Време е за обединување и заедничко дејствување

Доколку се потрудиме малку повеќе да прелистаме низ многубројните историски сведоштва, можеме да откриеме дека стремежот за татковина бил македонскиот идеал, идеал што го обединил македонскиот народ во борбата против разните пропаганди, влијанија и интереси на соседните и големите држави. Не случајно списанието „Лоза“, една година по основањето на Македонската револуционерна организација (МРО), на своите страници пропагираше дека „е потребно групирање на сите Македонци; сите ние треба да се обединиме и задружно да дејствуваме“. И тука е одговорот на нашето прашање, 23 Октомври како Ден на македонската револуционерна организација е нераскинливо поврзан со македонскиот патриотизам, односно со емоционалната поврзаност – Македонија како заедничка татковина

Се вели дека секој државен празник е многу важен симбол на општеството, државата или нацијата затоа што е суштествен во градењето на единството, кохезијата и чувството за припадност. Но веќе еден подолг период нашите македонски државни празници како да ги чествуваме без суштина и како да ја забораваме нивната внатрешна содржина. Како да забораваме дека токму државните празници го поттикнуваат нашето чувство за поврзаност со минатото, достигнувањата на нашите предци и гордоста кон нашето заедничко наследство. Оваа наша расположба не треба да нѐ изненадува бидејќи хипокризијата е составен дел од нашето битисување, а како заедница и не покажуваме интерес за сплотување. Во таква атмосфера како да одмина и 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, и покрај пораките и честитките што беа испратени до пошироката општествена јавност. Верувам дека за повеќето македонски граѓани 23 Октомври е само неработен ден, како и многу други државни празници, но овој ден има егзистенцијално значење за суштествувањето на македонската нација и држава.
Но која е симболиката на 23 Октомври? На овој ден, во релативно далечната 1893 година во Солун, неколку Македонци поттикнати од идеалот за слобода одлучија да создадат конспиративна организација со која започна македонската револуционерна борба за слобода, но и силното пропагирање дека Македонија е заедничка татковина.

Доколку се потрудиме малку повеќе да прелистаме низ многубројните историски сведоштва, можеме да откриеме дека стремежот за татковина бил македонскиот идеал, идеал што го обединил македонскиот народ во борбата против разните пропаганди, влијанија и интереси на соседните и големите држави. Не случајно списанието „Лоза“, една година по основањето на Македонската револуционерна организација (МРО), на своите страници пропагираше дека „е потребно групирање на сите Македонци; сите ние треба да се обединиме и задружно да дејствуваме“. И тука е одговорот на нашето прашање, 23 Октомври како Ден на македонската револуционерна организација е нераскинливо поврзан со македонскиот патриотизам, односно со емоционалната поврзаност – Македонија како заедничка татковина.
Денес, кога некој се обидува да ни го присвои минатото, а друг се исмејува со македонскиот патриотизам, мора да потсетиме на значењето на патриотизмот. Зборот патриотизам има свои корени во латинскиот збор patriam, кој може да се преведе како дом, татковина или земја, а е синоним за љубов и лојалност кон татковината. Познато е дека љубовта кон татковина беше издигнувана од римските поети, не случајно Квинт Хорациј Флак напишал: „Dulce et decorum est pro patria mori“ (Каква радост, за татковината да се умре). Но денес некои за патриотизмот зајадливо зборуваат како за нешто што е застарено, тесноградо и недостојно. Оваа ироничност произлегува од неумешноста да се разграничи патриотизмот од екстремниот национализам и шовинизам, впрочем патриотизмот не ја поставува сопствената нација над другите нации, нешто што е типично за радикалниот национализам. Шарл де Гол, великиот француски државник и борец против фашизмот, ја познаваше разликата и затоа велеше: „Патриотизам е кога љубовта кон сопствениот народ е на прво место, а национализам е кога на прво место е омразата кон други народи“.

Македонскиот патриотизам нема ништо заедничко со исклучивоста и сегрегацијата на радикалниот национализам, а тоа е совршено видливо и во Уставот на веќе споменатата Македонска револуционерна организација, во кој се вели дека треба да се сплотат во „едно цело сите незадоволни елементи во Македонија“ или дека треба да се отстранат „шовинистичките пропаганди и национални расправии“.
Како општество и нација се соочуваме со голем број егзистенцијални прашања, а повеќемина интелектуалци и општественици ни посочуваат дека решението е во сплотувањето. Но ова е невозможно без љубовта кон татковина, односно без чувството за заедништво. Доколку внимателно анализираме, очигледно е дека кај македонските граѓани, особено кај младата популација, треба да се поттикне љубовта кон татковината. Ова може да се постигне единствено преку изучување на историјата, односно со поттикнување на чувството за поврзаност со нашите предци и заедничкото наследство. Ова е единственото решението за градење единство и кохезија во нашата заедничка татковина Македонија.
Ќе завршиме со великиот македонски револуционер и патриот Јане Сандански, кој велел: „Елате прегрнете го нашето дело и предајте му се, проповедајте го меѓу вашите сонародници, предложете и вие свои средства и сили пред олтарот на општата слобода, станете борци, апостоли на нашето ново слово. Ние ве чекаме со отворени раце. Елате! Обединети, поскоро ќе ги раскинеме општите ни ропски окови“.