Во последно време на македонската политичка сцена се чувствува голема раздвиженост од страна на политичките субјекти, било да се работи по позиција или опозициjа, а сето тоа е резултат на претстојните претседaтелски избори, кои се закажани за 21 април оваа година.

Во политичките табори на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се поднесуваат кандидатури на влијателни личности што се пред и над сѐ познати се во јавноста во сите сфери од општествениот живот. Но, на големо изненадување, прв со кандидатура за потенцијален претседател на Република Северна Македонија од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше актуелниот пратеник Влатко Ѓорчев. Со тоа Ѓорчев го скрши мразот во поглед на партиската кандидатура за потенцијален претседател на претстојните претседателски изборни соочувања.

Во една пригода самиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласи дека Ѓорчев, со спортски жаргон кажано, во буквална смисла на зборот е Франческо Тоти, фудбалерот што од почетокот до крајот на својата фудбалска кариера ги бранеше боите на римската волчица Рома. Во еден таков настап на лидерот на најголемата опозициска партија во нашата земја, обичниот македонски електорат во прв момент заклучи дека Ѓорчев е веројатно потенцијалниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори.

Но едно е да се лиферува во јавноста личност за потенцијален кандидат, а сосема друго е гласањето на партиската конвенција на матичната партија. Па, така, на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга (16 февруари 2019 година), со 408 гласа „за“ беше номинирана универзитетската професорка Гордана Силјаноска-Давкова за потенцијален кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори. Па, така, македонскиот Тоти, Влатко Ѓорчев, доби само 80 гласа.

Логично, во едни вакви околности, се поставува прашањето дали беше избрзана самата кандидатура на Влатко Ѓорчев за претседателски кандидат. Дали професорката Силјаноска е лице и опачина од доверба на Христијан Мицкоски? Дали Силјаноска ја доби поддршката од актуелниот претседател на Република Северна Македонија, а наедно и свој колега од УКИМ, Ѓорге Иванов.

Во оваа пригода обичниот македонски електорат си поставува прашање каков настап ќе има портокаловиот кандидат за потенцијален претседател на Република Северна Македонија кога јасно и гласно од неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека ако дојдат на власт, ќе ги поништат договорот од Преспа и Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија.

Овде да бидеме начисто: претседателските избори ќе бидат репер за следните, било да се работи за вонредни или редовни, парламентарни соочувања. Па, така, македонскиот Тоти може да здивне и да не се разочарува од неговиот катастрофален пораз на неодамнешната партиска конвенција на неговата матична партија, која се одржа во Струга.

Дипл. ек. Рубинчо В. Јованоски
од Прилеп, новинар