Земјата на апсурдни компромиси

Откако Македонија го извлече подебелиот крај од компромисите постигнати во Охрид и Преспа, некој со право праша дали Дојран можеби ќе биде местото каде што се подготвува некој нов компромис со Бугарија, се разбира повторно на наша штета, оти ние поинаку не знаеме. Очигледно Борел не доаѓа во Македонија на 18 март да се увери околу подготвеноста на македонската армија, туку повеќе ќе го интересира до каде е работата со уставните измени, оти роковите истекуваат. Пак ќе бидеме сведоци на старата реторика дека уставните измени се неопходни доколку земјава сака да чекори напред, но повторно ќе молчи кога некој ќе го праша до која година
Македонија може да се надева за членство во ЕУ

Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, на 18 март ќе се сретнат во Охрид, каде што се очекува да разговараат за планот за имплементација што е составен дел на европскиот предлог, кој сега се нарекува Спогодба за патот кон нормализација на Србија и Косово.
Чудно е како Охрид, односно Македонија, се најде во позиција да биде домаќин на оваа српско-косовска средба токму во моментот кога во нејзина посета пристигнува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, па кога е веќе во близина, зошто да не наминат и Вучиќ и Курти и да се заврши целата работа околу постигнувањето евентуален српско-косовски договор. Уште почудно е што средбата на 18 март доаѓа откако претходно и Македонија сама се понуди да биде некаков посредник во постигнувањето конечен договор меѓу Србија и Косово за затворање на сите отворени прашања, така што очигледно постоела некаква координација со сите инволвирани актери за да може во Охрид конечно да се стави печат на една балканска незавршена приказна.
За Курти симболиката на Македонија е во тоа што во Куманово беше потпишан таканаречениот Кумановски договор, со кој им се стави крај на режимот на Милошевиќ и на Југославија од негово време, по што силите на НАТО влегоа на Косово и де факто го отворија патот за неговата независност. Вучиќ не гледа симболика, туку приоѓа од рационалната страна, дека Борел доаѓа во близина, па сака на еден трошок да се види со двајцата лидери.
Како и да е, очигледно меѓународната заедница добро проценила досега дека македонското тло е исклучително погодно за секакви компромиси, можни и неможни, па се надева дека мајата ќе ги фати и преостанатите земји во регионот, па и тие ќе постигнат некаков финален компромис околу отворените прашања.
За жал, компромисите што ги искрка Македонија секогаш беа на нејзина штета. Поради компромис земјата мораше да прифати прием во Обединетите нации во 1993 година со привремена референца, која остана речиси 30 години, спротивно на меѓународното право и на самата Повелба на ОН, со која на секоја држава ѝ се дозволува самата да го избере сопственото име. За Македонија не важеше тоа.
Дека македонската почва е исклучително погодна за компромиси кои како по правило се на штета на македонскиот народ се покажа и со промената на државното знаме во 1995 година, кога сонцето од Кутлеш мораше да биде заменето со актуелното државно знаме со осум краци. Компромис беа и уставните измени со кои земјава се откажа од малцинствата во соседните држави. Компромиси на македонско тло се правеа и кога Грција ја блокираше јужната граница и ја остави земјава без енергенти, без притоа да има сериозна реакција од меѓународните институции. Штетата што тогаш ја претрпе Македонија беше проценета на две милијарди американски долари, а тежината на ембаргото за Македонија беше дотолку поголема што во исто време беше во сила трговско ембарго од ОН кон СР Југославија, кое Македонија беше принудена да го почитува.

Земјава мораше да направи компромис на своја штета и кога НАТО-трупите се истоварија во огромен број на нејзина територија пред нападот врз СР Југославија, оштетувајќи ја патната инфраструктура. Како што почна конфликтот, следуваше огромен бран косовски бегалци што Македонија ги прими, а за возврат не доби никаква финансиска помош од меѓународната заедница. Се редеа светски претседатели, актери, хуманитарци во обиколка на косовските бегалци, без притоа кој било да праша како ѝ е на Македонија. И наместо благодарам, истите тие Косовци подоцна облекоа униформи и ја нападнаа територијата на Македонија, вршејќи терористички активности во северозападниот дел на земјата. На крајот и ова кулминира со компромис постигнат токму во Охрид, од кој произлезе фамозниот Охридски рамковен договор, со кој се запечати судбината на Македонија како држава на македонскиот народ и другите заедници. Подоцна мораше да се прават компромиси и со новата територијална поделба за некому да му се валоризираат воените дејства од 2001 година, со што само се потврди дека конфликтот бил исклучиво за територии, а не за наводни човекови права.
Уште еден болен компромис беше постигнат со Грција, повторно на македонска (егејска) почва, во малото село Нивици, на брегот на Преспанско Езеро. Тука со тој компромис се погреба Република Македонија и се нагрди со географска одредница, за која никој сè уште не е сигурен за какви цели ќе биде употребена во иднина. Ако некаде има јужна, има централна, има западна, логично е некој утре да посака и северна да стане дел од географската целина наречена Македонија. Тој компромис од Нивици ја чинеше земјава губење на македонскиот идентитет и создавање нов „северномакедонски“, кој никако не може да се поврзе со некаков македонски континуитет, туку многу повеќе со некоја нова нација што им оди во прилог на соседните земји.
Откако Македонија го извлече подебелиот крај од компромисите постигнати во Охрид и Преспа, некој со право праша дали Дојран можеби ќе биде местото каде што се подготвува некој нов компромис со Бугарија, се разбира повторно на наша штета, оти ние поинаку не знаеме.

Како и да е, сиве овие години земјава правеше компромиси сама со себе, оти таа постојано се откажуваше од нешто, додека втората страна, која и да беше, немаше никакви обврски и не се откажуваше од ништо што е нејзино. Тоа е своевиден феномен, кој ни се повторува со секој направен компромис во оваа земја на апсурдни компромиси.
Затоа, повеќе од очигледно е дека Борел не доаѓа во Македонија на 18 март да се увери околу подготвеноста на македонската армија, туку повеќе ќе го интересира до каде е работата со уставните измени, оти роковите истекуваат. Пак ќе бидеме сведоци на старата реторика дека уставните измени се неопходни доколку земјава сака да чекори напред, но европскиот гостин повторно ќе молчи кога некој ќе го праша за некаква временска рамка во која Македонија може да се надева за членство во ЕУ.
На крајот, повторно да се вратам на Вучиќ и Курти. Двајцата дотерани, со намуртен израз на лицето, ќе ги послужат со убава пастрмка, некое врвно македонско бело вино (за разлика од Брисел, каде што им сервираа колачи и диетална „кока-кола“), камерите ќе снимат кратки кадри и потоа вратите за јавноста ќе се затворат. Што ќе се договара, што ќе се решава, само Господ знае. Ако на крајот излезе некаков компромис, можеби тоа ќе биде некаков нов охридски договор што утре ќе го слават и Косово и Србија, како ден кога двете страни победиле. Поентата е да нема губитници, нели? А и кармата е тука во прашање, така што кога туѓинци на наше тло ќе одлучуваат за судбината на своите земји, можеби ќе поминат подобро од тоа како ние поминавме кога туѓинци решаваа за судбината на Македонија во Букурешт. Сите наши компромиси се покажаа погубни, но да не кобиме и да им посакаме многу среќа и успех на другите. Можеби тие ќе дојдат до некаков вистински компромис.