Француските мечувалци ќе имаат можност да ги остварат своите фантазии за „Војна на ѕвездите“, затоа што Мечувалската федерација на таа земја го призна мечувањето со светлечки мечеви како натпреварувачки спорт. Така, легендарното оружје од филмската сага на Џорџ Лукас ќе го има истиот статус како флоретот, епето и сабјата, кои традиционално се користат на Летните олимписки игри, пишува ЕСПН.

Секако, со репликите на поликарбонатниот светлечки меч со вградени ЛЕД-светилки не може да се пресечe на половина лошиот џедај. Но тие изгледаат и звучат неверојатно слично на филмските мечеви со кои ракуваат Јода и другите ликови во мегапопуларните филмови, а некои нивни поскапи верзии дури и имаат вграден чип на рачката за гласовно модификување.

Ова ќе изгледа доста реалистично во дуелите на мечувалците, кои ќе треба да ги покажат своите вештини во три минути. Вештините што се користат во борбите со светлечки мечеви се делумна причина зошто Француската мечувалска федерација одлучи да ја официјализира оваа дисциплина и сега работи на тоа да ги опреми мечувалските клубови со светлечки мечеви и да ги обучи идните инструктори по оваа дисциплина. Исто како искусните џедаи, Француската федерација смета дека ќе се бори против темната страна, а тоа е неактивноста на сѐ поголем број возрасни и деца во 21 век.

– Филмовите со наметки и со мечеви отсекогаш имале големо влијание врз мечувалската федерација и нејзиниот пораст. Истото тоа се случува и со филмовите со светлосен меч. Младите сакаат да пробаат – вели Серж Обели, генералниот секретар на федерацијата.

Борбите се одвиваат во круг означен на лента на подот. Удар на главата или на телото вреди пет поени, на рацете или на нозете по три; на дланките еден поен. Победува првиот што ќе стигне до 15 поени или подобриот по три минути.