Законот е еднаков за сите, зашто и одговорноста е истоветна

Славниот германскиот правен теоретичар Рудолф фон Јеринг истакнал дека Стариот Рим се ширел низ светот на три начини, и тоа прво преку своите војски, понатаму преку својата религија, но третиот начин, како највисок стадиум на култивирање и напредок на општествата, бил преку воведување закони, ред и поредок. И тоа не еднострано наметнување, туку со доследно, севкупно и сестрано почитување на истите тие, преку што се доаѓа до слобода на поединецот и општеството и избегнување на хаосот и анархијата. Но без одговорност од оние што ги спроведуваат законите, нишката на законитост, правдина и слобода – се кине!

Повеќе од еден век, западните европски држави, како што се Германија или Франција, имаат најдобар образовен систем, најдобар истражувачки капацитет и напредна технологија во светот. Во изминатиов период, светот се соочува со многу предизвици, но Европската Унија и понатаму има висок бруто-домашен производ (БДП) и произведува многу квалитетни добра. Еден од потпорните столбови на овој успех ќе ни биде мотив за опсервација во овој денешен осврт: правдината – правото – спроведувањето – одговорноста!
Имено, најголемиот дел од европските држави се наследниците на Стариот Рим, односно на старата римска држава, која останува запаметена како една од најмоќните и највлијателни империи во историјата на човештвото. Римското наследство е евидентно во многу европски градови, не случајно на многу објекти од јавен карактер, како што е градското собрание во Лугано или во Ротердам можеме да прочитаме: In legibus libertas. Quid leges sine moribus et fides sine operibus. Но која е пораката?
Одговорот можеме да го насетиме во искажувањето на славниот германски правен теоретичар Рудолф фон Јеринг, кој истакнал дека Стариот Рим се ширел низ светот на три начини, и тоа прво преку своите војски, понатаму преку својата религија, но третиот начин, како највисок стадиум на култивирање и напредок на општествата, бил преку воведување закони, ред и поредок. И тоа не еднострано наметнување, туку со доследно севкупно и сестрано почитување на истите тие, преку што се доаѓа до слобода на поединецот и општеството и избегнување на хаосот и анархијата. Но без одговорност на оние што ги спроведуваат законите, нишката на законитост, правдина и слобода – се кине! Имено, со спроведувањето на законите неразделно одат „априори дадената доверба/мандат од граѓаните на оние избраните и апостериори – одговорноста на оние што ги спроведуваат законите“. Односно оние на кои им е дадена довербата за спроведување на законите носат апсолутна одговорност за своите постапки! Едно без друго не може: законитост – слободи – доверба – одговорност!
Голем број светски универзитетски професори, политиколози и правни експерти посочуваат дека во споредба со други држави во светот, правото му претходело на подемот на модерната европска држава, односно дека во западноевропските држави со векови постоела тенденција правото, односно спроведувањето на законите да биде обврзувачко дури и за најмоќните политички фактори во општеството. Ова е резултат на влијанието на римското право врз современите европски правни системи, впрочем тие се обликуваат значително, директно или индиректно од концептите на римското право.

Но зошто спроведувањето на законите и прописите е важно? Од нивното спроведување зависат одржувањето на општествениот поредок и воспоставувањето на правдата. Законот не е само правото, тој е многу повеќе. Тој е за подобрување на општеството, а без спроведување на законите и прописите, законот ќе биде бесмислен. На луѓето им треба правда, како и социјален просперитет преку спроведување на законите. Од друга страна, имплементацијата на законите исто така ги освестува луѓето дека правната сигурност навистина постои во општеството. Затоа владите донесуваат закони за општеството и тие треба да го спроведуваат законот за да се осигурат дека владеењето на законите постои во општеството.
Каде сме ние во оваа приказна? Еве пример… Во македонскиот Закон за заштита од пушењето се вели: „Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично), исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со тенди, чадори и слично, а кој странично е заграден (дискоклубови на отворен простор, тераси, летни бавчи и слично)“.

И покрај оваа законска регулатива, многумина од нас повеќепати посведочиле дека во многу деловни објекти, но дури и во јавни установи, не се почитува забраната за пушење. Без да навлегуваме во подлабока анализа, ова многу кажува за нашето општество. Секоја сериозна држава, особено држава што настојува да биде членка на Европската Унија, мора да ги почитува и спроведува законите, односно мора да има владеење на правото.
На секое општество му е потребен поредок, кој е условен од одредени правила и прописи, односно од закони. Доколку законите не се спроведуваат, државата и институциите го губат авторитетот, а губењето на авторитетот го доведува во прашање функционирањето на државата, односно суштината на институциите.
На крајот да одговориме на прашањето – која е тајната на успехот на западноевропските држави? Жителите на Берлин, Париз или на Лугано се слободни граѓани, затоа што во законитоста се слободите. Тие како слободни граѓани ја сакаат својата татковина и имаат доверба во институциите, со што државата има авторитет за нормално функционирање на општеството. Всушност, во Западна Европа, оние на кои им е дадена довербата за спроведување на законите, сносат одговорност за спроведувањето или неспроведувањето на законите. Затоа, од спроведувањето на македонскиот Закон за заштита од пушењето не зависи само здравјето на граѓаните туку и здравјето на македонската држава.