По последниот развој на настаните сосема логично се поставува и прашањето можно ли е една таква институција, која беше формирана како алатка за борба против организираниот криминал, да стане дувло на криминалот. За да нема какви било сомнежи сето тоа треба да го докаже истрагата, зашто реномето и угледот на целата институција, но и на државата, се во прашање
Да се разбираше од политика и политикантство шимпанзото Коко уште веднаш ќе побараше да го вратат назад во Холандија. Зашто изминативе години, додека тој се лекуваше од депресија надвор од земјава, Македонија како да се поболе многу повеќе од него.
Лекот за болката сѐ уште никој не го знае ниту пак нејзиниот причинител.
Некои викаат дека станувало збор за силна пресија, со тенденција кај некого да прерасне и во депресија, други за велепредавство и индуцирана амнезија по веќе преживеаната амнестија, трети за синдром на чист апашлук, кој се настојува да се претстави поинаку итн.
Во меѓувреме, во отсуство на вистинскиот Коко, тука се појавија некои измислени ликови со необични прекари како Кики, Фрики, Коки…
И сега целата јавност си лупа глава, кои се, што се, кој стои зад нив, до каде им досегале пипалата, пардон лепливите прсти.
А, всушност, според последните официјални изјави, такви ликови во реалноста немало. Воопшто не постоеле. Сѐ било ветер и магла или забава за јавноста.
Како и да е, едно е јасно. Вистинскиот Коко барем го зачува името, Македонија не успеа ниту во тоа. Можеби затоа сега во реалниот живот сѐ повеќе се користат измислени имиња псевдоними, прекари за да се прикријат вистинските актери.
На репертоарот на домашната општествена сцена во моментов најактуелна е претставата насловена „Рекет“. Истрагата за неа е во тек, при што не смее да се наруши пресумцијата на невиност. Што би рекле сите се невини и никој не е виновен додека во соодветна постапка не се докаже спротивното. Искуството, пак, покажува дека тоа кај нас ретко се случува.
Нема огрешени од законот и никој за ништо не е одговорен. Станавме земја на невини или на паднати од Марс. Оние де, што не се оттука, што се оградуваат дури и од самите себе, што не чуле и не виделе ништо. Државата смени име, но вината и одговорноста останаа безимени.
Во вакви околности во стилот на босанската хумористична серија, луд, збунет, нормален би се осврнал сепак на два сегмента, кои беа јавно посочени на последната таканаречена прес-конференцијата на специјалното јавно обвинителство.
Првиот е јавно изреченото признание дека сите одлуки, потписи, решенија, за притвор, одземање или враќање пасоши на осомничени лица биле носени и зависеле само од едно лице. Тоа значи дека многубројниот тим стручни и компетентни личности, со кои несомнено располага СЈО и кои самостојно воделе истраги, во суштина зависел и бил диригиран од едно лице, кое сега е во оставка, на боледување, или којзнае каде.
Ваквото признание може да се толкува и како автогол или личен пораз на целото СЈО.
Бидејќи целиот стручен и компетентен тим го сведува на ниво на понизно и безгласно чиновниче, кое нема поим што се случува околу него.
Сега дали биле под нечиј чадор и зависни само од нивниот шеф или уште и од некој друг центар на моќ, треба да покаже истрагата. Ако што било покаже и докаже.
Од друга страна, на истата прес-конференција слушнавме и јасно оградување во стилот Педро нека виси, ние сме чисти. Примарен интерес е да се зачува интегритетот на институцијата, порачаа од СЈО.
Се согласувам дека не може да постои колективна одговорност и секој треба да одговора за своите постапки, но токму СЈО беше поставено како некаква надинституција со широки овластувања и слобода на дејствување, висок буџет итн. Зад оваа институција на почетокот застанаа сите политички партии, граѓанскиот сектор, меѓународната заедница и од нив се очекуваа големи резултати, и примена на правната држава. Со еден збор, СЈО се доживуваше како ѕвезда водилка, икона, симбол на правото и правдата.
Во таа насока и по последниот развој на настаните сосема логично се поставува и прашањето можно ли е една таква институција, која беше формирана како алатка за борба против организираниот криминал, да стане дувло на криминалот. За да нема какви било сомнежи сето тоа треба да го докаже истрагата, зашто реномето и угледот на целата институција, но и на државата, се во прашање.
Граѓаните ги очекуваат одговорите на ова прашање што поскоро. Во најмала рака, сите детали и одговори државата им ги должи на граѓаните зашто токму со нивни пари беше плаќан и целиот тим на оваа институција.
И во ваква атмосфера, држ не дај, прво се закажа па потоа вчера и се откажа лидерската средба, како само уште една потврда за девалвација на институциите, и надмоќта на индивидуите над системот. Тројца, четворица или не е важно колку лидери повторно самите си земаат за право да решаваат за судбината на државата.
Исто како порано. Пред да ни се случи Охридскиот договор, пред Пржино 1, 2 и 3, пред Преспанскиот договор итн.
Или можеби лидерите и овој пат ќе решаваат за својата лична позиција и интересите на партиите што ги претставуваат. Собранието, институциите, процедурите, за жал, повторно се фрлени и поттурнати настрана. Исто како и интересите на народот и граѓаните, кои, пак, сакаат да видат правда, мирен живот, без потреси, без скандали, без корупција…
Сакаат да видат ефикасни институции и го бараат тоа што им беше ветувано, и од власта и од опозицијата. И, веројатно, најмногу од сѐ очекуваат правда и правна држава, која не можат да ја видат. А која политичарите никако не ја вадат од уста. Изгледа колку повеќе ја споменуваат толку помалку ја има. Затоа доста ни е веќе од произволно толкување и сквернавење на светите поими и начела на кои се темелат правото и правна држава.
Крајно време е за вистинска правда. Сега и веднаш.
П.С
Му се извинувам на шимпанзото Коко за употреба на неговото име на почетокот на текстот и му посакувам долг и среќен живот во својата родна земја. Тој барем се врати дома, во време кога многумина бараат начин како да му ја здувнат што подалеку од тука.
aleksandar.d@novamakedonija,.com.mk