Македонија посакува среќен крај и на оваа политичка епизода со ЕУ. Среќниот крај треба да биде среќен за сите нас, треба да ни отвори перспективи, да ни расветли нови патишта, на кои ќе чекориме гордо и со крената глава. Како признаен македонски народ и Македонци со зачуван идентитет, македонски јазик, своја историја, култура и сите други идентитетски обележја. Само така ќе можеме да стоиме на цврсти нозе и само на тој начин ќе можеме да чекориме напред. Никако поинаку
Дали Македонија и македонскиот народ повторно се исправени пред предизвикот да платат превисока цена на патот кон ЕУ? Францускиот предлог со сите свои последици и замки што ги крие во себе ги разбрануваа духовите на сите и ги крена на нозе граѓаните и стручната јавност.
Не беше толку одамна времето кога пропадна референдумското изјаснување поради недоволен одзив на граѓаните во период кога требаше да се смени името на државата и да се прифати Договорот со Грција. Но, и покрај тогашното противење и негодување на граѓаните, политиката го стори своето и беше прифатен Преспанскиот договор и сменето името на државата. Сега пак сме исправени пред нов голем и тежок предизвик. И пак од нас се бара да попуштиме и да се саможртвуваме за отворање на патот кон ЕУ.
Деновиве ни се случуваат протести, граѓански протести на кои повторно народот го искажува своето незадоволство за францускиот предлог. Веќе неколку дена сведочиме за вознемиреност кај македонските граѓани. Било да е тој револт искажан на протест, на социјални мрежи или со разни напишани и објавени текстови, вознемиреноста се чувствува насекаде. Тоа напросто кажано значи дека нешто не чини, дека нешто е гнило во францускиот предлог, кој како гром удри во Македонија.
Политичарите од власта и од опозицијата треба да знаат дека се избрани од народот и за народот. Што значи тоа? Тоа значи дека треба да се слушне гласот на тој народ, дека не треба да се занемарува она што граѓаните и стручната јавност низ разни демократски начини го искажуваат – не сакаат никој однадвор да им наметнува нешто, никој однадвор да не им ја крои иднината по секоја цена. И тоа е сосема легитимно барање.
Не смее да се занемари фактот дека е потребна широка дискусија, со вклученост на сите релевантни структури во државата. Да се слушнат мислењата на сите, бидејќи прашањето за нашето постоење, говорење и битисување не смее никој да го испитува, става на тест или менува.
Доколку помине кој било предлог, без пак да се слушне ставот на граѓаните и стручната јавност, тоа може да значи директно политичко силување на демократското право да се искаже свое мислење. Убаво вели народот, со сила убавина не бидува.
Народот треба да знае што се случува, да се отворат картите и да се стават на маса. Потребна е широка и аргументирана дискусија. Да се консултираат историчари, Македонската академија на науките и уметностите, разни организации, да се расправа ако треба и месец-два во Собранието, за да се слушнат мислењата на сите експерти, на сите запознаени со долгиот и тежок пат низ кој со години чекори нашата татковина.
За судбината на Македонија и Македонците одлучуваме само ние.
Со сета почит кон странските политичари и кон францускиот претседател, кој беше и директно вклучен во креирањето на францускиот предлог, но Макрон сепак не е тој што треба да одлучува за нас. Макрон не го избираат Македонците, го избираат Французите.
Затоа не смее да се донесе брзоплета одлука, која подоцна може да ни се удри од глава.
Ако треба, нека се распише и референдум, референдум на кој граѓаните ќе го кажат своето мислење, меѓутоа само доколку власта одлучи да го послуша.
Власта има на располагање голем број демократски механизми со чија помош ќе донесе одлука во согласност со желбата и волјата на народот.
Сите имаме одговорност по ова прашање. Граѓаните треба гордо и достоинствено да ги застапуваат своите барања.
Деновиве видовме случаи и немили сцени на изблици на револтот. Треба да сме свесни дека манифестирање на какви било форми на насилство во ниту еден случај не е решение. Носителите на високи политички функции треба да бидат крајно внимателни во своето однесување и со своите постапки и изјави да не го
провоцираат незадоволството кај граѓаните или, пак, да ја тестираат нивната издржливост. Граѓаните мора да се чувствуваат заштитено од политичарите, а не да бидат жртви на погрешните политички одлуки.
Да заклучиме, среќен крај не треба да гледаме само на филмови. Среќниот крај треба да го доживееме како позитивен почеток за сите нас. Македонија посакува среќен крај и на оваа политичка епизода со ЕУ.
Да не се дозволи дополнително разочарување на граѓаните, кое само ќе ги мотивира дополнително да заминат од земјава, бидејќи тука никој не го слуша нивниот глас. Среќниот крај треба да биде среќен за сите нас, треба да ни отвори нови врати, да ни расветли нови почетоци, на кои ќе чекориме гордо и со крената глава. Како Македонци и со зачуван идентитет, македонски јазик, своја историја, култура и сите други идентитетски обележја.
Само така ќе можеме да застанеме на цврсти нозе и само на тој начин ќе можеме да чекориме напред. Никако поинаку.