На крајот, сега кога ни стана јасно дека Грција бара стриктно и нефлексибилно да го читаме и применуваме договорот од Нивици, крајно време е и ние да се преиспитаме колку и Грција го прочитала и применила Преспанскиот договор. Договорот при потпишувањето бил, демек, од обостран интерес… И да е така, а не е така (тој беше апсолутно асиметричен во полза на Грција), тогаш секој договор повлекува обврски од двете страни! И повторно не е така: само македонската страна исполнува, а другата страна – ништо! Тогаш, договорот по силата на таквиот факт е – ништовен!
Чуден народ сме ние. Многу често се однесуваме, што би рекле старите, како да не сме од тука и дури отпосле стануваме свесни за последиците со кои подоцна се соочуваме од тоа што (не)свесно сме го потпишале ние или некои други во наше име. Откако на референдумот на 8 Септември 1991 година Македонија консензуално се определи за своја, независна, самостојна и суверена држава Република Македонија, нешто подоцна, под притисок на соседна Грција бевме „прекрстени“ најпрво во ФИРОМ, потоа и како „Втора страна“. За првото преименување, наивно и лесноумно прифативме дека тоа привремено име ќе трае само два месеца, но траеше со децении, сѐ до Нивици 2018 год.
Кога на 17 јуни 2018 година, по неколкудецениски разговори и преговори во Нивици – Преспа, беше потпишан Преспанскиот договор, на македонската јавност ѝ беше продадена приказна дека со потпишувањето на договорот конечно се реши спорот за името со Грција и патот за Брисел е ширум отворен. Тогаш, ни власта ни опозицијата, а ни граѓаните не ги интересираше многу што стои во договорот, особено во фуснотите напишани со ситни букви, и кои обврски ги презеде Македонија со неговото потпишување. Пет години подоцна, кога во понеделникот на 12 февруари 2024 година граѓаните вечерта пред да си легнат беа „информирани“ дека доколку немаат патни исправи или лични документи и возачки дозволи со новото уставно име, тие не ќе можат да ја напуштат државата, станаа свесни на последиците од Договорот во Нивици.
Откако ни новиот технички министер за внатрешни работи Панче Тошевски не успеа да ја разубеди амбасадорката на Грција да ја одложи примената на договорот, а од Грција стигна официјална информација дека договорот има меѓународен карактер и дека мора да се почитува, сите во Македонија станаа свесни што ги снајде.
Сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата во која се најдоа стотици илјади граѓани на Македонија во земјата и илјадници во странство и разбирајќи го гневот на народот истурен на социјалните мрежи, политичарите, во неможност да го решат проблемот, се обидоа наврат-нанос да го пролонгираат важењето на Договорот од Нивици. Собранието по итна постапка, буквално на пет минути пред полноќ, ги донесе законските измени, со кои, наместо 12 февруари 2024 година, крајниот рок за замена на возачките дозволи со ознака „Република Македонија“ ќе биде 31 декември 2024, а претседателот Стево Пендаровски во минута до 12 го потпиша указот за измените, со кои се пролонгира важењето на возачките дозволи до крајот на годината.
Иако роковите за смена на патните исправи и личните документи почнаа да течат по потпишувањето на Договорот од Нивици на 18 јуни 2018 година, а особено со промената на Уставот во февруари 2019 година, за жал, цели пет години, не само граѓаните туку и надлежните државни и владини институции си спиеја на уши и речиси ништо не направија до крајниот рок од договорот, 12 февруари 2024 година, да ги (раз)убедат граѓаните на Македонија да ги сменат (не)важечките документи, кои имаа рок на траење до 12 февруари оваа година.
Иако беа свесни дека крајниот рок се ближи, за жал, и Владата опседната со дневните политички (не)прилики и граѓаните не се секираа (пре)многу дали ќе го фатат крајниот рок за смена на документите. Напротив, државата, иако свесна дека роковите се кратки, на граѓаните до последен момент им издаваше патни исправи под името Република Македонија и не започна навреме ни да печати ни да издава лични документи со новото уставно име.
Кога станува збор за македонските граѓани, мене ми е сосема јасно зошто тие се доведоа во ваква ситуација. Ние како народ сме познати дека многу не се секираме за роковите и мислиме дека сѐ ќе завршиме во минута до 12. Но не ми е јасно и не можам да разберам како кон исполнувањето на овој услов од Преспанскиот договор лежерно, а би рекол дури и крајно неодговорно се однесуваа надлежните институции и државни органи. Зарем тие не беа свесни и не знаеја дека роковите течат и навреме да почнат да им издаваат патни исправи и лични документи на граѓаните со новото уставно име, кое тие, без нивна согласност, го прифатија. Зарем никој не се запраша како ќе функционираат граѓаните по истекот на рокот, 12 февруари 2024 год. Можеше и ЕУ, односно некој од емисарите од Брисел што толку се секираат за нашата земја, да ни каже јасно и гласно што ќе нѐ очекува и со каков бес на граѓаните ќе се соочат надлежните! А не дека не знаеја Европејците! Но изгледа состојба на контролиран хаос некому оттаму најмногу му одговара…
Но да се вратиме на темата… Како сега власта, и претходната политичка и оваа т.н. „техничка“ влада, ќе им објасни на оние граѓани што останаа без важечки патни исправи како да излезат или да влезат во државата. Како сега ќе се справат со своите проблеми оние граѓани што се во странство или се тука, а имаат намера да заминат од државата.
Можеше и ЕУ, односно некој од емисарите од Брисел што толку се секираат за нашата земја, да ни каже јасно и гласно што ќе нѐ очекува и со каков бес на граѓаните ќе се соочат надлежните! А не дека не знаеја Европејците! Но изгледа состојба на контролиран хаос некому оттаму најмногу му одговара…
На овие непредвидени и непланирани проблеми се жалат голем број граѓани, кои ни криви ни должни останаа заробеници во својата држава или надвор од неа.
Скандалот со пасошите и другите лични документи на најдобар начин ги потврди нашата неажурност и некадарност навреме да си ги завршуваме работите.
Власта уште по потпишувањето на Преспанскиот договор требаше постојано да ги информира граѓаните дека треба до 12 февруари 2024 година да си ги сменат личните документи. Или, пак, таа намерно, настојувајќи да не си го наруши рејтингот кај народот, си седеше на ушите за да не ги вознемирува своите (со)граѓани со новото име на државата, кон кое најголемиот број од граѓаните имаа(т) анимозитет.
За разлика од граѓаните, кои немаа таква обврска, надлежните државни институции, особено министерствата за внатрешни и за надворешни работи, мораа максимално да се ангажираат не само навреме да ги информираат граѓаните за смена на личните документи туку и да се подготват да испечатат доволен број лични документи и патни исправи за сите свои граѓани што живеат во државата и оние што ја напуштија Македонија. Ваков јавашлак државата не смееше да си дозволи. Надлежните државни и владини служби и институции треба(ше) да знаат дека тие се сервис на граѓаните, бидејќи се платени од нив.
Но тие, опседнати со дневните политики и претстојните претседателски и парламентарни избори, едноставно заборавија на своите обврски и должности и дури сега откако измина рокот на важење на документите се сетија дека стотици илјади граѓани на Македонија ќе останат без важечки документи и без пресуда ќе бидат осудени на домашен притвор.
Тоа што особено загрижува е што и по овој скандал никој не сносеше никаква, па макар и морална одговорност. Едноставно, како и во редица други случаи, сѐ се одвива по онаа стара филозофија „кучињата лаат, карванот си врви“ или „секое чудо за три дена“.
На крајот, сега кога ни стана јасно дека Грција бара доследно да го почитуваме Меѓународниот договор од Нивици, крајно време е и ние како држава добро да го прочитаме Преспанскиот договор и да видиме колку Грција го почитува и спроведува истиот тој.
За да се увериме во тоа дека Грција уво не ја боли за договорот и неговото спроведување не треба да одиме далеку. Доволно е да одиме до граничниот премин „Меџитлија“ каде што ќе видиме дека ние за Грците сѐ уште сме „Фиром“ или „Скопјани“. За неисполнувањето на обврските од договорот од страна на Грција кај нас нема кој да праша или да ги потсети.