Почитувана редакцијо, во врска со написот „Вистината за Владимир Ралев“, објавен во вторник, 11 декември, на стр. 9 во „Нова Македонија, од Ристо Ралев, брат на Владо Ралев, го давам овој одговор:
Го разбирам незадоволството на г. Ристо Ралев од објавениот текст, дел од мојата книга „До атентатот и по него“. Тој има своја слика за својот брат Владо Ралев и, секако, во најголем дел, таа слика е точна. Јас бев во друга положба кога ја пишував својата книга. Единствениот контакт со Владо Раев го имав во Швајцарија, и тоа по негова иницијатива. Тој ме покани на ручек, ја прифатив поканата, надевајќи се дека за време на ручекот ќе ми зборува за своето искуство во бизнисот, за кое малку знаев. Тоа беше и причината зошто ја прифатив поканата.
Меѓутоа, штом седнавме да ручаме, Владо почна да ми зборува за тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Данаилов Фрчкоски. Тоа што ми го зборуваше Владо тогаш е точно напишано во мојата книга. Се обидов во разговорот да ја прошириме темата, го потсетив дека само пред две недели грчката влада воведе ембарго кон Македонија, а тоа мое потсетување тој го прескокна и продолжи да ми зборува за министерот Фрчкоски, така како што напишав во книгата.
Откако долго му објаснував дека не го мразам министерот Фрчкоски, туку имам сериозни забелешки на неговата работа, Владо само делумно ја промени темата, зборувајќи ми за оружје. Како што напишав, тој ми рече дека носи со себе оружје и некако како да ме посоветува и јас да носам оружје, заради лична безбедност. Му кажав дека мојот став кон оружјето е токму таков како што напишав во книгата. Патем, само да кажам, дека во мојата книга не постои зборот „пиштолџија“, тој збор не постои ниту во текстот што е пренесен од книгата. Воведувањето на тој збор е дел од редакциската подготовка на весникот.
Книгата „До атентатот и по него“ ја пишував 14 месеци. Во ракопис ја прочитаа седуммина во кои имав и доверба и бев убеден дека се добри познавачи на материјата што ја зафаќа книгата. Книгата мина низ пет поправки и дотерувања. Во петтата преработка е внесен еден податок што Ристо не го спомнува, а можеби тој податок го зголемил незадоволството кај него. Тоа е споменувањето на можноста Владо Ралев да бил соработник на УДБ-а уште пред да ја почне својата кариера како бизнисмен. Книгата дефинитивно е објавена со таа додавка.
Жал ми е што Владо Ралев не ми даде можност за нова средба, во која би дознал и за целата негова кариера во бизнисот. Владо Ралев беше еден од поважните донатори, и во книгата го внесов тој податок.
Стојан Андов