска рамка следната година. Згора на тоа, таа мора да се откаже од протекционизмот во земјоделството, кој, на пример, ја попречи ратификацијата на трговскиот договор ЕУ – Меркосур (во овој случај, за заштита на француските и австриските интереси). Идејата дека заедничката земјоделска политика на ЕУ ќе се прошири и на Украина доколку земјата се приклучи на Унијата, веќе предизвика одредени бранувања.
Од друга страна, мора да се преиспита и политиката на ЕУ кон Африка. Со тоа што во Африка се наоѓаат 65 отсто од обработливите површини во светот, таа има потреба од финансиски и технолошки инвестиции, како и стимулации за поддршка на локалното производство. Тоа, како што истакна претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на годинешното Генерално собрание на ОН, вклучува одржливи проекти за производство на ѓубрива.
Дополнително, ЕУ мора да го ревидира својот зелен договор, да го ажурира своето финансирање, да одговори на поплаките и да ги реши слабостите, како што се последиците за критичната побарувачка на суровини или ризикот дека земјоделските стандарди би можеле да дејствуваат како нецарински бариери за африканскиот извоз. Пошироко, ЕУ треба да постави јасен и убедлив курс што ја препознава итноста на кризата со храна.
Спротивно на тврдењата на Кремљ, Западот не е виновен за актуелниот недостиг од храна. Но тој има одговорност да помогне во неговото решавање. Не смее да ги остави земјите во развој сами да се справуваат, како што беше случајот за време на пандемијата, затоа што со падот на нивниот кредитен рејтинг, африканските влади се соочуваат со сè поголеми трошоци за задолжување. Тоа ги загрозува програмите за субвенционирање во време на зголемени животни трошоци.
Помагањето на овие влади не е само морален императив. Како што конфликтот е најголемата причина за глад, така несигурноста во храната е главна причина за социјални немири и конфликти. Климатските промени и брзиот раст на населението веќе вршат зголемен притисок врз системите за храна, но да не се заборави дека светот ќе мора да нахрани 9,1 милијарди луѓе до 2050 година. Кризите што ги поттикнуваат овие трендови ќе ги погодат сите.
Ана Паласио е поранешна висока потпретседателка и главна советничка во групацијата на Светската банка, а актуелно е гостинка предавач на универзитетот „Џорџтаун“