Низ целиот свет несигурноста поради недостиг од храна се зголемува. Експертите предвидуваат дека бројот на гладни лица ќе се зголеми двојно за време на пандемијата на ковид-19. Низ Африка владите се борат да ги обезбедат за најпотребните намирници. Во Буркина Фасо, која во еден момент имаше најголем број смртни случаи од ковид-19 во супсахарска Африка, повеќе од 2,1 милиони луѓе немаат доволно за јадење. Во Најроби луѓето се борат за секој нивен следен оброк. Во Кејп Таун полицијата неодамна се судри со жители што не добија порции со ориз, грав, масло и други продукти.
Но тоа не се случува само во Африка. Трагедијата се одвива низ целиот свет. Во Феникс автомобилите се редат два часа пред да се дистрибуираат кутиите со конзервирани продукти. Во Охајо неодамна повеќе од 4.000 луѓе чекаа со часови да ги соберат пакувањата полни со овесни каши и тестенини.
Лидерите мора итно да најдат начини да обезбедат доволно снабдување со храна за време на кризата со ковид-19. Поради карантинот, болести и изгубени приходи, гладот ќе се зголемува. Бидејќи развиените и земјите во развој се еднакво засегнати, мора заедно да се најдат решенија.
Анализата на податоците е клучен начин за следење на несигурноста со храната. Она што е потребно е алатка за мапирање во реално време, како таблата со податоци развиена во Центарот за наука и инженерство на универзитетот „Џонс Хопкинс“ наменета за следење на потврдените случаи на коронавирусот. И владите, но и невладините организации и другите во првите редови на борбата против гладот треба да поддржат таква иницијатива.
На крајот на краиштата, навремената информација е неопходна за дијагностицирање и елиминација на проблемот. Податоците во реално време ги информираат локалните и националните лидери, банките за храна и невладините организации како да се подготват и да одговорат на новите потреби. На пример, земјоделците што имаат вишок расипливи производи можат да ги пријават, а потоа може да се организираат пратки за да ја прераспределат храната во заедниците и домаќинствата на кои им е потребна.
Исто така и целните политики се неопходни. Лидерите мора да воспостават иницијативи за да ги обезбедат луѓето со информација каде можат да го добијат следниот оброк. Во САД субвенциите од 2.000 милијарди долари, кои беа усвоени во март, ќе помогнат при поддршката на приходите кај домаќинствата. Во април, градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, објави иницијатива од 170 милиони долари за спречување на гладот. Другите американски држави започнаа со преземање слични чекори.
Во Африка креаторите на политиките мора да ја направат безбедноста на храната како главен приоритет, додека карантинските мерки сѐ уште се во сила. Граѓаните не треба да се борат едни со други за својот следен оброк. Владите треба да донесат пакет субвенции што ќе им помагаат на сите граѓани. Додека намалувањата на платите како оние што ги примени претседателот на Јужна Африка, за министрите и преостанатите локални лидери беа симболично важни, но сепак обезбедија средства за своите граѓани. Многумина и пред кризата живееја лошо, а сега дополнително се соочуваат со избор помеѓу глад и болест. Во исто време да се бара луѓето да останат дома без да обезбедат ресурси за својот живот е неморално.
Затоа наоѓањето креативни начини за дистрибуција на помош за време на пандемијата на ковид-19 е клучно. На пример, Виетнам има автомати за ориз. Потребни се повеќе иновации како таа. Сепак, најважно е светските лидери да ги отстранат трговските бариери, така што снабдувањето ќе продолжи да се одвива непрекинато и преку границите, мерка што неодамна ја истакнаа и извршните директори на разни мултинационални компании за храна.
Реалноста е дека пандемијата влијае на сите нас, и сите ние мора да сториме сѐ за да го ублажиме влијанието врз најранливите. Некои од најбогатите избраа да се борат со проблемот. На пример, некои отворија веб-страница преку американската фондација за храна, која досега собра над 26 милиони долари. Неколку познати личности исто така донираа за добротворни цели. Но да не се залажуваме – добротворството никогаш нема да биде доволно. Јакнењето на напорите за гарантирање безбедност на храната за сите е од суштинско значење за да се спречи ковид-19 да стане хуманитарна несреќа и таа цел е императив за сите креатори на политики.
Авторката е професорка на Универзитетот на Илиноис