Македонците се борат за своите правдини

Меѓународната заедница и ЕУ последниве години постојано велат дека го преиспитуваат својот концепт на функционирање во сопствената предимензионираност, а принципите им се разнишуваат со секое геополитичко (неочекувано) раздвижување. Но таквото ново „себепронаоѓање“ никако не го оправдува, ниту го прикрива фактот дека ООН и ЕУ потфрлија од аспект на правдата, почитувањето на меѓународното право и суверената еднаквост на државите. За жал, Македонија најлицемерно го чувствува тоа на „своја кожа“, постојано докажувајќи го правото на правда, во свет што признава дека е збунет самиот од себе, подготвен да толерира неправда кога мисли дека не е загрозена неговата удобност

Седумдесет и седум години од формирањето на Организацијата на Обединетите нации (14 октомври 1945), но и речиси два века од филозофската идеја на Имануел Кант за федерација или „лига“ на нациите во светот, која треба да биде основа за (по)праведни меѓународни односи, рамноправна сувереност на државите, почитување на основните човекови права, за глобалната заедница во третата деценија на 21 век одржувањето на овие декларирани принципи претставува сериозен предизвик. Капацитетот и способноста на ООН да се справува со одржување на својата примарна цел – одржување на светскиот мир, е доведен до состојба на прашање, за кое се чини дека каков било конкретен одговор ќе предизвика признавање состојби што „дипломатски“ се премолчувале во „игрите за моќ“. Праведноста и правдата во функционирањето на оваа светска организација, како и доследноста во спроведувањето на основните декларирани права и вредности во Повелбата на ООН, честопати се компромитирани. Сепак, таквото отстапување од сопствените вредности, најчесто јавно е претставувано како „демократски прифатен компромис (избор)“ од оштетената страна, за ООН и понатаму да го одржува привидот за себе како „праведен чувар на светскиот мир“. Идејата на Кант дека таква светска организација би ги заштитила правата на помалите нации, кои често стануваат пиони во борбата за моќ, некако не успеа целосно да заживее ниту со Лигата на народите ниту со Обединетите нации.
Правдата и праведноста формално се почетната и завршната точка во темелните документи на меѓународните организации што претендираат на демократијата како свој препознатлив и заштитен белег. Европската Унија, секако, е таква меѓународна организација на 28 земји-членки, која во својата поставеност ултимативно се повикува на правдата, правото и праведноста. Дури има и Европски ден на правдата, 25 Октомври, еден ден по Денот на Обединетите нации.

Македонија, како мала земја, но членка на Обединетите нации и земја со специфичен статус на кандидатка за членка на Европската Унија, речиси три децении од нејзината независност како самостојна држава е континуирано поставена пред предизвикот на постојано докажување на правото за еднаква правда и третман во овие организации, кои се гордеат со својата принципиелна праведност. Во својата тридецениска независност, Македонија има добиено и една пресуда во своја корист од Меѓународниот суд на правдата, орган на ООН, со која е потврдено нејзиното право на себеименување (односно проблематизирањето на историското име на државата од страна на соседна Грција да не биде пречка за нејзино членство во меѓународните организации), но исто така со посредник од истата ООН беше наведена на „компромисно“ менување на името, со што е отворена македонската идентитетско-историска Пандорина кутија. Заплетот со (не)праведниот однос на меѓународната заедница спрема една мала, но суверена земја на која ѝ припаѓаат сите права од Повелбата на ООН, не се заврши со менувањето на името на државата и доби ново продолжение низ лавиринтите на бирократизирана деформација на правдата на ЕУ. На Македонија, како земја-кандидат со статус на условно започнат процес на отворање на преговорите за членство во Европската Унија, особено ѝ се обрнува внимание во преговарачкиот процес да се посвети на преговарачкото поглавје 23, кое се однесува на судството и фундаменталните права, односно одржување и заштита на владеењето на правото преку независно и непристрасно судство. Често се нагласува дека ова поглавје прво се отвора и последно се затвора во преговарачкиот процес. Наспроти ваквите „предупредувања“ и очекувања за Македонија од ЕУ во (сѐ уште фактички незапочнатиот) преговарачки процес за полноправно членство, досегашниот претпристапен евроинтеграциски пат на Македонија е исполнет со предизвикот на нетипични (не)правди во однос на почитувањето на нејзините универзални човекови права, наведени во Декларацијата на ОН, како и во основачките акти на Европската Унија.

Правото на правда за Македонија и понатаму се редуцира со нови услови за почеток на преговорите со ЕУ, неприменети во ниту еден преговарачки процес досега за членство во Унијата, кои флагрантно ги компромитираат принципите и праведноста на Унијата. Актуелно, Македонија уште еднаш е ставена под политички притисок од (членка на) ЕУ за менување на сопствениот устав, за да започне со отворање на поглавјата од преговарачкиот процес за членство во Унијата. Да, за отворање на оној процес каде што поглавјето поврзано со правдата (т.е. владеењето на правото) прво се отвора и последно се затвора и каде што Македонците, очигледно, ќе бидат повторно тестирани со „борбата за своите правдини“, како во стихот на својата химна.
Меѓународната заедница и ЕУ последниве години постојано велат дека го преиспитуваат својот концепт на функционирање во сопствената предимензионираност, а принципите им се разнишуваат со секое геополитичко (неочекувано) раздвижување. Но таквото ново „себепронаоѓање“ никако не го оправдува, ниту го прикрива фактот дека ООН и ЕУ потфрлија од аспект на правдата, почитувањето на меѓународното право и суверената еднаквост на државите. За жал, Македонија најлицемерно го чувствува тоа на „своја кожа“, постојано докажувајќи го правото на правда, во свет што признава дека е збунет самиот од себе, подготвен да толерира неправда кога мисли дека не е загрозена неговата удобност.